Ценовните маржи за околу илјада производи за широка потрошувачка од први мај се одмрзнати, а ситуацијата во маркетите е променлива уште и пред официјално да престане да важи владината одлука донесена во февруари: некои категории производи имаат стабилизација на цените, додека други бележат значителни скокови или падови, според порталот за споредба на цените www.cenometar.mk
Оваа алатка измерила најголема промена кај цената на говедската кртина, пораст од 19 отсто во одредени маркети, како и 14 отсто поскапување на мешаниот кашкавал. Но забележано е и поевтинување на портокалите, на пример, од дури 53 отсто во некои маркети. Лимоните поевтиниле за 10,5 отсто, бананите за скромни 1,1 отсто, но затоа пак јаболката поскапеле за 26 отсто. Кај зеленчукот, најголемо поскапување има кај зелката, речиси 27 отсто, кај млечните производи овчото сирење за 10,6 отсто, кај производите за домаќинство поскапеле некои прашоци за перење и до 19,2 отсто, додека од основните намирници раст на цената има кај брашното, 5,7 отсто, и шеќерот, 4,6 отсто, додека оризот, на пример, поевтинил за 8,8 отсто.
Реакциите во јавноста на она што се случува во маркетите од први мај наваму се поделени – власта убедува дека нема позначителни поскапувања, опозицијата го тврди спротивното, додека граѓаните вообичаено се жалат дека цените се високи.
Прочитај повеќе

Инфлацијата во Македонија во април достигна 2,6 проценти
Инфлацијата мерена преку индексот на трошоците на животот во април 2025 година, во однос на март 2025 година, изнесува 0,6 проценти.
07.05.2025

Зошто евтината нафта ги радува увозниците, а ги загрижува извозниците
Под нормални околности, пониските цени би поттикнале поголема потрошувачка, но на повидок е нешто друго...
29.04.2025

„Нестле“ и „Унилевер“ најавуваат нови поскапувања
Светските лидери во производство на храна ќе продолжат со поскапувањата.
24.04.2025

Битка со високите цени: Ценовниците на маркетите стануваат достапни на интернет
Здружението на приватни аптеки бара изземање од одлуката
18.04.2025

Перики, ботокс, вештачки трепки, секс-играчки - трговската војна ги поскапува и овие производи
Царините на Трамп не ги погодуваат само луксузните автомобили и француското сирење туку речиси сè, од очилата „рејбан“ до капсулите „неспресо“ .
11.04.2025
„Граѓаните се соочуваат со нови ценовни шокови по маркетите и продавниците. Цените повторно се покачени по истекот на мерката за замрзнати маржи. Храната и производите што и со замрзнатите маржи не беа достапни за граѓаните – денес се уште поскапи“, велат од СДСМ. Според нив, маслото за јадење е покачено од 89 на 92 денари, млекото над 72 денари, покачени се цените на јајцата, месото, сирењето, соковите.
„Средствата за хигиена поскапеа дури и за 60 проценти! Граѓаните имаат сѐ помалку пари во своите џебови. Ова е резултат на трајно погрешна економска политика на Владата. Пропадна т.н. есенска кошничка. Пропадна новогодишната кошничка. Пропаднаа и замрзнатите маржи. Цените продолжуваат да растат. Стандардот тоне“, реагираа од опозицијата. Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ им одговорија дека токму СДСМ се тие што направиле да се покачат цените на производите.
„СДСМ можеби заборави, но тие за време на нивното владеење го покачија ДДВ од 5 на 10 отсто на околу 1.500 прехранбени производи. И откако поскапеа 1.500 производи, сега лицемерно бараат укинување на ДДВ за околу 200 производи, кое нема да има никаков ефект врз цените“.
Од пазарната инспекција, пак, соопштија дека нивните инспектори се на терен и засега не забележале скок на цените кај 30 до 50 групи основни прехранбени производи. До крајот на месецот инспекторатот ќе почне со контроли на увозниците и дистрибутерите, а наредната недела и на производителите.
„Инспекторите се постојано на терен. Не се забележани драстични поскапувања, особено во делот на основните прехранбени продукти. Има мало зголемување на цените на хемиските производи поради нискиот обрт“, изјавија од Државниот пазарен инспекторат.
Од она што редакцијата на „Блумберг Адрија“ го увиде со една прошетка по маркетите, се забележуваат нови, повисоки цени на рафтовите. Има поскапувања кај маслото за јадење, јајцата, млекото, сирењето, а најголеми разлики се забележуваат кај хигиенските производи – тоалетна хартија, влажни марамчиња итн.
Замрзнување на маржите не го решава проблемот со високите цени
Според експертите, замрзнувањето на маржите и сличните мерки не го решаваат проблемот со високите цени.
„Тоа се виде и со претходните влади, каде што ваквите мерки не дадоа некои посебни ефекти. Зошто сега со друга влада истите мерки би дале поинаков резултат? Не може да влијаете врз високите цени со тоа што ќе влијаете врз самите цени, односно врз последицата, вие треба да влијаете врз причината, врз коренот на проблемот“, рече проф. Ванчо Узунов за телевизијата „Блумберг Адрија“ кога Владата го објави замрзнувањето на маржите во февруари.
А причините, според него, се комплексни и се наоѓаат на страната и на понудата и на побарувачката.
„На страната на понудата имаме увезена инфлација, односно поради надворешни фактори поскапеа суровини, храна и други производи од кои сме увозно зависни. Потоа имаме недоволна конкуренција, односно концентрација на мал број производители за некои категории производи, како и мал број дистрибутери и трговци. Исто така, она што можеме да го произведеме дома, особено земјоделски производи, не го произведуваме доволно. Од друга страна, кај побарувачката имаме производи со т.н. ценовна нееластичност, како храната, каде што и да се покачуваат цените, побарувачката не се намалува значително, луѓето мора да јадат. И тогаш зошто трговците би ги намалувале цените ако побарувачката не се менува. Потоа, се зголемија минималната и просечната плата, а продуктивноста не е покачена, па имате притисок на страната на побарувачката. И тука е огромната сива економија, луѓе остваруваат приход на различни начини, не плаќаат никакви давачки, а се јавуваат на страната на побарувачката и вршат притисок врз цените“, објаснува Узунов.
За него најбитно е на краток рок Владата да ги заштити со сет на мерки најсиромашните категории граѓани, а другите да ја приспособат својата потрошувачка на актуелното ниво на цени. За подолгорочни ефекти тој смета дека сме пропуштиле многу години на неносење или неспроведување политики за зголемување на земјоделското производство и преостанатите прехранбени и непрехранбени производи, како и за зголемување на продуктивноста на трудот, иновациите и воведување нови технологии, за што цената ја плаќаме сега, преку високо ниво на цени наспроти нивото на плати што го имаме споредено со поразвиените земји од ЕУ.
Дурмиши: Мерките даваат резултатиМинистерот за економија и труд Бесар Дурмиши вчера одржа прес-конференција на која информираше за последите податоци на Државниот завод за статистика за инфлација во април која на годишно ниво изнесуваше 2,6 проценти. „Благодарение на мерките преземени од почетокот на годината – вклучувајќи го ограничувањето на маржите на прехранбени и хигиенски производи – денес имаме конкретни резултати“, соопшти Дурмиши. Тој додаде дека официјалните податоци покажуваат дека инфлацијата за месец април е практично нула во споредба со март односно дека има зголемување од само 0,6 проценти. „Цените на храната се речиси непроменети – само 0,3 проценти годишен раст и намалување од -1,3 проценти во споредба со декември 2024. Ова се факти што покажуваат дека економијата е постабилна, и граѓаните не се соочуваат со неподносливи поскапувања. Но, тука нема да застанеме“, рече Дурмиши.
Тој информира дека во соработка со Државниот пазарен инспекторат, секојдневно се следи динамиката на цените.
„Досега нема значително зголемување по завршувањето на мерката. Но, доколку некој се обиде да ја злоупотреби ситуацијата – ќе реагираме веднаш и реакцијата ќе биде решителна“, рече Дурмиши. Тој објасни дека може да се прошири листата на производи со ограничени цени, да се воведат маржи за сите производи или да се зголемат постојните ограничувања. |
Храната поскапува на светско ниво
Со оглед на фактот што Македонија станува сѐ повеќе увозно зависна за храна, неминовно е промените на цените на светските пазари да имаат влијание и врз цените во домашните маркети. А, храната во светот поскапува, тоа го бележи и Светската агенција за храна на Обединетите нации (ФАО), според која храната во април поскапела најмногу во последниве две години. Најмногу се зголемиле цените на месото, млекото и млечните производи.
Најголемиот пораст на цените на месото се случил во април, за 3,2 отсто споредено со март, првенствено поради скокот на цените на свинското месо.
Млечните производи исто така значително поскапеле, за 2,4 отсто, а нивниот ценовен индекс е за дури 22,9 отсто повисок во однос на истиот период лани. Предводник во растот на цените е путерот, со нов рекорд на цената на сите времиња, поради намалените резерви во Европа.
Цените на житните култури се зголемиле за 1,2 проценти во споредба со март. Пченицата поскапела минимално, иако понудата од Русија е намалена, а побарувачката зголемена поради послабиот долар во споредба со еврото, но овие ефекти биле неутрализирани од поголемата неизвесност во глобалната економија. Цените на пченката се зголемиле поради сезонски пониските резерви во САД и движењата на девизниот курс. Растителните масла поевтиниле за 2,3 отсто поради поголемото производство во Југоисточна Азија. Цените на сончогледовото масло останале на нивото од март, но во споредба со април минатата година растителните масла сѐ уште се поскапи за 20,7 отсто. Цените на шеќерот паднале за 3,5 отсто во април во споредба со март, под влијание на неизвесната перспектива за глобалната економија и можниот пад на побарувачката за шеќер во прехранбената индустрија.