Роберт Ф. Кенеди помладиот го поддржа републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп придружувајќи му се синоќа на митинг во Аризона, неколку часа откако ја суспендираше неговата претседателска кампања. Кенеди изјави дека ќе се повлече од гласачкото ливче во 10 клучни сојузни држави.
Поддршката за Трамп предизвика тензии во семејството на Кенеди, едно од најпознатите семејни лози во американската политика кое потекнува од Демократската партија.
Трамп изјави дека е „многу почестен“ што ја добил поддршката од независниот претседателски кандидат Кенеди помладиот, кој го нарече „големо засилување“. Американските медиуми јавуваат дека Трамп ја разгледува можноста да му место на Кенеди во неговата администрација.
Кенеди на прес-конференција во петокот објави дека ја суспендира својата кампања во клучните држави и ги повика своите гласачи да го дадат својот глас за Трамп. Кенеди има мала поддршка од пет до шест отсто во неколку клучни држави како Аризона.
Во меѓувреме, пет членови од неговото семејство излегоа со изјава во која поддршката за Трамп ја нарекоа „тажен крај на една тажна приказна“ и ја повторија нивната поддршка за Харис и нејзиниот кандидат за потпретседател, Тим Валц.
„Одлуката на нашиот брат Боби денеска да го поддржи Трамп е предавство на вредностите што на нашиот татко и нашето семејство им се најблиски до срцето“, стои во изјавата објавена на Х од неговата сестра Кери Кенеди.
„Ние веруваме во Харис и Валц. Сакаме Америка исполнета со надеж и обединета со заедничка визија за посветла иднина, иднина дефинирана од индивидуалната слобода, економските перспективи и национална гордост“, изјавија од семејството.
Кенеди помладиот, кој е син на покојниот државен обвинител и сенатор Роберт Кенеди и внук на претседателот Џон Ф. Кенеди, и кој за време на Ковид пандемијата ширеше антиваксерски погледи и други теории на заговор, призна дека неговата одлука да го подржи Трамп предизвикала тензии со неговото најблиско семејство.
Освен што Кенеди се појавија заедно на митингот во Аризона, поранешниот американски претседател и републикански претседателски таму вети дека, доколку биде избран, ќе формира независна претседателска комисија за обиди за атентат, од која ќе побара да ги објави сите преостанати документи поврзани со атентатот на поранешниот американски претседател Џон Кенеди.
„Комисијата ќе спроведе и ригорозна анализа на нападите од минатиот месец“, рече Трамп, мислејќи на нападот врз него на митинг во Пенсилванија