Русија лансира интерконтинентална балистичка ракета кон централниот украински град Днепар, според командата на воздушните сили на Украина, што би претставувало понатамошна голема ескалација на непријателствата и алармантен сигнал за западните поддржувачи на Киев.
Нападот, ако се потврди, би бил прва употреба на интерконтинентална балистичка ракета во борба откако оружјето беше развиено на почетокот на Студената војна. Ракетата била лансирана од Астрахан покрај Касписко Море, на растојание од повеќе од 1.000 километри, според украинските сили.
Прочитајте повеќе: Украина за првпат ја нападна Русија со американски проектили
Цените на нафтата и на златото пораснаа, а акциите паднаа по веста за употребата на проектилот, што дојде како дел од поголем ракетен напад насочен кон централна Украина рано во четвртокот.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, ги упати прашањата за лансирањето на проектилот до Министерството за одбрана на Русија, додека одделно изјави дека Москва зазема „одговорна позиција“ за избегнување нуклеарен конфликт, објави државната новинска агенција „Тасс“.
Лансирањето на проектилот, кој има дострел од повеќе од 5.000 километри и е првенствено дизајниран да носи нуклеарно оружје, би претставувало значителен чекор во нападите на Москва и би испратило остар сигнал до сојузниците на Киев откако Украина користеше американски и британски ракети со долг дострел врз Русија.
Во меѓувреме, претседателот Владимир Путин го спушти прагот за употреба на нуклеарниот арсенал на Русија, додека претседателот Џо Бајден ја промени својата одлука и дозволи Украина да користи американски ракети АТАЦМС (ATACMS) за напади врз Русија. Украина исто така користеше британски ракети „сторм шедоу“ (Storm Shadow) против руски цели.
„Тоа е многу опасна позиција што ја зазема администрацијата во заминување“, рече Песков за одлуката на САД, според „Тасс“. „Се случува нова ескалација“.
Членовите на кругот на новоизбраниот претседател Доналд Трамп зазедоа сличен став, критикувајќи го пристапот на администрацијата на Бајден како спирала кон нови напади.
Употребата на итерконтинентална балистичка ракета е скап начин да се предизвика штета кај непријателот. Цената на нов ваков проектил, „сентинел“ (Sentinel) на американските воздухопловни сили, се зголеми на дури 162 милиони долари по парче, објави „Блумберг њуз“ (Bloomberg News) претходно годинава.