Американскиот претседател Џо Бајден во првите коментари по пристигнувањето во Тел Авив во средата посочи дека израелската војска не е одговорна за смртоносната експлозија во болницата во градот Газа, која остави стотици мртви и ги зголеми тензиите низ Блискиот Исток.
„Длабоко сум тажен и огорчен поради вчерашната експлозија во болницата во Газа. И врз основа на она што го видов, се чини дека тоа го направил другиот тим, а не вие“, му рече Бајден на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.
Патувањето се претвори во еден од најголемите тестови за претседателствувањето на Бајден, бидејќи тој се обидува да ја заузди војната меѓу Израел и Хамас.
Прочитај повеќе
Бајден слета во Израел со намера да ја спаси посетата по смртоносната експлозија
Претседателот на САД, Џо Бајден, пристигна во Тел Авив, во обид да го спречи ширењето на војната со Хамас.
18.10.2023
Кои се економските ризици од судирот меѓу Хамас и Израел?
Цената на нафтата ќе се движи меѓу 85 и 90 долари за барел.
17.10.2023
Тајната мрежа на тунели на Хамас проблем за израелската офанзива
Иако Хамас не може да се носи со технолошката софистицираност на израелската армија, милитантната група има многу необична предност...
16.10.2023
Што е Хамас - историја на милитантната група што го нападна Израел
Со еден потег, нападот на Хамас врз Израел ги преуреди регионалните приоритети во скора иднина.
10.10.2023
Двете страни разменија обвинувања за експлозијата, при што Хамас вината ја препиша на израелски воздушен напад, а Израел посочи на видео од, според воените сили, неисправна ракета истрелана од палестински милитанти. Гневот поради инцидентот доведе до откажување на планираниот самит меѓу Бајден и арапските лидери, во рамките на неговата посета на Израел.
Американскиот претседател изрази разбирање за скептицизмот низ арапскиот свет по експлозијата, велејќи дека има „многу луѓе“ што се сомневаат во Израел. „Тој и Нетанјаху мора да направат многу за да ги разуверат оние што сметаат дека Израел е виновен“, рече Бајден.
Белата куќа се надеваше дека патувањето во регионот може да помогне во нивниот обид да се обезбеди дополнителна хуманитарна помош за палестинските цивили, со цел да се убедат другите регионални сили - вклучувајќи го и Иран - да избегнат ескалација на конфликтот. Но, наместо тоа, фокусот во голема мера е концентриран на демонстрација на поддршка за Израел по упадот на Хамас на 7 октомври - кој е категоризиран како терористичка организација од САД и од Европската Унија. Во тој напад загинаа околу 1.400 луѓе, а најмалку околу 200 беа земени како заложници.
„За народот на Израел има само една работа подобра од тоа да има вистински пријател како вас кој стои со Израел, а тоа е да стоите токму во Израел“, рече Нетанјаху. „Вашата посета овде е прва посета на американски претседател во Израел во време на војна“.
Подоцна се очекува американскиот претседател да се сретне со семејствата на израелските жртви, вклучувајќи и роднини на заложниците во Газа. Тој потоа треба да даде јавни забелешки за конфликтот и да разговара со израелскиот претседател Исак Херцог.
Посетата на воената зона и на Израел, кој ужива широка поддршка и од двете партии во САД, е политичка можност за 80-годишниот претседател, кој се бори против загриженоста за неговата возраст и компетентноста за американското влијание во странство.
„Сакав народот на Израел, луѓето во светот, да знаат со кого стојат САД“, рече Бајден.
Сепак, Бајден мора да го балансира тоа покажување поддршка со растечкиот гнев поради експлозијата во болницата.
Илјадници Палестинци беа убиени во Газа откако израелската војска одговори на нападот на Хамас претходно овој месец со масовни воздушни напади. Се очекува наскоро да започне и копнен напад, откако Нетанјаху вети дека целосно ќе го уништи Хамас како организација.
Како одговор на експлозијата во болницата, лидерите на Јордан, Египет и на палестинската управа, која управува со Западниот Брег, го откажаа самитот со Бајден што требаше да се одржи подоцна во средата. Јордан требаше да биде домаќин во главниот град Аман.
Арапските лидери, Турција и Хамас го обвинија Израел за експлозијата. Израелската војска соопшти дека палестинските милитанти од Исламскиот џихад се одговорни затоа што проектилот што тие го истрелале не функционирал и паднал на територијата на Газа.
Експлозијата предизвика големи протести околу израелските и американските амбасади низ арапскиот свет, како и на Западниот Брег.
Американските власти соопштија дека Бајден по заминувањето од Израел телефонски ќе разговара со лидерот на палестинската управа Махмуд Абас и со египетскиот претседател Абдел Фатах Ел-Сиси.