Трговскиот договор меѓу Европската Унија и САД треба да стапи во сила откако Унијата го даде своето конечно одобрение, сметајќи дека договорот ќе донесе одредена стабилност и покрај континуираните економски тензии.
Земјите членки на ЕУ во четвртокот го одобрија договорот, ставајќи крај на речиси една година бавни преговори за негова ратификација, кои во еден момент речиси доведоа до негово пропаѓање. Според договорот, ЕУ ќе ги укине царините за американските индустриски производи и за дел од земјоделските производи, а за возврат ќе добие максимална царинска стапка од 15 отсто за извозот во САД.
Спроведувањето на договорот најверојатно ќе донесе моментално олеснување во затегнатите трансатлантски односи. Американскиот претседател Доналд Трамп се закани дека ќе воведе нови царини за ЕУ доколку договорот не биде придвижен до 4 јули. Сепак, двете страни и натаму имаат несогласувања околу царините за металите и регулативата за технолошкиот сектор, што би можело повторно да ги наруши односите во наредните месеци.
ЕУ е најголемиот извор на американски увоз
Трговскиот договор меѓу ЕУ и САД имаше тежок пат до финализирањето, откако Трамп и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, минатото лето постигнаа првичен договор.
ЕУ беше решена да избегне трговска војна и да го задржи Трамп ангажиран во безбедносните прашања, вклучително и Украина. Но, Унијата се соочи со тешкотии во ратификацијата на договорот. Во два наврати европратениците ја прекинаа постапката – прво поради заканите на Трамп дека ќе го преземе Гренланд, а потоа откако американски суд го поништи глобалниот царински режим на претседателот.
Во меѓувреме, САД делумно го спроведоа својот дел од договорот, што на крајот предизвика незадоволство кај Трамп.
На крајот, ЕУ успеа да ја заврши ратификацијата откако Европскиот парламент го измени договорот и внесе одредба според која тој истекува на крајот на 2029 година, како и механизам што овозможува негово суспендирање доколку Вашингтон ги прекрши договорените услови.
И покрај тоа, трансатлантските трговски односи остануваат затегнати. Претходно овој месец Трамп ѝ се закани на Франција со царини од 100 отсто за целиот увоз на шампањ и вино поради француските даноци за дигиталните услуги. Дополнително, двете страни сѐ уште немаат решение за американските царини за производите што користат челик и алуминиум, како и за европските правила што се однесуваат на технолошкиот сектор.
Новиот договор ќе биде ставен на уште еден тест во наредните недели, додека двете страни брзаат да постигнат договор за субвенциите во воздухопловната индустрија пред да истече петгодишното примирје, со кое се суспендирани одмазднички царини во вредност од 11,5 милијарди долари. Тоа примирје истекува на 11 јули.
Портпарол на Европската комисија изјави дека разговорите со американската администрација продолжуваат со цел и двете страни да ја продолжат суспензијата на реципрочните трговски мерки.