text size
Акциите во светот беа на пат да ја забележат најдолгата низа падови во повеќе од три години, откако вложувањата поврзани со вештачката интелигенција нагло паднаа по силниот раст во 2026 година. Тоа ги насочи инвеститорите кон побезбедни средства, како што се американските државни обврзници.
MSCI All Country World Index, показател за движењето на акциите во светот, падна за 0,6 отсто и беше на пат да забележи седми последователен ден на пад, најдолга таква низа од септември 2023 година. Индексот MSCI Inc. што ги следи акциите во азиско-пацифичкиот регион падна за 3,4 отсто и беше на пат да ја забележи најлошата недела од март 2020 година. Индексот за пазарите во развој, пак, го продлабочи падот од јунскиот максимум на 20 отсто и беше на пат да влезе во технички мечкин пазар.
Акциите на „Антропик“ (Anthropic PBC), компанијата што го создаде четботот „Клод“ (Claude), паднаа за 4,7 отсто, на 92,60 долари, во тргувањето по затворањето на берзата. Со тоа се спуштија под најниското ниво од првиот ден на тргување во четвртокот, по најголемата иницијална јавна понуда во светот. Излегувањето на берзата не ги ублажи пошироките сомнежи околу вложувањата во ВИ. Инвеститорите се прашуваа дали приносите ќе ги оправдаат огромните суми што се трошат и се позајмуваат за финансирање на подемот што помогна акциите во светот да достигнат рекордни нивоа.
Прочитај повеќе
„Антропик“ пред последниот чекор до ИПО-то по падот на технолошките акции
„Антропик“ се подготвува за потенцијално најголемото ИПО досега, додека Nasdaq 100 е на пат да падне петти ден по ред. Тргувањето треба да почне во четврток под ознаката ANT.
18.11.2026
Пресметавме колку ќе заработевте за пет години: Злато или индекси?
Златото има принос од околу 100 отсто за пет години, повеќе од среброто, платината и бакарот, а ги „победува“ и сите битни американски и европски индекси.
пред 1 час
Еуфоријата за ВИ стивнува, фондовите се повлекуваат од технолошките акции
Nasdaq 100 е на пат кон најлошиот ноември од 2008 година, а индексот на акции поврзани со полупроводници падна за 27 отсто од почетокот на октомври. Инвеститорите се сомневаат дека големите вложувања во ВИ ќе се исплатат.
17.11.2026
Светот им се врати на телефоните и факс-машините поради колапсот на „Мајкрософт“
Банки и брокерски куќи останаа без клучни комуникациски услуги, трансакциите доцнат, а трговците се принудени повторно да работат преку телефон и факс.
13.11.2026
„Енвидија“ тоне, но остатокот од берзата му одолева на притисокот
Додека одборот на „Енвидија“ бара траен наследник на Хуанг, компанијата се потпира на својата финансиска директорка Колет Крес, која како привремена извршна директорка ќе се обиде да го стабилизира работењето.
12.11.2026
Влошеното расположение кон акциите ги насочи инвеститорите кон побезбедните обврзници. Приносот на десетгодишните американски државни обврзници, кој служи како ориентир, се намали за три базични поени, на 5,01 отсто. Показателот на „Блумберг“ (Bloomberg) за доларот се задржа близу до највисокото ниво од април 2025 година. Златото и среброто беа на пат да ја забележат најлошата недела од март, додека падот на цената на бакарот се продлабочи.
„Пазарот е очигледно незадоволен, а ВИ е во средиштето на распродажбата“, рече Крис Вестон, раководител на истражувањата во „Пеперстоун “ (Pepperstone Group Ltd.). „Пошироката слика на пазарот е загрижувачка.“
Апетитот за ризик остана слаб. Фјучерсите на S&P 500 паднаа за 0,5 отсто, што укажува на натамошни загуби за американскиот индекс, кој веќе ја забележа најдолгата низа падови од 2024 година. Фјучерсите на Nasdaq 100 паднаа за 0,9 отсто, откако индексот го заврши тргувањето на најниското ниво од април. Се очекуваше европските акции да го почнат тргувањето со пад од 1,5 отсто.
Во Азија, главниот берзански индекс на Тајван падна за 6,5 отсто, а јужнокорејскиот за 5,3 отсто. Двата индекса, кои се меѓу клучните показатели за вложувањата во ВИ во регионот, беа најсилно погодени од распродажбата. Јапонскиот Nikkei 225 падна за 4,9 отсто.
„Во Азија денес инвеститорите масовно избегнуваат ризик“, рече Тим Вотерер, главен пазарен аналитичар во „КЦМ трејд“ (KCM Trade). „Повеќе грижи истовремено го притискаат расположението, меѓу нив и сè уште отворените прашања околу вложувањата во ВИ. Се забележува јасно пренасочување кон побезбедни средства, додека трговците ја намалуваат изложеноста на ризик.“
Врз расположението, рече тој, тежат и ограничениот ефект од берзанското деби на „Антропик“ (Anthropic) врз поширокиот пазар и наклонетоста на претставниците на Федералните резерви кон построга монетарна политика.
Најголемите движења на берзите
MXAP - на пат кон најлошата недела од март 2020 година
MXWD - на пат кон најлошата недела од април 2025 година
TWSE - на пат кон најлошата недела од 1991 година
HSI - на пат да влезе во мечкин пазар
MXEF - на пат да влезе во мечкин пазар
NKY - на пат да го заврши тргувањето на најниското ниво од април
Надвор од технолошкиот сектор, цената на нафтата благо порасна, а фјучерсите беа на пат кон трет неделен пад. Трговците го одмеруваа ризикот од нови американски напади врз Иран во услови на обилна понуда. „Брент“ се тргуваше над 92 долари за барел, со пад од повеќе од три отсто оваа недела. Најтргуваниот фјучерс за „Вест Тексас“ се движеше околу 83 долари.
Златото во петокот падна за 2,6 отсто, на околу 3.530 долари за унца. Беше на пат да загуби речиси девет отсто во неделата во која се спушти на најниското ниво од септември 2025 година. Среброто во истиот период падна за околу 15 отсто.
Американските државни обврзници беа на пат да ја забележат најдолгата низа поскапувања во речиси пет месеци, поттикнати од побарувачката за безбедни средства.
„Постојаниот пад на приносите денес, заедно со слабоста на главните азиски берзански индекси и на американските фјучерси, укажува дека продолжува повлекувањето од ризичните вложувања што почна во текот на ноќта“, рече Кенет Кромптон, раководител на стратегијата за каматни стапки во „НАБ“ (National Australia Bank).
Доларот беше на пат да забележи четврта последователна недела на раст. Најголемото берзанско деби досега ја зголеми побарувачката за долари, бидејќи инвеститорите низ светот ги менуваа своите валути во долари за да купат акции на „Антропик“.
Иницијалната јавна понуда следуваше по неколку недели нестабилно тргување со акции. Инвеститорите се соочуваат со низа неизвесности, од загриженоста за улогата на „Енвидија“ (Nvidia Corp.) како една од главните потпори на екосистемот за ВИ по отстранувањето на нејзиниот долгогодишен директор, до убедливата победа на демократите на изборите на средината на мандатот, која најавува промени во регулативата за индустријата.
„Инвеститорите се прашуваат дали најнапредната ВИ станува исклучително успешна технологија, но бизнис во кој е сè потешко да се остварат привлечни приноси“, рече Чару Чанана, главна инвестициска аналитичарка во „Саксо маркетс“ (Saxo Markets). „Информациите дека „Епл“ (Apple) презема чекори за развој на сопствен ВИ агент само ја засилуваат оваа загриженост.“
Корпорациски вести:
„Спејсекс“ (SpaceX) разгледува продажба на должнички хартии од вредност во износ од најмалку 32 милијарди долари, како дел од поголем договор за финансирање на чипови што компанијата на Илон Маск неодамна го склучи.
Властите во Калифорнија спроведоа истрага за да утврдат дали Кина на недозволен начин дошла до некој од напредните чипови на „Енвидија“ или до доверливи информации на компанијата.
Главни движења на пазарите:
Акции
- Фјучерсите на S&P 500 паднаа за 0,4 отсто до 13:57 часот по локално време во Токио.
- Јапонскиот Topix падна за 3,6 отсто.
- Австралискиот S&P/ASX 200 падна за 1,5 отсто.
- Хонгконшкиот Hang Seng падна за 1,7 отсто.
- Shanghai Composite падна за 1,6 отсто.
- Фјучерсите на Euro Stoxx 50 паднаа за 1,5 отсто.
Валути
- Bloomberg Dollar Spot Index остана речиси непроменет.
- Еврото зајакна за 0,1 отсто, на 1,0979 долари.
- Јапонскиот јен зајакна за 0,3 отсто, на 159,17 јени за долар.
- Јуанот со кој се тргува надвор од континентална Кина зајакна за 0,3 отсто, на 6,6744 јуани за долар.
Криптовалути
- Биткоинот остана речиси непроменет, на 61.460,95 долари.
- Етерот падна за 0,8 отсто, на 1.725,72 долари.
Обврзници
- Приносот на десетгодишните американски државни обврзници се намали за три базични поени, на 5,01 отсто.
- Приносот на десетгодишните јапонски државни обврзници се намали за два базични поена, на 2,800 отсто.
- Приносот на десетгодишните австралиски државни обврзници се намали за два базични поена, на 4,95 отсто.
Суровини
- Суровата нафта „Вест Тексас“ поскапе за 0,6 отсто, на 83,72 долари за барел.
- Цената на златото за непосредна испорака падна за 2,5 отсто, на 3.533,43 долари за унца.
Со помош на Фасих Манги, Аја Вагацума и Дејвид Финерти.