text size
Распродажбата на технолошките акции го натера познатиот инвеститор Мајкл Бери, кој се прослави во 2008 година со тоа што предвиде и заработи од падот на американскиот хипотекарен пазар, да го промени пристапот кон инвестирањето. Откако ги продаде опциите со кои се обложуваше на пад на технолошкиот индекс Nasdaq 100, неговото портфолио сега содржи повеќе инвестиции во акции за кои очекува раст, отколку инвестиции со кои заработува при пад на нивната вредност.
„На глобално ниво, моето портфолио сега има повеќе инвестиции во акции од кои очекувам раст, а помалку позиции со кои заработувам при пад на пазарот, отколку што имав во подолг период“, напиша Бери во средата на својата платформа Substack, во објавата насловена „Cassandra Unchained“.
Тој објасни дека, освен обложувањата на пад на акциите на Palantir и MetLife, во моментов речиси целосно е насочен кон инвестиции од кои очекува раст. Сепак, нагласи дека ова е привремена состојба и дека продолжува да бара можности за инвестирање во акции за кои смета дека ќе ја изгубат вредноста.
Прочитај повеќе
Берзански преглед: Глобалните акции растат, ВИ се враќа во игра
Акциите пораснаа бидејќи инвеститорите во Европа и Азија го следеа закрепнувањето на технолошките акции на Волстрит по неколкудневните остри осцилации на пазарите.
пред 2 часа
Nasdaq 100 пред мечкин пазар, инвеститорите ги распродаваат акциите поврзани со ВИ
Шест производители на чипови учествуваат со повеќе од 60 отсто во падот на Nasdaq 100 од октомврискиот рекорд. Само на „Енвидија“ отпаѓаат околу 23 отсто од падот.
пред 22 часа
Берзанскиот пад отвора можност за купување американски акции, велат од „Голдман Сакс“
Берзанската паника може да биде шанса за заработка, сметаат од трговскиот оддел на „Голдман Сакс“.
23.11.2026
„Голдман сакс“: Распродажбата на акции ќе продолжи, индексот на паника блиску до максимумот
Ќе следи уште еден значителен бран на продажба во текот на следната недела, според трговците на банката.
21.11.2026
Волстрит е пред точка на пукање додека стравот ги зафаќа глобалните пазари
Оваа недела, трката за купување отстапи место на трката за засолниште.
21.11.2026
Неговата објава доаѓа во период кога инвеститорите масовно ги продаваат технолошките акции поради сè поголемата загриженост дека очекувањата поврзани со вештачката интелигенција можеби биле претерани. Токму инвестициите во оваа технологија во изминатите три години беа еден од главните двигатели на растот на берзите.
Индексот Nasdaq 100 во средата во еден момент падна за 20 отсто во однос на највисокото ниво достигнато во октомври, што е границата што означува влез во таканаречен „мечкин пазар“, односно период на значителен пад на вредноста на акциите. Сепак, до крајот на денот успеа да надомести голем дел од загубите.
Акциите на Nvidia беа меѓу главните двигатели на падот, додека инвеститорите ги анализираат идните перспективи на компанијата, откако Џенсен Хуанг повторно беше назначен за нејзин претседател и извршен директор.
„Во моментов, индексот на страв и нестабилност на берзата VIX расте, а пазарот паѓа. Поради тоа, опциите со кои инвеститорите се обложуваат на пад на акциите се многу скапи, дури и кај стабилните компании што се поврзани со развојот на вештачката интелигенција. Затоа, директната продажба на акции со очекување дека нивната цена ќе падне во моментов е главниот начин за изразување негативни очекувања за пазарот. Иако можеби изгледа евтино, овој начин на инвестирање носи несразмерно голем ризик“, напиша Бери.
Тој додаде дека во моментов инвестира во потценети компании, односно во акции за кои смета дека вредат повеќе од нивната актуелна пазарна цена, како и во долгорочни опции за купување акции и приоритетни акции.
Бери откри и дека околу 25 отсто од неговото портфолио го чува во готовина, која активно планира да ја вложи. Сè уште поседува и опции на Nvidia, кои ги купил во петокот.
„Тие се далеку од цената на која би почнале да носат заработка, а ги купив за само неколку долари. Веќе ја удвоија вредноста, но сè уште не сум одлучил што ќе направам со нив“, рече тој.
Бери додаде дека планира повторно да се обложи на пад на акциите на Nvidia кога нивната цена ќе се приближи до 200 долари, но само доколку тоа се случи во период кога на пазарот повторно ќе владее оптимизам.
„Тоа време не е сега“, порача тој.
Бери и претходно изразуваше скептицизам кон големите инвестиции во вештачката интелигенција, а во изминатите неколку месеци јавно ги објавуваше своите инвестициски потези на платформата Substack.
Во април купил опции со кои се обложувал на пад на берзанскиот фонд iShares Semiconductor ETF (SOXX), кој ги следи акциите на компании од индустријата за полупроводници. Во јули дополнително ја зголемил таа инвестиција, а истовремено зазел кратки позиции во акциите на Nvidia, Applied Materials и Tesla, односно се обложил дека нивните цени ќе паднат.
Сепак, во последните шест недели, кога технолошките акции почнале да губат од вредноста, тој ги затворил дел од овие позиции. Меѓу другото, ги продал и опциите со кои се обложувал на пад на Nvidia и на берзанскиот фонд VanEck Semiconductor ETF (SMH).
Меѓу неговите најголеми актуелни инвестиции се компаниите MercadoLibre, Temple & Webster Group и JD.com.
Бери откри и дека поседува акции во Adobe, Birkenstock, Deckers Outdoor, Molina Healthcare, HCA Healthcare, Lululemon Athletica, Fiserv, Veeva Systems, PayPal Holdings и Build-A-Bear Workshop.
Дополнително, тој поседува приоритетни акции во Fannie Mae и Freddie Mac, како и приоритетни акции во QXO. Има и долгорочни опции за купување акции на Sprouts Farmers Market и Zoetis, чиј рок на истекување е за неколку години.