Германија се согласи да ѝ обезбеди на Украина воена помош во износ од пет милијарди евра, како дел од ветувањето на канцеларот Фридрих Мерц да му помогне на Киев во развојот на оружје со долг дострел за напади врз цели на територијата на Русија.
Германските средства ќе бидат насочени кон изградба на производствена инфраструктура во земјата која е воена цел, а „значителен“ број оружени системи треба да бидат произведени уште оваа година, соопшти Министерството за одбрана. Првите системи ќе бидат оперативни во наредните недели. Берлин исто така ќе ги зголеми испораките на компоненти за оружени системи, вклучително и артилерија.
Мерц, кој оваа недела изјави дека не постојат „апсолутни ограничувања на дострелот“ кога станува збор за украински напади длабоко на територијата на Русија, вети интензивирање на соработката со Киев, додека европските сојузници го зголемуваат притисокот врз Русија да се вклучи во преговори за завршување на војната. Тој го нарече нападот на Кремљ врз Киев минатата недела „шлаканица за дипломатијата“.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој првпат го посети Берлин откако новиот канцелар стапи на функција овој месец, побара од западните сојузници да обезбедат 30 милијарди долари до крајот на годината за зајакнување на домашното производство на оружје и запирање на руското напредување. Со сѐ послабата поддршка од САД и застојот во дипломатијата, Киев сѐ повеќе се потпира на сопствените ресурси.
Bloomberg
Ниту еден од лидерите не изнесе дополнителни детали за воената соработка – а Мерц одби да одговори на прашања за германската испорака на крстосувачки ракети од типот „Таурус“, кои Берлин сè уште одбива да ги испрати. Сепак, канцеларот истакна дека заедничката работа ќе биде насочена кон тоа Украина да стекне капацитети за одбрана од Русија. Зеленски изјави дека германските и украинските тимови ќе постигнат договор за финансирање на нови проекти.
„Тие проекти веќе постојат, ние само сакаме да ги реализираме во обем кој ни е насушно потребен“, порача украинскиот претседател.
„Опструкција на мировните напори“
Само еден час по изјавите на Мерц, Русија ги оцени како провокација.
„Тоа не е ништо друго освен продолжување на обидите да се принудат Украинците да ја продолжат војната“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, објави државната агенција ТАСС. „И тоа е ништо друго освен опструкција на напорите за мирно решение.“
Мерц го повтори својот повик до Путин да прифати преговори за прекин на огнот, „во Ватикан, Женева или на трета локација“. Европските лидери се обидуваат да го зголемат притисокот, откако американскиот претседател Доналд Трамп оваа недела предупреди дека Путин „си игра со оган“.
Откако пред три недели стапи на функција, Мерц сигнализираше пресврт во однос на повнимателната политика на својот претходник Олаф Шолц, заземајќи поодлучен став во поддршката на Украина против руската инвазија. Новиот канцелар дополнително потврди дека гасоводот „Северен тек 2“ низ Балтичкото Море останува неактивен.
„Во име на Сојузна Република Германија велам: во овој контекст, ќе направиме сè што е во наша моќ ‘Северен тек 2’ да остане надвор од функција“, изјави Мерц.
Шолц долго време одбиваше испраќање на ракетите „Таурус“, со дострел до 500 километри, кои би можеле да погодат цели во Москва. Иако Мерц не ја спомена оваа тема, претходно изрази поддршка за нивната употреба.
Коалициската влада се согласи да не објавува податоци за испораките на оружје.
Најавените пет милијарди евра се дел од средствата што германскиот парламент веќе претходно ги одобри за воена помош на Украина.
Германија е вториот најголем донатор на воена помош за Украина, по САД, а континуитетот на испораките на оружје и муниција ќе биде клучен, со оглед на тоа што поддршката од Трамп останува неизвесна.
Датумот за следната рунда директни преговори со Украина ќе биде објавен наскоро, изјави рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, на меѓународната безбедносна конференција во Москва во средата.
Неутралниот статус на Украина и понатаму останува еден од клучните руски услови во контекст на мировен договор, додаде Лавров во телевизиско обраќање.