Крупни банкарски поместувања навестува конкретната најава дека „Комерцијална банка“ има намера да даде понуда за преземање на сите акции со право на глас на „Стопанска банка“ АД Битола. Она што беше очекувано, секако со минимален сентимент дека можеби и нема да се случи, сега добива друга димензија. Ви пишува Александра Томиќ, главна уредничка на дигиталната редакција на „Блумберг Адрија“ во Македонија. Август почнува жешко, но рано е за септемвриските соништа!
„Комерцијална банка“ има одлично полугодие. Зад себе остава шест месеци со историски рекорд по основ на остварени приходи и вкупен остварен профит. Оваа половина од годината беше одлична и за другите две големи банки - „НЛБ банка“ и „Стопанска банка“. Своите перформанси значајно ги подобри „Алкалоид“, но и „Реплек“, а анализиравме и каков резултат имаше нафтената дистрибутерска компанија „Макпетрол“. Нашите аналитичари навлегоа во суштината на финансиските резултати на „Македонски телеком“, чија ЕБИТДА бележи мало намалување од 0,4 отсто во однос на истиот период лани.
Следната недела ќе бидат објавени податоците за јулската инфлација во земјава, од што значајно ќе зависи идната монетарна политика. Што друго ќе читате видете овде. Во неделава што изминува Федералните резерви (Фед) на САД одлучија да не ги менуваат каматните стапки и ги задржаа на највисоко ниво во последните 23 години. Банката на Англија сепак вчера ги намали каматните стапки за првпат од почетокот на 2020 година и сигнализираше натамошни претпазливи намалувања. А во Германија и во еврозоната инфлацијата неочекувано забрза, исход што може да ја направи Европската централна банка повнимателна во однос на дополнителното намалување на каматните стапки.
Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска најави дека е можно следната недела да замине за Унгарија за да ги договори деталите за идниот заем од половина милијарда евра ако во меѓувреме пристигне билатералниот договор за задолжувањето. Јасно е дека Македонија има неодржливи финансии без нови задолжувања. Бизнисмените, од друга страна, побараа да се инсистира на трошење за капитални инвестиции, процес што ќе гарантира одржлив економски раст.
А македонската економија во 2024 година се очекува да забрза до ниво од 2,5 проценти и да достигне три проценти до 2027 година, јавниот долг да остане умерен и да се стабилизира на 57 проценти од БДП до 2027 година, констатираше агенцијата за кредитен рејтинг „Стандард и Пурс“ во најновиот извештај, во кој земјава го задржа кредитниот рејтинг ББ- со стабилни изгледи.
Во меѓувреме земјава има сериозни проблеми со пожарите, па навистина е клучно во иднина да се размислува за системски промени што ќе опфатат набавка на опрема и нов начин на организирање на логистиката, дури и таа од граѓаните. Регулаторната комисија за енергетика соопшти дека се намалува цената на парното.
Во неделата што изминува јавноста ја разбранува и веста дека хакерски напад од Македонија влијаел врз пренесувањето на резултатите од претседателските избори во Венецуела, тврдење што го изнесе главниот обвинител Тарек Вилијам Сааб. Венецуела сѐ уште е во центарот на вниманието по овие избори, но секако таму најголемиот проблем не е хакерскиот напад. Македонскиот одговор го даде министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски, според кого „станува збор за социјалистички режим што со години често лиферува информации непоткрепени со докази и обвинува засегнати страни и држави што немаат одговорност во таквите случаи“. Подоцна во гостување на телевизијата „Блумберг Адрија“ тој најави дека се подготвува стратегија за сајбер-безбедност.
Инаку, Федерална порота на судот во Бруклин, САД, минатата недела го осуди Алекс Левин, жител на Њујорк, за перење пари и за кражби вредни милиони долари од изнајмени сефови во банки во Македонија, Украина, Русија, Молдавија, Латвија, Узбекистан и Азербејџан.
Аналитичкиот тим на нашиот медиум навлезе во суштината на реалниот раст на трговијата, а сите негови анализи се на „Блумберг Адрија инсајт“. Телевизиските анализи следете ги овде.
Издвојуваме:
Нов меѓународен играч влегува во сметководствениот сектор во Македонија
Австрискиот гигант „Раух“ ја купува македонската „Вита-рес“
Со урбано рударство до развој и помало загадување во Македонија
Македонија не го користи потенцијалот: Пад на органското производство
ББА анализа: Влезот на нови играчи ќе ја размрда малопродажбата во Македонија
Брзиот пристап до разбирливи климатски податоци важен за бизнис-секторот