text size
Распродажбата на технолошките акции го натера познатиот инвеститор Мајкл Бери, кој се прослави во 2008 година со тоа што предвиде и заработи од падот на американскиот хипотекарен пазар, да го промени пристапот кон инвестирањето.
Откако ги продаде опциите со кои се обложуваше на пад на технолошкиот индекс Nasdaq 100, неговото портфолио сега содржи повеќе инвестиции во акции за кои очекува раст, отколку инвестиции со кои заработува при пад на нивната вредност.
Добро утро! Ова се петте вести што треба да ги знаете на почетокот на денот, во избор на дигиталната редакција на „Блумберг Адрија“ од Скопје.
„Енвидија“ ги удвои приходите и профитот, а акцијата далеку под рекордната вредност
Во последните недели многу се пишуваше за заминувањето и враќањето на Џенсен Хуанг на позицијата извршен директор на „Енвидија“ (Nvidia), но една интересна информација остана во сенка на настаните околу компанијата, а тоа е дека, според моменталното пазарно вреднување, „Енвидија“ повеќе наликува на „value“ акција отколку на брзорастечка технолошка компанија.
Во исто време, во третиот фискален квартал, „Енвидија“ заработи повеќе од кога било, но дури ни рекордните деловни резултати не успеаја да ја запрат спиралата на опаѓање на акцијата, која во еден момент изгуби речиси половина од својата вредност во споредба со историскиот максимум. Дури по враќањето на Хуанг имаше олеснување, по што акциите на компанијата пораснаа за 31,5 проценти за еден ден.
Оваа реакција на пазарот отвори неколку важни прашања за инвеститорите. Колку квалитетот на управувањето влијае врз вреднувањето на компаниите, зошто една од најбрзорастечките технолошки компании е вреднувана со толку ниски мултипли и дали пазарот претерал со реакцијата?
Европа меѓу соработка и технолошки судир со Кина
Реалната политика на 21 век не се потчинува на едноставни и оптимистички економски равенки. Тоа го потврдуваат сложените и повеќеслојни односи меѓу Европската Унија и Народна Република Кина, кои денес сè повеќе потсетуваат на технолошка Студена војна, каква што гледаме во односите меѓу Пекинг и Вашингтон.
Растечките трговски дисбаланси, заострувањето на дипломатските тензии и сè поострата геоекономска трка за доминација во технологиите на иднината откриваат дека разликите меѓу двете страни станале непремостливи, додека долгорочните очекувања на економските експерти остануваат изразено песимистички. Старогрчкиот историчар Тукидид сметал дека подемот на нова сила неизбежно води кон судир со постојниот хегемон.
Доколку денес беше макроекономист и го набљудуваше експлозивниот раст на кинескиот извоз на европскиот континент, неговите статистички модели без сомнение би предвиделе неизбежна трговска војна од широки размери. Прашањето во европските престолнини одамна веќе не е дали Европа ќе подигне ѕидови на своите надворешни граници, туку колку брзо и високо ќе ги подигне, но и како долгорочно ќе управува со неизбежните асиметрични контрамерки на Пекинг.
Софтверски гигант планира да укине 10.000 работни места поради ВИ
Компанијата САП (SAP SE) подготвува план за укинување на најмалку 10.000 работни места со цел да го трансформира својот софтверски бизнис за ерата на вештачката интелигенција, според лица запознаени со ова прашање.
Реструктурирањето би опфатило најмалку 9 отсто од глобалната работна сила, изјавиле лицата, кои побарале да останат анонимни бидејќи разговорите сè уште се во тек. Вкупниот број на работни места што ќе бидат укинати сè уште не е конечен и може да се промени по преговорите со синдикатите, додале тие.
Од сите оддели се бара да ги идентификуваат областите во кои би можело да дојде до потенцијални кратења, при што посебен фокус е ставен на одделите за производи и инженерство, како и на продажба, посочиле упатените.
Шпанец треба да го преземе кормилото на ЕЦБ
Пабло Ернандес де Кос е на пат да стане новиот претседател на Европската централна банка (ЕЦБ), предводејќи ја борбата на еврозоната против инфлацијата и можните превирања на пазарот на обврзници.
Откако холандската влада се усогласи со консензусот на европските партнери, додека претходно се залагаше за сопствен кандидат, сè поизвесно е дека 55-годишниот Шпанец ќе ја наследи Кристин Лагард, која ќе го заврши својот мандат предвреме, за да ја напушти институцијата на 7 февруари.
Иако Де Кос сè уште ќе треба да сведочи пред Европскиот парламент, тамошниот заклучок не е обврзувачки, а политичкиот договор што веќе е постигнат значи дека неговото назначување за претседател е практично обезбедено.
Тоа би ѝ ја донело на Шпанија највисоката функција во ЕЦБ за првпат, што се совпаѓа со трансформацијата на четвртата по големина членка на еврозоната од некогашна жртва на минатата должничка криза во регионот во нејзина најуспешна голема економија.
Шпанија е економската ѕвезда на Европа, зошто тогаш политички пресврт?
Шпанскиот премиер Педро Санчез ги распиша предвремените избори на почетокот на октомври, откако парламентот, во кој неговата влада нема мнозинство, го отфрли владиниот план за домување. Со него сакаше да ги смири масовните протести што избувнаа по присилното иселување на 87-годишна жена со попреченост од нејзиниот стан.
Педесет и четиригодишниот социјалист оди на изборите со релативно слаба политичка позиција, што е во спротивност со добрите економски резултати на Шпанија. Земјата оствари најбрз раст меѓу најголемите европски економии, невработеноста е на најниско ниво од финансиската криза наваму, а туризмот цвета.
Но многу жители не го чувствуваат овој раст. Растот на куповната моќ на домаќинствата значително забави, а реалниот расположлив доход, според податоците на ОЕЦД, практично стагнира. Во меѓувреме, цените на становите растат значително побрзо од доходите. Според податоците на статистичкиот завод ИНЕ, во првиот квартал од 2026 година тие се зголемиле за 12,9 отсто во споредба со истиот период лани.