Водечките земји од пазарите во развој се подготвуваат да ги поканат најголемиот извозник на нафта Саудиска Арабија и неколку други земји да му се приклучат на блокот БРИКС во обид да го прошират своето глобално влијание.
Лидерите на Бразил, Русија, Индија, Кина и на Јужна Африка неделава, на самитот во Јоханесбург, се согласија да ја прошират својата група. Станува збор за прво проширување од 2010 година.
Прочитајте повеќе: БРИКС 2023: Со куп домашни проблеми кон нов глобален поредок
Египет е исто така една од земјите поканети да се приклучат, заедно со други од Блискиот Исток, иако за списокот сè уште се дискутирало доцна во средата. Ова го откриваат извори запознаени со преговорите, но одлучија да останат анонимни бидејќи разговорите се од доверлив карактер.
Членовите посочија дека проширен блок ќе може подобро да се спротивстави на доминацијата на Г7 во светските работи. Иницијативата за проширување доаѓа главно од Кина, но ја поддржале и Русија и Јужна Африка.
Индија изрази загриженост дека поголем БРИКС би можел да стане гласноговорник на Кина, додека Бразил стравува дека може да го отуѓи Западот.
Саудиска Арабија и Египет сè уште јавно не го кажале својот став за можното приклучување кон БРИКС, иако Ријад испрати делегација на самитот.
Повеќе од 20 земји од глобалниот југ официјално аплицираа за членство пред самитот.
Проширениот блок БРИКС, кој би ги вклучил Саудиска Арабија и Индонезија, ќе учествува со 44 отсто во светската економија до 2040 година, што би го надминало предвидениот удел во бруто-домашниот производ на Г7 од 21 отсто, се наведува во прогнозата на „Блумберг економикс“.