Црниот петок (англ. Black Friday) можеби започна во САД, но сега е глобален настан за купување, кој е целосно прифатен и во Европа. Истражувањата покажуваат дека и покрај геополитичките тензии и растечките трошоци за живот, расположението на европските потрошувачи останува изненадувачки отпорно. Всушност, Црниот петок се базира на илузијата за заштеда.
Добро утро, ви пишува Владимир Николоски од дигиталната редакција на „Блумберг Адрија“. Подолу петте вести што ги издвоивме за почеток на денот.
Дали македонска банка би дала кредит на 50 години? Трамповите идеи низ наши бројки
Во обид да ги придобие симпатиите на американскиот народ кој се соочува со раст на трошоците на живот меѓу кои доминира домувањето, претседателот Доналд Трамп неодамна промовираше идеја за овозможување хипотекарни кредити со рок на отплата до 50 години. Според него, тоа би значело помала месечна рата за отплата на кредитот односно помало оптоварување на семејните буџети.
Иако дел од експертската јавност во САД ја отфрли идејата како краткогледно и проблематично решение за високите трошоци за домување, анализиравме колку тоа би било применливо во реалноста, што би значело во однос вкупните трошоци за отплата на кредитот и дали македонските банки воопшто размислуваат во насока на зголемување на рочноста за отплата на станбените кредити.
Не очекувајте ВИ да ја загрози доминацијата на пребарувачот на „Гугл“
Донесена е пресуда дека вештачката интелигенција може да го наруши доминантниот статус на „Гугл“, но две нови книги тврдат дека монополите ретко се коригираат сами од себе. Во неодамнешната епизода на поткастот „Аквајрд“ (Acquired), инвеститорите Бен Гилберт и Дејвид Розентал тврдеа дека катастрофалниот старт на четботот Бард (Bard) на „Гугл“ во февруари 2023 година, кој доведе до пад на акциите на компанијата за осум проценти во еден ден, всушност бил „маскиран благослов“.
Според нив, тоа е така затоа што две години подоцна, американски федерален судија пресуди дека „Гугл“ незаконски го монополизирал интернет-пребарувачот, но исто така ја вклучи можноста дека претстојната закана од вештачката интелигенција ќе обезбеди нова конкуренција за компанијата. Судот одлучи дека „Гугл“ не треба да направи значителни промени во своето работење, делумно затоа што се очекува дека ВИ ќе ги реши проблемите самостојно.
Дали следниот македонски хит ќе го отпее алгоритам?
На почетокот на месецов беа претставени првите вокали со вештачка интелигенција во Македонија. Мартин и Мартина „снимија“ неколку песни на македонски, српски и на англиски јазик кои веќе се објавени на „јутјуб“. Барем засега, реакциите за овој пионерски концепт кај нас се благи и претпазливи, главно насочени кон љубопитност и следење на трендовите. Идеен творец на проектот е Иле Спасев кој е и автор на аранжманите, а музиката и текстовите заеднички ги потпишува со Ристе Катевеновски.
„Логичен напредок за оние што сакаат да бидат во тек е да го следат ‘бумот’ што го прави ВИ-технологијата во музичката индустрија. Со Катевеновски одлучивме и ние да се фокусираме на тој аспект на развивање на работите и да видиме до каде ќе може да оди сето тоа. Сфативме дека можностите се бескрајни“, вели Спасев.
Кина радикално ги редефинира глобалните стандарди за луксуз
Далечниот Исток и Јадранскиот Регион сега се многу поблиски. Директните летови на „Ер Србија“ (Air Serbia) од Белград до Пекинг, Гуангжу и Шангај, без визи, не значат само патување од една земја во друга, ниту едноставно преминување на временски зони. Тоа е, пред сè, премин од еден технолошки свет во друг, од еден модел на општествена организација кон нешто што сè повеќе личи на најава за иднината на човештвото.
Кина е истовремено древна и футуристичка, монументална и прагматична, длабоко традиционална и суштински технолошка. Таму се добива чувство дека времето не се мери линеарно, туку во слоеви: додека шетате низ антички будистички храмови истовремено сте опкружени со дигитални екрани, скенери за лице, паметен сообраќај и урбаност што дише како организам.
„Алибаба“ лансира паметни очила со вградена вештачка интелигенција
„Алибаба“ (Alibaba Group Holding Ltd.) започна со продажба на своите први паметни очила напојувани од нејзините модели „Квен еј-ај“ (Qwen AI), означувајќи редок исчекор во тој сегмент. Новите очила „кварк С1“ (Quark S1) вклучуваат вградени проѕирни дисплеи што прикажуваат контекстуални информации за видикот на корисникот на околината.
Опремен со камери, микрофони со коскена спроводливост и заменливи батерии што траат 24 часа, овој нов производ има цел да му понуди на кинескиот пазар нешто слично на паметните очила „рејбан“ (Ray-Ban) на „Мета платформс“ (Meta Platforms Inc). Ова означува продолжување на амбициозната реорганизација на „Алибаба“ во бизнис што првенствено се потпира на вештачката интелигенција (ВИ).