Италијанската премиерка Џорџа Мелони треба да го посети Њујорк во септември за да ја прими наградата „Глобал ситизен“ (Global Citizen). Наградата наводно ќе ѝ ја врачи Илон Маск, извршен директор на „Тесла“ и сопственик на социјалната мрежа X, но тоа не e единствената средба меѓу Мелони и најбогатиот човек на светот.
Имено, Маск и Мелони досега се сретнаа во неколку наврати. Нивната последна средба беше на политички настан организиран од десничарската партија предводена од Мелони.
Добро утро, ова се петте вести кои се важни за почеток на денот.
Во базенот невработени нема лица кои им требаат на македонските фирми
Прв пат во јули годинава бројот на невработени во Македонија падна под 100.000. Според евиденцијата на Агенцијата за вработување заклучно со 31 јули во земјава имало 98976 невработени.
Според податоците на Агенцијата, најголем дел од македонските невработени се лица на возраст од 55 до 59 години. Следни се лицата кои треба да одработат уште малку за до пензија, и лицата од 50 до 54 години.
Кој е рецептот за европски плати во Македонија?
Просечната плата во Македонија во изминатиов период бележи континуиран пораст и заклучно со јуни годинава достигна 41.939 денари (681 евро), но тоа се‘ уште многу далеку од европскиот просек. Имено, според последните податоци од Евростат заклучно со минатата година просечната нето месечна заработувачка на ниво на Европската унија изнесувала 2.351 евро што е за над 3,4 пати повеќе отколку просечната плата во Македонија.
Со оглед на тоа што стратегиска определба на нашата земја е зачленувањето во Европската унија побаравме мислење од економски експерти и од надлежни институции за причините за ваквата разлика и каков рецепт треба да се примени за побрзо да се изедначат македонските со европските плати.
Намалувањето на сивата економија клучно за економскиот раст
Македонија е меѓу земјите во Европа со највисоки стапки на сива економија. Процените се дека сивата економија се движи од 23 до 39 отсто од БДП. Според пресметките на „Фајнанс тинк“ (Finance Think), 23,2 отсто од бруто-домашниот производ е неформaлна економија, но значајно e да се напомене дека во последната деценија речиси стaгнира трендот на намалување на сивата економија, вели Благица Петрески, извршна директорка во „Фајнанс тинк“, во интервју за телевизијата „Блумберг Адрија“.
„Позначајно намалување на сивата економија имавме по воведувањето на рамниот данок и со законот за минимална плата“, вели Петрески.
Одлуките на ЕЦБ ќе бидат многу потешки кога каматите ќе паднат на три отсто
Ќе биде многу потешко Европската централна банка (ЕЦБ) да носи одлуки кога каматните стапки ќе паднат на околу три проценти и кога ќе се појават спорови за тоа што друго е потребно за да се одржи инфлацијата под контрола, изјавија за „Блумберг“ (Bloomberg) извори запознаени со ова прашање.
Иако е малку веројатно дека ќе има големи конфликти за време на две или три намалувања на каматните стапки од сегашните 3,75 проценти, подоцна најверојатно ќе има спорови околу проекцијата за инфлацијата и прашањето за лимитот на каматите што не го ограничуваат економскиот раст, велат изворите што не сакаа да бидат именувани бидејќи информацијата не е јавна.
„Фолксваген“ најавува затворање фабрики за да ги намали трошоците
„Фолксваген“ (Volkswagen AG) размислува за затворање фабрики во Германија, одлука што е без преседан, организирајќи пресметка со моќните синдикати додека најважната индустрија во земјата се бори за својата иднина.
Потенцијалните мерки исто така вклучуваат обид да му се стави крај на тридеценискиот пакт на компанијата со работниците за да се задржат работните места безбедни, соопшти производителот во понеделникот. Главна цел на „Фолксваген“ е брендот на патнички автомобили, чии профитни маржи се притиснати во услови на голема транзиција кон електрични возила и забавување на потрошувачката.