Економија

Германските менаџери очекуваат стагнација во 2023 година

Извор: Craig Stirling, Kamil Kowalcze/Bloomberg

22 мај 2023, 16:18

Бизнисмените не гледаат знаци на економски раст

Нарачките значително се намалуваат

Истражување покажа дека цените на енергијата и на суровините и натаму се најголем ризик

Bloomberg

Германските компании не гледаат докази дека најголемата европска економја би можела да оствари раст, покажа истражувањето на Здружението на германските индустриски и трговски комори - ДИХК (DIHK). Здружението соопшти дека одговорите од 21.000 компании укажуваат оти менаџерите не гледаат знаци на забрзување, по два квартала без раст.

„Компаниите покажаа ретка отпорност и покрај постојано високите цени на енергијата, зголемените каматни стапки и војната во Украина“, рече во понеделникот Илја Нотнагел, главен извршен директор на ДИХК. „Сепак, изгледите за следните 12 месеци остануваат матни, особено бидејќи нарачките значително се намалуваат“.

Здружението предвидува нулта раст во 2023 година, што е попесимистичка перспектива од прогнозата на Европската комисија, која минатиот понеделник објави дека очекува раст од 0,2 отсто.

Оваа недела е посветена на здравјето на германската економија. Во наредните денови треба да бидат објавени резултатите од анкетата на менаџерите за набавки, со која институтот „Ифо“ (Ifo) го мери нивото на деловната доверба, додека економистите предвидуваат влошување. Потоа, в четврток, втората процена на бруто-домашниот производ ќе покаже дали неочекувано слабото индустриско производство во првите три месеци од оваа година ја турна земјата во рецесија. Повеќето економисти сè уште проценуваат дека економијата стагнира, а не се намалува.

BloombergAdria.com

Bloomberg

 

Бундесбанк ќе го објави својот месечен извештај в среда и ќе ги ажурира инвеститорите за процените за растот, а оваа недела се очекува и клучниот говор на нејзиниот претседател Јоаким Нагел.

Истражувањето на ДИХК покажа дека цените на енергијата и суровините и натаму се најголем ризик за компаниите, додека недостигот на квалификувани работници е следната најголема опасност. Заедно со инфлацијата, повеќе од половина од испитаниците го сметаат за закана.

„Со оглед на стареењето на општеството, недостигот од квалификувани работници ќе остане еден од главните структурни предизвици за компаниите“, рече Нотнагел.