text size
„Дваесет проценти од лицата родени во регионот на Западен Балкан живеат во странство, со што се намалува потенцијалот за раст на економиите во регионот. „Човечкиот капитал е предуслов за постигнување одржлив и инклузивен економски раст, додека миграцијата е еден од факторите коишто влијаат врз човечкиот капитал. Со намалувањето како на квантитетот, така и на квалитетот на работоспособното население, имајќи предвид дека една третина од емиграцијата во регионот е со високо образование, се намалува потенцијалот за раст на економиите и се забавува веќе ниската конвергенција на доходот ‒ доходот во регионот е само 40 отсто од европскиот доход. Носителите на политиките не можат да ја спречат емиграцијата целосно, но може да ги ублажат негативните последици“, порача гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, која говореше на панел-дискусијата „Миграции, бегалци и општества“, во рамките состанокот на Холандско-белгиската конституенца на ММФ и Светската банка, којашто годинава се одржува во Црна Гора.