text size
Трговците беа принудени да работат преку телефон и Ватсап (WhatsApp), па дури и да ги активираат своите факс-уреди, бидејќи глобалниот прекин на услугите на „Мајкрософт“ (Microsoft) ја парализира комуникацијата и предизвика сериозни проблеми со услугите за електронска пошта на берзите.
Во Сингапур трговците пријавија дека некои банки не можеле да ги завршат финансиските трансакции, додека „Евронекст“ (Euronext NV), „Насдак“ (Nasdaq Inc.) и „Дојче берзе“ (Deutsche Boerse AG) соопштија дека имаат проблеми со електронската пошта. Јапонските компании соопштија дека кореспонденцијата се реализира преку факс, а индиските брокерски куќи предупредија дека може да има доцнење во одговорите на прашањата испратени по електронска пошта.
Прекинот го оставил Кенет Гох, кој службено патувал во Малезија, без можност да добива информации за пазарите што му помагаат да ги формулира советите за приватните клиенти.
Прочитај повеќе
Најголем дефект во поновата историја на „Мајкрософт“, проблемот тешко се санира
Што се случува и кога ќе се врати нормалното функционирање?
пред 4 часа
„Беше исклучително напнато“, изјави Гох, директор за управување со приватно богатство во брокерската куќа УОБ (UOB Kay Hian), кој преку кратки телефонски разговори бил принуден да комуницира со клиентите. „Ако прекинот трае подолго од 24 часа, тогаш ќе влеземе во црвената зона.“
Искуството на Гох го споделија многумина откако „Мајкрософт“ (Microsoft Corp.) претрпе еден од најсериозните прекини во работењето во поновата историја. Компанијата сè уште се бори да го врати пристапот до дел од својот водечки софтвер, по повеќе од половина ден откако започна прекинот, кој ги погоди системите Аутлук (Outlook), Тимс (Teams) и Копилот (Copilot). Проблемите го попречија работењето на трговските оддели, го одложија објавувањето корпоративни информации, па дури и го натераа „Ришемон“ (Richemont), сопственикот на „Картие“ (Cartier), накратко да го одложи објавувањето на своите финансиски резултати.
„Мајкрософт“ во соопштение во петокот наведе дека забележува „позитивни знаци во однос на стабилноста на серверите“, иако услугите сè уште не се обновени. Тргувањето на глобалните пазари беше релативно мирно, при што фјучерсите на S&P 500 речиси и не забележаа промена.
Рјутаро Кимура, висок стратег за обврзници во БНП (BNP Paribas Asset Management), со седиште во Токио, изјави дека иако самото тргување во голема мера не е засегнато, потврдите за трансакциите се натрупале, создавајќи проблеми со порамнувањето за административните оддели. „Трговските оддели и понатаму ги реализираа трансакциите преку телефон и факс“, додаде тој.
Во меѓувреме, трговците во СМС (CMC Markets) се вратија на „старомодниот“ начин на тргување откако системите на „Мајкрософт“ престанаа да функционираат.
„Сите повторно се префрлија на телефоните, а нашата комуникација на Ватсап беше поактивна од вообичаено“, изјави Јуџин Кох, трговец за продажба во СМС Сингапур. „За нешто што вообичаено преку електронска пошта трае една секунда, сега треба телефонски повик и неколку минути за да се заврши.“
Енди Кент, брокер во компанијата „Кајт Брокинг“ со седиште во Лондон, изјави дека прекинот повеќе влијае врз обработката на трансакциите отколку врз можноста тие да се реализираат. „Ова ќе има влијание врз ликвидноста, бидејќи институциите ќе бидат помалку склони да тргуваат сè додека повторно не почнат да функционираат системите за автоматизирана обработка на трансакциите од почетокот до крајот“, изјави Кент.
Метју Хаупт, портфолио-менаџер во ВАМ (Wilson Asset Management), изјави дека тимот на компанијата задолжен за акции на компании со мала пазарна капитализација го информирал дека одредени тргувања со акции се намалиле поради прекинот.
По турбулентниот период на пазарите, обележан со смената на Џенсен Хуанг од компанијата „Енвидија“ (Nvidia Corp.) и објавувањето на податоците за инфлација повисока од очекуваната, трговците изјавија дека дефектот во комуникациите претставува уште една голема главоболка на крајот на неделата.
„Аутлук е слепото црево на современиот свет на финансиското работење“, изјави Калвин Јео, портфолио-менаџер во БЕА (Blue Edge Advisors). „Значи, покрај тоа што целокупната инфраструктура на глобалните финансии, од почетокот до крајот, е парализирана, а ’Енвидија’ доживува колапс и пазарите на каматните стапки се надвор од контрола оваа недела, да, сè беше одлично.“