Во тек е пријавувањето за првата конференција на „Блумберг Адрија“ во Македонија, Ваck to Business, закажана за 29 Октомври, 2024, во хотелот Doubletree by Hilton.
Вашето присуство може да го закажете бесплатно на овој линк.
Добро утро! Ова се петте вести што треба да ги знаете на почетокот од денот.
Затворена Зоолошката градина во Скопје
Кај една гуска која угинала во скопската Зоолошка градина е утврдено присуство на птичји грип и затоа е спроведен надзор, соопштија викендов од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ). Почнувајќи од саботата градината е затворена 21 ден. Заради мерки на безбедност извршено е хумано убивање и отстранување на 24 патки, 6 гуски, 5 кокошки и една чавка.
„Забранет е влез и излез на животни од Зоолошката градина, ограничено е движењето на луѓе, наредени се мерки за дезинфекција, испитување на другите птици во градината за присуство на вирусот на птичји грип и зголемување на биосигурносните и други мерки, со цел сузбивање на болеста и спречување на нејзино ширење надвор од Зоолошката“, се вели во соопштението на АХВ. Во меѓувреме од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ)соопштија дека за четворица вработени во скопската Зоолошка градина ќе бидат издадени решенија за здравствен надзор, а кај еден од нив, кој во петокот пројавил симптоми на покачена температура и дијареја ќе биде извршено тестирање за присуство на птичји грип.
Во саботата реагираа и од управата на скопската Зоолошка од каде во соопштение посочија дека инспекторите од АХВ без никакви докази со оружје убивале птици во градината, при што нагласија дека станува збор за исцениран проблем со цел да се затвори Зоолошката.
МБИ10 ѕвезда во регионот Адрија
Берзанските индекси во регионот Адрија го продолжија својот раст од почетокот на годината, надминувајќи ги повеќето индекси во Централна и Источна Европа (ЦИЕ). Единствениот индекс што покажува негативни перформанси е BIRS, што ја одразува загриженоста за превреднување. Позитивното расположение околу умерениот реален економски раст се пренесе во подобри резултати за компаниите.
Целата анализа прочитајте ја на „Блумберг Адрија инсајт“
MBI10 моментално води со приближно 43 проценти раст од почетокот на годината, следен од BELEX15 со 30,5 проценти и SBITOP со 28 проценти. SASX10, кој имаше негативен учинок во првата половина од 2024 година, стана позитивен поради силните перформанси на „Творница цемента Какањ“ (+76,4 проценти од почетокот на годинава). Растот на MBI10 првенствено е поттикнат од високите перформанси на „Македонијатурист“ (компанија од областа на туризмот), како и обидот на „Комерцијална банка“ да ја консолидира „Стопанска банка Битола“ (иако на крајот не успеа), што ги турна акциите на другите банки нагоре.
Јавен долг: Дома ќе бараме повеќе пари за раздолжување
Во периодот 2025-2028 година Македонија во четири наврати треба да отплати вкупно 2,4 милијарди евра по основ на претходни задолжувања преку издадени еврообврзници, што го наметнува прашањето од каде ќе се најдат пари за исплата на овие долгови ако се земе предвид дека државата секој месец веќе се задолжува преку издавање записи и обврзници на домашниот пазар во мултимилионски износи.
Во стратегијата за управување со јавниот долг за периодот 2025-2027 година со изгледи до 2029 година, како еден од главните извори за финансирање на јавниот долг односно на буџетскиот дефицит се посочува домашниот пазар на хартии од вредност за кој се предвидува натамошен развој.
„Со цел поефикасно финансирање на буџетските потреби, Министерството за финансии ќе продолжи со континуирано издавање државни хартии од вредност, со што ќе обезбеди дополнително финансирање под поволни услови, во зависност од интересот на пазарните учесници“, пишува во стратегијата.
Се менува трендот во трговијата со обврзници
Пандемијата на ковид-19 нагло ја прекина стратегијата за инвестирање во „паднати ангели“, односно вложување во обврзници со намален рејтинг. Како што компаниите закрепнуваа од економскиот шок поради глобалниот карантин, билансите се подобрија, што имаше за последица рејтинзите повеќе да се креваат одошто да се спуштаат.
Индексот на „Блумберг“ на компании во САД со статус „отпад“ (junk) е околу четири пати помал отколку што беше во 2020 година и вклучува помалку компании отколку кога било од неговото основање во 2005 година. Сега кога високите каматни стапки ги оптоваруваат билансите на состојба, поборниците за ризичните обврзници очекуваат да се отворат низа можности...
Извозот на швајцарски часовници во пад, некои работници стануваат вишок
Извозот на швајцарски часовници нагло опадна во септември, а пратките за Кина се намалија за половина, зголемувајќи го притисокот врз луксузниот сектор на оваа европска држава.
Федерацијата на швајцарската часовничарска индустрија минатиот месец предупреди на значителен пад на побарувачката што ги погоди швајцарските брендови на часовници и доведува до ризик за работните места. Тие ја повикаа Швајцарската национална банка да преземе мерки за да го ослабе силниот франк.
Некои големи брендови веќе ја користат владината програма за „скратено работно време“ за да ги редуцираат работниците бидејќи нарачките опаѓаат. Брендовите на групацијата „Совинд“ (Sowind), како „Жерар Перего“ (Girard-Perregaux) и „Улис Нардан“ (Ulysse Nardin), ставиле околу 15 отсто од работниците на привремено отсуство, изјави извршниот директор на компанијата за „Блумберг њуз“ (Bloomberg News).