text size
Глобалните пазари го намалија падот предизвикан од убедливата победа на демократите во американскиот Конгрес, додека инвеститорите ги проценуваа построгата контрола врз политиките на претседателот Доналд Трамп и ограничувањата со кои би се соочиле пратениците при преобликувањето на неговата агенда.
Азиските технолошки акции и доларот првично беа под притисок, додека американските државни обврзници забележаа раст, бидејќи изгледите за политички застој во Вашингтон ги поттикнаа инвеститорите повторно да ги преиспитаат тргувањата засновани врз заложбите на Трамп за дерегулација, намалување на даноците и брзо проширување на вештачката интелигенција (ВИ).
Конгресот под контрола на демократите би можел да го засили надзорот врз изградбата на податочните центри и да оспори делови од економската агенда на Трамп. Сепак, неговото право на вето би ја ограничило способноста на пратениците да спроведат сеопфатни промени во политиките, што им помогна на корејските акции да ги избришат загубите.
Прочитај повеќе
Изборен удар за Трамп, демократите се на пат до мнозинство во двата дома на Конгресот
Според проекциите на Ен-би-си, демократите би освоиле 255 места во Претставничкиот дом и 52 во Сенатот. Доналд Трамп во интервју за „Њујорк тајмс“ рече дека ќе ги прифати изборните резултати.
пред 3 часа
САД гласаат: Демократите јуришаат на Конгресот, Трамп пркоси: „Ќе станам господин Вето“
Американците се упатуваат кон гласачките места. Последните ќе се затворат на западот на САД во 7 часот наутро по наше време.
пред 12 часа
Скандали и лажни кандидати, неизвесната трка за Сенатот го решава исходот од изборите за Конгресот
Милиони Американци на изборите на средината на претседателскиот мандат одлучуваат за иднината на Конгресот, а исходот ќе влијае врз мандатот на Трамп. Подготвивме преглед на најинтересните, најнеизвесните и пресудните трки за места во Сенатот
пред 14 часа
Еве преглед на тоа како реагираа пазарите на резултатите од американските избори:
Тргување поврзано со вештачката интелигенција (AI Trade)
Инвеститорите ја проценуваат можноста за зголемен надзор врз технолошкиот сектор и потенцијални одложувања на изградбата на податочни ентри во САД. Кандидатите од двете партии ги поставија податочните центри како изборно прашање, што дополнително ги засили постојните грижи во врска со обемот и повратот на инвестициите во вештачката интелигенција.
Јапонскиот индекс Nikkei 225, во кој доминираат технолошките компании, ги предводеше падовите откако се намали за речиси 5 отсто, а потоа ги намали загубите. Индексот Kospi ги избриша загубите од дури 4 отсто, при што акциите на „Самсунг“ (Samsung Electronics Co.) и „СК Хајникс“ (SK Hynix Inc.) забележаа пад од околу 1 отсто секоја. Индексот Taiex во Тајван исто така го намали падот на 0,8 отсто.
Очекувањата дека демократите ќе ја преземат контролата врз Конгресот ги засилија грижите за поголем надзор врз вештачката интелигенција, што изврши притисок врз поврзаните акции низ Азија, изјави Томо Киношита, глобален пазарен стратег во „Инвеско“ (Invesco Asset Management).
„Сепак, се чини дека оваа реакција е донекаде претерана. Дури и ако законодавството за заострување на регулативата за вештачката интелигенција биде усвоено во следниот состав на Конгресот, претседателот Трамп и понатаму би можел да стави вето на него.“
Зелена енергија
Акциите на соларните компании забележаа силен раст, бидејќи инвеститорите се обложуваат дека убедливата победа на демократите може да забави или да поништи некои од мерките на Трамп насочени против проектите за чиста енергија, што потенцијално би им донело корист на азиските доставувачи на соларна опрема, батерии и електрични мрежи што имаат изложеност кон американскиот пазар.
Акциите на јужнокорејската ХСК (Hanwha Solutions Corp.) пораснаа дури за 22 отсто, додека „ХД Хјундаи“ (HD Hyundai Energy Solutions Co.) и ОЦИ (OCI Holdings Co.) исто така забележаа раст од најмалку 12 отсто секоја.
Акциите на американските соларни компании забележаа раст на алтернативниот систем за тргување Блу оушн (Blue Ocean). Акциите на ЕЕ (Enphase Energy Inc.) и „Солареџ“ (SolarEdge Technologies Inc.) пораснаа дури за 12 отсто, додека ФС (First Solar Inc.) и „Санран“ (Sunrun Inc.) забележаа раст од 11 односно 8,7 отсто.
Долар и американски државни обврзници
Доларот ослабе во однос на сите валути на земјите од Групата 10 поради загриженоста дека убедливата победа на демократите би можела да ја поткопа приказната за американската исклучителност, особено ако засилениот надзор врз инвестициите во вештачката интелигенција го оптовари економскиот раст.
Индексот на „Блумберг“ што ја следи вредноста на американскиот долар падна дури за 0,4 отсто, што е најголем пад во последниот месец, додека швајцарскиот франк и јапонскиот јен забележаа раст, бидејќи инвеститорите бараа средства што се сметаат за безбедно прибежиште.
Американските државни обврзници забележаа раст, при што приносите опаднаа по целата крива на принос, бидејќи инвеститорите се обложуваа дека Конгресот под контрола на демократите би можел да ја ограничи даночната и расходната агенда на Трамп, намалувајќи ги изгледите за фискален стимул и дополнително задолжување.
Приносите на петгодишните обврзници паднаа дури за девет базични поени, на 4,68 отсто, додека приносот на десетгодишните обврзници се намали за седум базични поени, на 4,89 отсто, пред делумно да го намали падот.
Криптовалути
Криптовалутите паднаа заедно со другите поризични средства, бидејќи резултатите од американските конгресни избори предизвикаа сомнежи во врска со патот за усвојување законодавство поддржано од индустријата, пред подоцна да го избришат поголемиот дел од загубите.
Трамп беше гласен поддржувач на овој сектор, ветувајќи дека ќе ги направи САД „криптопрестолнина на светот“, дека ќе воспостави стратешка резерва на биткоин и дека ќе го ублажи регулаторниот притисок - создавајќи поповолна средина за дигиталните средства.
Биткоинот падна дури за 2,8 отсто, под нивото од 76.000 долари, како што пристигнуваа изборните резултати, додека соланата исто така забележа пад. Криптопазарот веќе беше под притисок поради одливите од спот берзанските фондови за тргување со биткоин и последиците од минатонеделниот рекорден хакерски напад врз „Бајненс“.
Нафта и Иран
Цените на нафтата ги задржаа неодамнешните падови, додека инвеститорите ги проценуваа обновените напори на САД и Иран за постигнување мир.
Со нафтата брент се тргуваше близу 104 долари за барел, што донесе одредено олеснување за азиските економии што увезуваат енергенти, по неколкунеделните покачени цени. Новите дипломатски активности меѓу Вашингтон и Техеран го предизвикаа најновиот пад, иако заканата од обновени американски напади по конгресните избори и натаму надвиснува над пазарот.
Конгресот под контрола на демократите би можел да го зголеми притисокот врз администрацијата на Трамп во врска со војната, но не би ја одредувал американската воена или надворешна политика. Тоа ја остава нафтата како голем непредвидлив фактор за азиските пазари, особено за економиите зависни од увоз, како што е Индија.
Бакар и злато
Цената на бакарот продолжи да ги продлабочува неодамнешните загуби, бидејќи изборните резултати го засилија избегнувањето на ризикот и отворија прашања во врска со двата столба на годинашниот раст: инвестицискиот бум во вештачката интелигенција и плановите на Трамп за царини.
Металот падна дури за 1,5 отсто во средата, додека инвеститорите повторно го проценуваа инвестицискиот бум во центрите за податоци и електричните мрежи. Трговците исто така ги проценуваат изгледите за предложените царини на Трамп за рафинираниот бакар, кои привлекоа огромни количества метал во САД и помогнаа цените да достигнат рекордни нивоа оваа година.
Бакарот падна под 14.000 долари по распродажбата на акциите поврзани со вештачката интелигенција.
Во меѓувреме трговците со злато проценуваат дали силниот настап на демократите би можел да ја ограничи фискалната агенда на Трамп и да ги намали очекувањата за понатамошно зголемување на државните расходи.
Цените пораснаа дури за 2,1 отсто, над 4.000 долари за унца, со што беше избришан умерениот пад од претходната трговска сесија.