Српската премиерка и потпретседателка на Главниот одбор на Српската напредна партија (СНС) Ана Брнабиќ изјави дека, врз основа на обработен примерок од 50 отсто, листата обединета околу СНС има 47,1 отсто од гласовите. Според нејзината проценка, таа листа сигурно ќе има повеќе од 125 пратеници во идниот парламент.
Таа додаде дека во новиот парламентарен состав ќе влезе и листата „Србија против насилството“ со 23 отсто, Социјалистичката партија на Србија со 6,7 отсто, коалицијата НАДА со 4,9 отсто и „Ние - гласот на народот“ со 4,6 отсто поддршка. Листата на Двери и Заветник е со меѓу 2,9 и 3 проценти поддршка од гласачите.
Брнабиќ на прес-конференција во партиското седиште рече дека во текот на изборниот ден излегле многу лажни вести и непроверени информации, за да се создаде, како што кажа, атмосфера за предизвикување хаос, паника и недоверба.
Прочитајте повеќе: Србија бира: Вонредни парламентарни, покраински и локални избори
„Единствена неправилност беше инцидентот во Оџаци и им благодарам на институциите што реагираа, го идентификуваа и приведоа лицето. Сè според прописите“, рече таа.
Шефот на набљудувачката мисија на Центарот за истражување, транспарентност и одговорност (Црта), Раша Недељков, претходно изјави дека набљудувачите на Црта, кои забележале можно купување гласови на тоа место, биле нападнати и дека нивното возило било уништено со палки.
„Припадниците на МВР со брза и ефикасна акција идентификуваа и приведоа во Полициската станица во Оџаци едно лице под сомнение дека учествувало во нападот на мобилниот тим на Црта во овој град“, соопштија од српското Министерство.
Проекциите на Центарот за слободни избори и демократија (CeSID) и агенцијата за истражување на пазарот и јавното мислење „Ипсос“ (Ipsos) покажаа дека до 19 часот во Србија гласале 55,9 отсто од граѓаните со право на глас.
Според податоците на Центарот за истражување, транспарентност и отчетност (Црта), до 19 часот на парламентарните избори во Србија излегле 55,5 отсто од граѓаните со право на глас, додека на гласачките места во Белград во тој период излегле 54,8 отсто од гласачите. „Тоа е повеќе отколку на изборите во 2022 година, кога до 19 часот излезеноста на гласачите беше 55,1 отсто во Србија и 52,2 отсто во Белград“, наведуваат од Црта.
Директорот на Републичкиот завод за статистика, Миладин Ковачевиќ, претходно на шестата редовна конференција на Републичката изборна комисија (РИК) изјави дека до 18 часот на територијата на Србија гласале 51,93 отсто од гласачите, без Косово и Метохија. За Србите од Косово и Метохија се организираше гласање во Куршумлија, Рашка, Тутин и Врање, бидејќи приштинските власти не дозволија отворање на избирачки места во српските области.
Ковачевиќ најави дека податоците за вкупната излезност на изборите ќе бидат објавени заедно со прелиминарните резултати од парламентарните избори, односно во понеделник нешто по 20 часот.