Една година по почетокот на судирите на Блискиот Исток, тие ескалираа. Иран во вторникот вечер изврши масовен ракетен напад врз Израел. Израел подоцна го бомбардираше Бејрут, со што го втера Иран во ќош.
Македонското министерство за надворешни работи ги повика граѓаните да не патуваат во Израел, Иран и во Либан. Во регионот бројот на загинати постојано расте.
Тензиите на Блискиот Исток се рефлектираат на цената на нафтата, која деновиве се разбуди. Потенцијалниот прекин на сообраќајот преку Суецкиот Канал и неизвесноста поврзана со извозот на нафта од Либија извршија притисок врз цената на нафтата. Превирањата на Блискиот Исток сигурно ќе ја зголемат нестабилноста на цените на нафтата, особено ако Иран се вклучи повеќе (или бидат нападнати рафинериите), имајќи предвид дека тој има удел од околу четири отсто во глобалната понуда, напиша во својот коментар аналитичарот на „Блумберг Адрија“ Михаел Блажековиќ.
Намалувањето на инфлацијата под целта од два отсто по повеќе од три години ги засилува прогнозите дека веќе месецов Европската централна банка ќе испорача уште едно намалување на каматните стапки.
Пониските трошоци за задолжување во комбинација со големите потреби за инвестиции во зелена трансформација ќе бидат причина глобалниот долг, кој годинава урна уште еден рекорд, и натаму да расте.
Зелената агенда е посебен предизвик за земјава. Недоволната искористеност на обновливите извори на енергија е една од причините што и Македонија, но и другите земји од регионот плаќаат значително поскапа струја од Австрија и од Германија. Секретаријатот на енергетската заедница ги анализираше податоците и констатира дека зголеменото производство од фотоволтаични електроцентрали во Западна и Централна Европа е една од причините што тие земји плаќаат поевтина струја.
Македонија има проблем и со гасот. Сè уште е главно зависна од руски гас, а најавите за диверзификација на изворите за снабдување остануваат само најави. Според изјавата на министерката за енергетика за „Блумберг Адрија“, не постојат документи со кои се докажува дека земјава е вклучена во сопственоста на терминалот за гас во Александрополис, Грција. А дури и да има сопственост, гасот нема како да се донесе затоа што двете земји не се инфраструктурно поврзани. Терминалот почна со работа во вторникот.
Прочитајте повеќе:
Финансиските друштва во Македонија уриваат рекорди
Македонската фондовска индустрија пораснала 50 проценти за една година
Според анализата на Секретаријатот на енергетската заедница, причина за поскапата струја во регионот се и топлотните бранови. Анализата, пак, на „Блумберг бизнисвик Адрија“ покажува дека климатските промени ја пржат економијата во регионот, а одговорот ќе чини многу пари.
Првата брана за намалување на финансиските штети од климатските ризици е осигурувањето имот, но за тоа во земјава сè уште нема свест и парите за оваа намена се сметаат за непотребен трошок.
Прочитајте повеќе:
Староста за пензионирање мора нагоре: Како стои Македонија во регионот?
Инвестициите на пензиските друштва во Македонија ќе се врзат за животниот циклус?
Ситуацијата е особено предизвикувачка во земјоделството, кое е директно изложено на сушите и на поплавите, а во такви услови на Факултетот за земјоделски науки и храна од годинава има нова програма – дигитално земјоделство. Во разговор за „Блумберг Адрија“ оттаму истакнуваат дека преку дигитализација, земјоделството може да се бори со климатските промени.
Вчера Скопје беше домаќин на најголемиот технолошки настан за вештачка интелигенција во Југоисточна Европа – AI Tech Summit. Над 700 врвни експерти слушнаа како ФК Ливерпул ја користи вештачката интелигенција за да го унапреди изведувањето корнери. Со тоа што вештачката интелигенција ќе навлезе во сите сегменти од животот, придонесот во европската економија до 2030 година се проценува на околу 600 милијарди евра.