Договор за прекин на огнот сѐ уште нема, рокот истекува утре, односно в среда навечер по време во Вашингтон, а, американскиот претседател Доналд Трамп веќе изјави дека е „многу малку веројатно“ дека ќе го продолжи двонеделното примирје со Иран, доколку договор не биде постигнат пред неговото истекување. Ормускиот теснец ќе остане блокиран додека не се финализира спогодба. Истовремено и Техеран соопшти дека нема планови да учествува во можни преговори, бидејќи, како што велат „постојат различни показатели дека на американската страна нема сериозност за унапредување на дипломатијата“.
Добро утро, ви пишува Анита С. Буховски од дигиталната редакција на „Блумберг Адрија“. Во продолжение се петте вести што ги издвоиме за почеток на денот.
Се кратат летови, можни поскапувања: Македонија со рекорден увоз на керозин
Новите тензии на Блискиот Исток и повторниот прекин на транспортот на нафта низ Ормускиот Теснец што се случи викендов се закана за глобалниот авиосообраќај, кој веќе се соочува со проблеми од досегашната блокада, која следуваше по нападите на САД и Израел врз Иран. Повеќе авиокомпании се веќе принудени на кратење редовни линии, а растот на цените на авионското гориво ја доведува во прашање нивната рентабилност и носи опасност од поскапувања на авиобилетите.
Пролонгирањето на тензиите на Блискиот Исток и блокадата на Ормускиот Теснец, низ кој вообичаено минува една петтина од светската потрошувачка на нафта, дефинитивно може да предизвика хроничен недостиг од млазно гориво во иднина, што ќе резултира со подолготрајни нарушувања на глобалниот авионски транспорт. Во Македонија засега нема проблеми со авиопревозот, а надлежните велат дека снабдувањето останува стабилно.
Скапо ви е „Дубаи“ чоколадото? Е, па ќе биде уште поскапо, ф’стаците отидоа до небо!
Периодов е актуелно поскапувањето на ф’стаците на светските пазари, поради војната со Иран, којшто е голем светски производител на овие јаткасти плодови. Како што веќе пишуваше „Блумберг“, цената на овој популарен орев скокна најмногу во последните осум години, односно на 4,6 долари за фунта (околу половина килограм, н.з.), што е највисоко од мај 2018 година, според податоците на американската компанија „Експана“, аналитичар на пазарните трендови во земјоделското производство.
Меѓутоа, Иран не е и најголем производител на ф’стаци во светот, туку тоа се САД, со околу 65 отсто од светското производство, додека Исламската Република е на второ место, со 18 отсто, пред Турција со 11 отсто и останатите помали производители со вкупно 6 отсто. САД се големи производители на јаткасти плодови воопшто, особено Калифорнија, од каде што доаѓа околу 80 отсто од глобалното производство на лешници, ореви и ф’стаци, како што истакнува главниот аналитичар на „Блумберг Адрија“, Михаел Блажековиќ.
Македонија и Западен Балкан добија порака од Брисел, прво реформи па пари
Европската унија ги предупредила шесте земји кандидати од Западен Балкан дека ризикуваат да изгубат околу 700 милиони евра од фондовите на ЕУ ако до крајот на јуни не ги спроведат потребните реформи.
Тие 700 милиони евра се дел од средствата што ЕУ ги наменува за шесте земји од Западен Балкан преку Планот за раст за 2024 година. Во рамки на тој инструмент, за земјите од регионот вкупно се издвоени шест милијарди евра до 2027 година, под услов да спроведуваат реформи. Во рамки на Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан, според објавената распределба, за Македонија се предвидени 750 милиони евра, за Босна и Херцеговина 1,85 милијарди евра, за Србија 1,58 милијарди евра, за Албанија 922 милиони евра, за Косово 880 милиони евра, а за Црна Гора 383 милиони евра. Но, исплатата на средствата функционира по принципот: прво реформи, па потоа пари.
Што се случува кога телефонот ќе почне да купува наместо тебе?
Замислете да ве повика непознат број. Наместо вие да одговорите, телефонот го прави тоа сам, поставува прашање кој се јавува и зошто, и ви прикажува транскрипт во реално време додека вие молчите. Истиот тој телефон може да го замолите да нарача вечера - тој отвора апликација, наоѓа ресторан, избира јадења и ја подготвува нарачката, а од вас бара само клик на „потврди плаќање“. Ова не е опис на уред од 2030 година. Ова е „самсунг галакси С26“, кој се продава од март 2026 година.
Она што се промени не е само технологијата туку и самата категорија на уреди. Со години гласовните асистенти ни одговараа на прашања и ни поставуваа аларми. Гемини, системот на „Гугл“ за вештачка интелигенција вграден во „галакси С26“, го прескокнува разговорот и преминува директно на акција: сам отвора апликации, избира опции и пополнува форми наместо вас. „Гугл“ го нарекува ова автоматизација на екранот (англ. Screen Automation).
Може ли поранешен директор од автомобилската индустрија да го врати „Гучи“ во трка?
Нема сомнеж дека Лука де Мео, извршниот директор на „Керинг“ (Kering), силно го започна мандатот на чело на компанијата што стои зад брендови како „Ив Сен Лорен“ (Yves Saint Laurent) и „Баленсијага“ (Balenciaga). Откако ја презеде функцијата во септември, тој се зафати со оптоварениот биланс, го реструктуира менаџментот и воведе нова организациска структура. Сега почнува вистинската работа: обновување на продажбата преку преземање пазарен удел од ривалите и најмалку двојно зголемување на оперативната маржа во однос на нивото од 2025 година од 11 проценти.
Поранешниот директор на „Рено“ (Renault SA) претстави убедлив план во рамките на својата стратегија „Рикон Керинг“ (ReconKering), најавена минатата недела, која се обидува да го спои неговото индустриско искуство со „магијата“ на создавање хит чанти и чевли.