text size
Вработувањето во „Спејс екс“ (Space Exploration Technologies Corp.), според основачот Илон Маск, бара „исклучителни способности“ - а може да вклучува и тоа Маск лично да ја прегледа вашата биографија, како што изјави дека правел претходно годинава.
Маск ја основал „Спејс екс“ во 2002 година, со визија не помалку грандиозна од тоа луѓето да станат мултипланетарен вид. Компанијата е најпродуктивниот лансирач на ракети во светот, а истовремено управува со најголемата сателитска мрежа во ниската орбита на Земјата. Сега веќе јавна компанија, „Спејс екс“ вработува околу 22.000 работници со полно работно време и вработува уште многу, со приближно 2.500 отворени работни позиции. Речиси сите тие луѓе разбираат дека испраќањето луѓе на патувања во други светови носи големи барања овде на Земјата: покажување високо ниво на интелигенција, поедноставување на секој технички процес и долги работни часови во канцеларија.
Потребна е и премолчена лојалност кон Маск.
Прочитај повеќе
Како ИПО-ата вредни билиони го потресуваат пазарот?
Законодавците и регулаторите треба да обезбедат следната генерација иновативни компании да растат пред очите на јавноста и да излезат на берзата доволно рано за и малите инвеститори да можат да учествуваат во нивниот успех.
30.09.2026
„Спејс екс“ добива удел од 2,82 отсто во индексот Nasdaq 100, значително поголем од претходно
„Спејс екс“ е седмата најголема компанија во Nasdaq 100 според пазарната вредност, која надминува два билиони долари, но според сегашниот удел не е ниту меѓу првите 20 компании во индексот.
20.09.2026
Семејни канцеларии вложија милијарди во „Спејс екс“ на Маск
Најбогатите инвеститори се натпреваруваат за дел од бизнис империјата на Илон Маск.
17.08.2026
Bloomberg
„’Спејс екс’ е Илон, а Илон е ’Спејс екс’“, им рекол еден потпретседател во компанијата на своите вработени во 2022 година, откако група работници напишале отворено писмо во кое ги осудиле политички обоените твитови на Маск и неговото претставување на компанијата. Кандидатите за работа мора да разберат дека посветеноста на „Спејс екс“ е повеќе од нејзините возвишени меѓупланетарни цели; тоа исто така значи придржување кон корпоративната култура дефинирана од Маск.
Портпаролот на „Спејс екс“ не одговори на барањето за коментар во врска со нејзините практики за регрутирање и вработување. Но, според регрутери, советници и луѓе што биле на интервју за работа таму, токму сонот за истражување на вселената ги привлекува луѓето во компанијата, а Маск редовно се повикува на тој сон за да ги потсети работниците зошто се таму.
„Животот не може да се состои само од решавање еден проблем по друг“, им рекол Маск на вработените летово за време на состанок на целата компанија, повторувајќи често користена порака. „Мора да има нешта поради кои со нетрпение ќе гледате кон иднината. А да се биде цивилизација што патува во вселената, мислам дека е најинтересното нешто што би можеле да го направиме за иднината. Тоа е како ’Ѕвездени патеки’ да станат реалност“.
Има многу амбиции што треба да се реализираат на патот до тоа. Мрежата на „Спејс екс“ од повеќе од 11.000 сателити Старлинк има цел да го поврзе секој дел од Земјината топка со интернет, додека огромната ракета „Старшип“, која компанијата ја развива, е наменета прво да започне човечка база на Месечината, а потоа и на Марс. Компанијата произведува сателити што ќе служат како центри за податоци за вештачка интелигенција. Крајната цел? Да се искористи доволно од енергијата на сонцето за светот да се претвори во цивилизација од тип II според Кардашев, што се однесува на модел на еден астроном што ги следи технолошките способности на интелигентниот вид.
За да стигне дотаму, „Спејс екс“ ангажира армија на работници која ги вклучува очекуваните воздушно-вселенски инженери и софтверски програмери, но и техничари, заварувачи, дизајнери на вселенски костими и баристи. „Спејс екс“ плаќа малку под индустрискиот просек за своите инженерски позиции, според анализа на воздушно-вселенскиот регрутер СК (Space Crew) - „Спејс екс“ ги промовира своите позиции преку платформата за работа на СК. Но „Спејс екс“ обезбедува повисоки надоместоци од конкурентите во вселенската индустрија за позиции во софтверот, приближно 15.000 до 25.000 долари повеќе, во распон од 141.000 до 198.000 долари.
Една од главните поволности за вработените е пристапот до сопственички удел, било право да купат акции или исплата во форма на ограничени единици на акции што се стекнуваат со текот на времето. Таквите поволности се рекламираат како дополнителна форма на надомест за оние што можеби прифаќаат пониски плати од просечните за нивната област. Кога компанијата излезе на берза, многу вработени стекнаа ново богатство на хартија.
Тоа е едно од единствените места за работа ако сакате да работите директно со машини што навистина одат во вселената. „Спејс екс“ е најголемата компанија во индустријата и најголемиот вработувач, со 50 отсто повеќе отворени позиции од својот најблизок конкурент „Блу ориџин“ (Blue Origin), според СК. А откако ова лето собра 85 милијарди долари преку најголемата иницијална јавна понуда на акции во историјата, компанијата започнува голем циклус на вработување, барајќи луѓе за големи проекти за проширување, кои вклучуваат изградба на нов објект за производство на чипови во округот Грајмс, Тексас, во партнерство со „Тесла“ (Tesla Inc.), како и неодамна најавен објект за лансирање „стартап“ во Луизијана. „Спејс екс“ исто така ја проширува својата работна сила во Бастроп, Тексас, додека ја развива својата нова флота на орбитални центри за податоци.
Bloomberg
Можеби најголемиот услов за вработување во „Спејс екс“ е да бидете американски државјанин или законски постојан жител. Бидејќи ракетите имаат слични дизајни со интерконтиненталните балистички ракети, технологијата е строго регулирана од владата. Компанијата одлучила да вработува само Американци или носители на зелена карта за полесно да ги исполни тие барања, одлука што предизвика контроверзии.
Практичното искуство на крајот е поважно за регрутерите на „Спејс екс“ отколку напредните академски степени, покажува анализата на СК. А интелектуалната моќ е важна, вели главната оперативна директорка на „Спејс екс“, Гвин Шотвел. „Мора да имате некаква сурова, вродена интелигенција“, рече таа за време на конференција организирана од „Голдман Сакс“ (Goldman Sachs Group Inc.) во 2023 година. „Не мора нужно да бидете вешти во одредена област, бидејќи паметните луѓе ќе научат.“
Таа вредност е нагласена кога станува збор за вработувањето. Извршното раководство често ги охрабрува менаџерите за вработување да проценат дали новиот кандидат има потенцијал да биде попаметен од лицето што го вработува, според вработен во „Спејс екс“ што немал овластување да разговара за работата на компанијата.
Тина Жао годинава била на интервју за работа како софтверски инженер во „Спејс екс“, а сега работи во компанија во сопственост на „Алфабет“ (Alphabet Inc). Таа вели дека регрутерот од „Спејс екс“ бил многу заинтересиран за деталите од нејзиното претходно искуство, особено за периодот кога работела на обновување податоци што биле изгубени.
„Навистина чувствував дека вложија многу време во интервјуто за навистина да ги разберат моите проекти и од каде доаѓам“, вели Жао.
Тоа е затоа што, како што вели Шотвел, компанијата бара кандидати да ги покажат своите достигнувања од претходните работни места. „Ако сте имале успех на друго место, веројатно ќе имате успех и во ’Спејс екс’“, рече таа за време на конференцијата на „Голдман Сакс“. „И затоа поставуваме прашања за време на интервјуата како: ‘Кажете ми за нешто што сте го направиле навистина добро. Кажете ми за проект со кој сте биле навистина успешни.’“
Маск често зборува за својот „алгоритам“, односно многу специфичниот метод на „Спејс екс“ за создавање ефикасен инженеринг и софтвер. Тој започнува со преиспитување зошто постои одреден процес, без оглед на тоа кој го воспоставил. Потоа ги предизвикува вработените да ги избришат деловите или чекорите што не се потребни.
Овој пристап може да има и негативни страни. Имало случаи кога Маск изјавил дека одреден дел од хардверот има премногу цевки или жици, принудувајќи ги вработените да ги отстранат тие делови - за на крајот да откријат дека тие сепак биле неопходни.
На потенцијалните нови вработени им се кажува дека работата ќе бара издржливост. Во огласите за работа, „Спејс екс“ наведува дека кандидатите „мора да бидат подготвени да работат продолжено работно време и за време на викендите, доколку е потребно“. Повеќето инженери работат и до 60 часа неделно, а тоа може да се зголеми и над тоа. Компанијата е позната по културата на исцрпување (англ. burnout). „Спејс екс“ обично вработува релативно млади луѓе веднаш по завршувањето на факултетот, а многумина на крајот заминуваат години подоцна на помалку интензивна работа.
Како што напиша Маск во твит во 2018 година: „Има многу полесни места за работа, но никој никогаш не го променил светот работејќи 40 часа неделно“.
Bloomberg
Вработените исто така мора да бидат подготвени да им се меша самиот Маск. Најбогатиот човек во светот редовно се вклучува директно во проектите. Во 2019 година тој побарал од вработените што работеле на „Кру драгон“ (Crew Dragon), вселенското летало на „Спејс екс“ за превоз на патници, да дојдат во канцеларијата на состанок рано во сабота. Тој доцнел и ѝ кажал на групата дека сите мора да работат напорно за да ги испочитуваат роковите и дека на проектот работат премногу луѓе - што ги вознемирило вработените што се обидувале да му дадат приоритет на извршувањето на мисијата на најбезбеден можен начин.
Може да има цена за корпоративната култура што не го одобрува искажаното несогласување. Поранешни вработени ја опишале „Спејс екс“ како компанија со атмосфера слична на студентско братство, впечаток дополнително засилен од работната сила, која е во голема мера машка. Извештаите за сексуално вознемирување беа проследени со тврдења дека тие пријави не биле соодветно разгледани. „Спејс екс“ не одговори на барањето за коментар во врска со извештаите за сексуално вознемирување што се појавија во 2021 година, иако Шотвел во тоа време испратила интерна електронска пошта во која ги охрабрила вработените да пријавуваат вознемирување и да се потсетат на политиката на „Спејс екс“ „без идиоти“.
„Навременото пријавување на вознемирувањето е клучно за да ја одржиме ’Спејс екс’ како одлично место за работа; не можеме да го поправиме она за што не знаеме“, посочила Шотвел во е-поштата.
Во 2024 година осум поранешни вработени поднеле жалба до Националниот одбор за работни односи и тужба за граѓански права пред државниот суд во Калифорнија, обвинувајќи ја компанијата дека несоодветно се справува со сексуалното вознемирување и дека им се одмаздува на свиркачите. Меѓу наводите било дека мажи во компанијата им упатувале вулгарни шеги на жените, отворено им гледале во градите и велеле дека жените биолошки не се способни да бидат инженери. Постапката на вработените пред Националниот одбор за работни односи беше отфрлена откако „Спејс екс“ се спротивстави на тоа одборот да има надлежност над компанијата. Компанијата се обидува граѓанската тужба во Калифорнија да ја префрли во арбитража.
Тие поранешни вработени тврделе дека биле отпуштени затоа што ја разоткриле таа култура. Две години претходно тие го напишале отвореното писмо во кое ги осудиле твитовите на Маск, наведувајќи дека „однесувањето на Илон во јавната сфера е чест извор на одвлекување на вниманието и срам за нас“. Тие биле отпуштени набрзо потоа. Иако новите вработени нема да го најдат тоа напишано во прирачникот на компанијата, потегот испрати јасна порака до вработените во „Спејс екс“: Не кажувајте ништо негативно за Илон Маск.