Обединетото Кралство лани издаде двојно повеќе визи за престој отколку пред пандемијата, бидејќи повеќе луѓе доаѓаа да работат и студираат во земјата.
Министерството за внатрешни работи издаде вкупно 1,4 милиони визи минатата година, за разлика од 860.000 визи издадени во 2021 година кога правилата за патување поради коронавирусот го ограничуваа движењето. Работните визи сочинуваат голем дел од оваа бројка, при што секоја трета е за индиските работници. Раст на бројот на визи имаше и за оние кои доаѓаа од Хонг Конг и Украина.
Бројките се во спротивност со политиките на владата на премиерот Риши Сунак за нагло намалување на доселувањето. Тоа е една од главните работи што конзервативците ветија дека ќе ја остварат по напуштањето на Европската унија.
Речиси една третина од Британците сметаат дека имиграцијата е една од нивните најголеми три грижи, покажува декемвриската анкета на „ЈуГов“. Ова сугерира дека прашањето ќе остане на политичката агенда до следните избори, кои треба да се одржат на почетокот на 2025 година.
Издавањето работни визи се одраз на сериозниот недостиг на работна сила во Обединетото Кралство откако стотици илјади луѓе го напуштија пазарот на труд по пандемијата. Владата сака да го намали бројот на работници без квалификации кои доаѓаат во земјата и да ги натера да ја напуштат земјата чија економија е со висока продуктивност.
Одделни бројки објавени минатата година покажуваат дека миграцијата расте, при што луѓето од земјите кои не се членки на ЕУ ги заменуваат оние кои не можат да работат во Велика Британија по Брегзит.
Податоците кои оваа недела ги објави Министерството за внатрешни работи покажуваат дека минатата година вкупно 210.906 бегалци од Украина добиле виза.
И покрај санкциите против поединци, бројот на Руси кои доаѓаат да работат и живеат во Обединетото Кралство се зголеми од почетокот на војната со Украина.
Иако нема директни летови меѓу Обединетото Кралство и поголемиот дел од Европа и Русија, сепак на Русите им беа доделени 25.403 британски визи лани што е за 15 отсто повеќе во однос на 2021 година. Работните визи за Русите лани се зголемија за 21 отсто, на 5.754 визи.