Тејлор Свифт докажа дека е културна и економска сила. Како што американската претседателска трка се приближува кон својот крај, сите очи се вперени кон тоа дали таа може да стане и политичка фигура.
Само неколку минути по дебатата во која Камала Харис успешно го провоцираше поранешниот претседател Доналд Трамп, Свифт на своите 283 милиони следбеници на Инстаграм им соопшти дека ќе гласа за потпретседателката.
Одлучноста на Свифт да се вклучи во оваа борба носи ниво на влијание што е речиси неспоредливо во целиот свет. Нејзиниот досег на социјалните мрежи го надминува досегот на Илон Маск, најбогатиот човек на светот и сопственик на платформата порано позната како Твитер. Првиот показател за нејзиното влијание може да дојде од оние што се регистрираа за гласање по нејзиниот поттик: персонализираниот линк на Свифт на Vote.gov привлече повеќе од 300.000 посети до средата во 11 часот, според портпаролот на ГСА (General Services Administration).
Прочитај повеќе
Камала Харис го навлече Трамп на дебата под нејзини услови
Камала Харис својата дебатна стратегија во вторникот вечер ја засноваше на провоцирање на Доналд Трамп.
11.09.2024
Харис го одржа првиот митинг со нејзиниот кандидат за потпретседател
Камала Харис и гувернерот на Минесота, Тим Волц, синоќа за прв пат настапија заедно на митинг во Пенсилванија.
07.08.2024
Илон Маск секој месец ќе донира за Трамп
Милијардерот го поддржа Трамп во објава на Х по ранувањето на поранешниот претседател
16.07.2024
И без концерти, Тејлор Свифт ги обедини обожавателите
Сите три концерти во Виена откажани поради терористичка закана
10.08.2024
Кој е дизајнерот со македонско потекло што ја облече Тејлор Свифт?
Негови креации носеле и Бијонсе, Пенелопе Круз, Џенифер Лопез, Флоренс Пју и Хајди Клум.
23.04.2024
Турнејата на Тејлор Свифт ги подобри прогнозите за БДП на Сингапур
БДП веројатно ќе се зголеми за 2,9 отсто во трите месеци кои завршуваат на 31 март, што е најбрзо темпо во шест квартали.
10.03.2024
Vote.gov не ги регистрира гласачите, туку ги пренасочува посетителите на веб-страницата за државните избори.
Во жестока трка, која веројатно ќе се сведе на неколку клучни држави, експертите ги следат знаците дека поддршката на Свифт би можела да биде значаен фактор. Глобалната турнеја на поп-пејачката беше исклучително успешна, создаде сопствена економија, ја направи милијардерка и ѝ даде огромно влијание врз милионите обожаватели што го следат секој нејзин чекор.
Иако многу од тие обожаватели се тинејџери и млади луѓе, голем дел од нив имаат право на глас. Самото убедување на тие обожаватели да се регистрираат би можело да ја промени ситуацијата. Пенсилванија, клучна држава, каде што е родена Свифт, почнува со раната регистрација за гласање за само пет дена. Гувернерот на Пенсилванија, Џош Шапиро, ја нарече нејзината поддршка „голема работа“.
На доделувањето на видео-музичките награди на Ем-ти-ви (MTV) во средата вечер Свифт не ја спомна поддршката за Харис, но откако им се заблагодари на обожавателите за тоа што ѝ помогнаа да ја освои наградата за видео на годината, рече: „Ако имате 18 години, ве молиме да се регистрирате за да гласате за уште една многу важна работа - претседателските избори 2024“.
И двата табора на изборите го бараат секој можен извор на нови гласачи. Последните два избора беа решени со минимални разлики, при што 44.000 гласачи во три држави ја направија разликата во 2020 година.
Харис води пред Трамп меѓу лицата на возраст од 18 до 34 години во клучните држави, со 53 проценти наспроти 41 процент - што е нејзин најдобар резултат меѓу сите возрасни групи, според анкетата на „Блумберг њуз/Морнинг консалт“ (Bloomberg News/Morning Consult) од август. Но повеќе од пет проценти од оваа возрасна група сè уште се неодлучни или планираат да останат дома, што укажува на тоа дека Харис сè уште може да напредува доколку успее да ги донесе тие гласачи зад параваните.
„Секогаш мислиме дека нејзината публика е млада, но таа е присутна повеќе од една деценија и има цела група обожаватели што пораснаа со неа и политички се развиваа заедно со неа“, вели Гвен Нисбет, вонредна професорка на Универзитетот во Северен Тексас, кој го проучуваше влијанието на поддршката на Свифт на изборите за Конгресот во 2018 година. Едно истражување од минатата година покажа дека повеќе од половина возрасни Американци се идентификуваат како обожаватели на поп-пејачката.
Објавата на Свифт за поддршката набрзо собра 8,9 милиони лајкови. Кампањата на Харис брзо ја искористи можноста, прифаќајќи преднарачки за белезиците на пријателството „Харис-Валц“, кои сега се распродадени, како знак на почит кон традицијата меѓу обожавателите на Свифт. Илон Маск исто така се вклучи со невообичаена објава во која ги спомена мачките на Свифт и неговата мисија за зголемување на светската популација. Речиси секој истакнат политичар имаше нешто да каже за тоа.
Нејзината објава на Инстаграм беше добро темпирана, според Нисбет, бидејќи слабо ангажираните гласачи обично се активираат веднаш по партиските конвенции и првите дебати. Младите гласачи имаат многу помала стапка на учество на избори отколку постарите Американци: само околу половина од оние на возраст од 18 до 24 години гласаа на претседателските избори во 2020 година.
„Ова е совршено време за поддршка од славни личности, особено како што се приближуваат роковите за регистрација на гласачите“, рече таа.
Падот на Трамп
Секако, не се сите обожаватели на Свифт, а таа не е имуна на контроверзии. Нејзиното пријателство со Британи Махоумс, сопругата на играчот на „Канзас Сити Чифс“, Патрик Махоумс, предизвика остра реакција од нејзините либерални следбеници. Британи Махоумс неодамна лајкуваше една од објавите на Трамп на Инстаграм, што го натера поранешниот претседател да каже дека таа е „многу подобра од Тејлор Свифт“. Трамп додаде дека Свифт „изгледа како секогаш да ги поддржува демократите и веројатно ќе ја плати цената за тоа на пазарот“.
Сепак, Трамп беше тој што веднаш ја плати цената - акциите на неговата компанија за социјални медиуми паднаа дури за 18 проценти во средата. Падот ја намали неговата нето-вредност за околу 200 милиони долари, според индексот на милијардери на „Блумберг“.
Тешко е да се утврди дали порастот на Харис во анкетите е само поради нејзиниот настап во дебатата или дали поддршката од Свифт имала влијание. Нејзините шанси за победа на изборите се зголемија на 57 проценти на платформата за обложување „Предиктит“ (PredictIt), во споредба со 53 проценти пред дебатата.
Иако Свифт историски ги поддржува демократите - таа ги поддржа претседателот Џо Бајден и Харис во 2020 година - обожавателите го чекаа нејзиниот став за овие избори, особено по ширењето лажни фотографии генерирани од вештачка интелигенција што сугерираат дека таа го поддржува Трамп.
„Не знам дали некој во овој момент има способност да убеди некого, мислам дека сме доста поделени и дека сме доста убедени за кого ќе гласаме и зошто“, рече Кејт Блантон, помошник-инструкторка на Универзитетот во Јужна Каролина, која предавала курс за Тејлор Свифт и се декларира како обожавателка на Свифт. „За многумина, тоа повеќе е само како потврдување, како препознавање дека некој кого го почитуваме и за кого се грижиме се чувствува исто како нас“.