Вработените во „Ербас“ на голема производствена локација во Шпанија започнаа штрајк во знак на протест поради, како што велат, влошените услови за работа во изминатите години.
Штрајкот, организиран од Независниот синдикат на воздухопловни професионалци - СИПА (SIPA), започна на 1 јули и е предвидено да трае до крајот на месецот. Според учесниците на протестот, околу 3.000 вработени учествуваат во штрајкот од вкупно околу 9.000 работници во фабриката во Хетафе, јужно од Мадрид.
„Ербас“ е еден од најголемите работодавци во Шпанија, со повеќе од 14.000 вработени на осум локации, меѓу кои е и погонот во Хетафе. Работниците во оваа фабрика склопуваат борбени авиони „еврофајтер“, произведуваат сателити и изработуваат делови за комерцијални авиони, како најпродаваниот A320 и поголемиот A350.
Во четвртокот стотици демонстранти, од кои повеќето инженери, изјавија дека нивните главни поплаки се платите што не го следеле растот на инфлацијата, намалувањето на можностите за работа од далечина и одлуката на компанијата да ги одредува периодите за годишен одмор без притоа да преговара со вработените и нивните раководители.
„Ербас“ не одговори веднаш на барањето за коментар. Демонстрантите изјавија дека компанијата не комуницирала директно со нив од почетокот на штрајкот, но дека им било кажано оти производителот на авиони ќе преговара со СИПА.
Минатиот месец европскиот производител на авиони побара од вработените почесто да одат во канцеларија, намалувајќи го бројот на денови за работа оддома што им беа одобрени по пандемијата.
Работата оддома е спорно прашање за многу индустриски компании бидејќи нивната работна сила обично е поделена меѓу производствени работници што мора да бидат на работното место и вработени што можат канцелариските задачи да ги извршуваат оддома.
„Ербас“ има околу 160.000 вработени на глобално ниво, со главни производствени локации во Тулуз, Франција, и во Хамбург, северна Германија, како и линии за склопување во САД и Кина.
Повеќе од 3.000 инженери и монтери на авиони во „Ербас“ минатата година планираа да штрајкуваат во Обединетото Кралство поради платите, сè додека производителот на авиони не понуди повисоки плати и еднократна исплата.
Вработените во Хетафе изјавија дека штрајкот ги одложува проектите во фабриката бидејќи проверките на авионите, инженерските инспекции и другите активности неопходни за завршување на испораките не можат да се извршуваат вообичаено.