text size
„Макстил“ АД Скопје најавува промени во раководната структура на компанијата, во контекст на пошироките корпоративни промени на ниво на матичната групација, со фокус на континуитет во управувањето, стабилност во работењето и понатамошен стратешки развој.
„По речиси пет години на чело на „Макстил“, генералната директорка Марија Дуковска-Павловска донесе лична одлука да започне ново професионално поглавје, посветувајќи се на развојот на сопствена компанија и реализацијата на своите претприемачки амбиции“, соопшти компанијата.
Дуковска-Павловска ќе продолжи да биде дел од „Макстил“ во функција на советник на компанијата, одговорна за екстерна комуникација, придонесувајќи со своето искуство и експертиза за понатамошно унапредување на корпоративната комуникација и односите со засегнатите страни.
За генерален директор е предложен Иван Бановски, искусен индустриски менаџер кој повеќе децении е дел од „Макстил“ и кој во минатото веќе ја извршуваше оваа функција.
„Неговото долгогодишно професионално искуство и темелното познавање на компанијата и меѓународната челична индустрија се значајна основа за континуитет и понатамошен развој“, наведуваат од „Макстил“.
Во рамките на планираните корпоративни промени, предвидена е и промена во составот на Одборот на директори. На местото на досегашниот член Кристијан Карстенс е предложен Џузепе Пратолонго.
„Предложените промени ќе бидат предмет на разгледување на претстојното Собрание на акционери, чие одржување е планирано за јануари 2027 година, и на одлучување од надлежните органи на компанијата“, информираат од „Макстил“.
Стратешките приоритети на „Макстил“ остануваат непроменети: модернизација на производството, зајакнување на меѓународната конкурентност, инвестиции во заштита на животната средина, развој и грижа за вработените и одржливо индустриско производство.