Bo тек се регистрациите за нашата конференција - Consumer Trends. Настанот ќе се одржи на 4. јуни во хотелот „Мериот“ во Скопје со почеток од 10 часот, а на овој линк можете да ја погледнете целата агенда.
Пријавувањето е бесплатно, но поради ограничениот број на места би ве замолиле да ги извршите регистрациите што е можно поскоро, бидејќи пристапот за секој учесник е регулиран со QR код кој е потребен за влез на конференцијата.
Добро утро! Ова се петте вести што треба да ги знаете на почетокот на денот, во избор на дигиталната редакција на „Блумберг Адрија“ од Скопје.
Цената на пченицата паѓа, ќе се преслика ли на цената на лебот?
Цената на пченицата се врати на нивото од пред пет години. Падот е позначителен во последната една година кога цената падна значително во однос на највисоките ниво од периодот на инфлацијата во 2022 и 2023 година.
Фјучерсите за пченица овој месец се тргуваат по цена од 5 до 6 долари за бушел, што е близу до најниското ниво од 2020 година. Еден бушел пченица тежи приближно 27,216 килограми, оттука цената за килограм пченица изнесува околу 0,19 долари (нешто над 11 денари). Причина за падот е големата глобална понуда, следена од слаба побарувачка.
За три години откриени над 31.000 фалсификувани евро монети во Македонија
Како и во претходните години, и во текот на 2024 година има појава на релативно големи количини фалсификувани монети на евра, информира Народната банка во годишниот извештај.
Лани биле откриени вкупно 6.181 парчe фалсификувани монети на евра, од кои 4.738 парчиња во апоен од две евра и 1.443 парчиња во апоен од евро евро. Од останатите валути, забележани се вкупно 21 фалсификувана монета.
Рекорден пад на бројот на дипломирани студенти во Македонија
На македонските факултети во текот на минатата година дипломирале 7.021 студент, што е убедливо најмал број во изминативе петнаесетина години, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.
Станува збор за значителен пад на бројот на дипломци ако се земе предвид дека во првите десет години од овој милениум бројот на дипломци во текот на една година често надминуваше 10.000 лица. Статистиката покажува дека од 2009 година наваму има континуиран пад на бројот на дипломирани студенти. Меѓу главните причини за ваквиот биланс се иселувањата и негативниот природен прираст.
Банките со свој стабилен коин - можности и ризици
Банките размислуваат за свој влез во стабилните дигитални валути (англ. stablecoins), доколку предложената законска регулатива во САД помогне криптовалутите и поврзаните производи да станат дел од мејнстримот.
Компании во сопственост на Банката на Америка (Bank of America Corp.), „Ситигруп“ (Citigroup Inc.), „ЏП Морган“ (JPMorgan Chase & Co.) и „Велс Фарго“ (Wells Fargo & Co.) разговарале за заедничко издавање дигитални монети, според „Волстрит журнал“. Европски банки како БС (Banco Santander SA) исто така покажале интерес за вакви проекти.
Високата сума што ја нуди Ливерпул за Вирц ги открива слабостите на Бундеслигата
Потенцијалниот трансфер на германската фудбалска ѕвезда Флоријан Вирц во Ливерпул за наводни 150 милиони евра (170 милиони долари) не само што би го оставил Баерн Минхен на цедило туку веројатно повторно би ја отворил дебатата за способноста на Бундеслигата да им конкурира на попрофитабилните европски лиги во привлекувањето фудбалски таленти.
Овој 22-годишен офанзивен играч за врска, за кого се очекуваше дека следната сезона ќе премине во редовите на германскиот шампион откако минатата година го предводеше Баер Леверкузен до првата титула во историјата на клубот, наводно изразил желба да премине на „Енфилд“ (стадионот на Ливерпул) по разговори со двата клуба, објави весникот „Билд“ во саботата.