Европската централна банка (ЕЦБ) предводена од претседателката Кристин Лагард агресивно ги зголеми каматните стапки за рекордни 75 основни поени со цел запирање на инфлацијата, поттикната од високите цени на храната и енергијата, а како резултат на војната во Украина.
Ова е најголемото зголемување на каматните стапки на Централната банка во Франкфурт во овој милениум, и беше очекувано од повеќето економисти и банкари според анкетата на Блумберг Адриа. Новите каматни стапки стапуваат на сила на 14 септември 2022 година.
25-те членови на Советот одлучија да го преземат овој чекор и покрај големиот ризик од рецесија и зголемувањето на стапката на невработеност на континентот.
"Управниот совет ја усвои денешната одлука бидејќи инфлацијата е висока и најверојатно ќе остане над целното ниво уште подолг период и се очекува натамошно зголемување на каматните стапки ", објаснуваат централните банкари во соопштението за печатот. "Ценовните притисоци продолжуваат да се интензивираат и да се шират низ економијата и инфлацијата би можела да се зголеми уште повеќе во блиска иднина“.
Во случај на прекин на снабдувањето со природен гас од Русија, еврозоната ќе влезе во рецесија следната година, рече претседателката на Европската централна банка (ЕЦБ), Кристин Лагард, на денешната прес конференција.
Во т.н. неутрално сценарио економијата на еврозоната ќе се зголеми за 0,9 отсто следната година, но во "полошо сценарио" економијата на еврозоната ќе влезе во рецесија и бруто домашниот производ ќе се намали за 0,9 отсто за период од една година.
Лагард одби да одговори за темпото со кое ЕЦБ ќе ги зголеми трошоците за позајмување. Инсистирајќи на тврдењето дека економските податоци ќе диктираат понатамошни чекори, Лагард одговори на прашањата на новинарите за следниот состанок на Извршниот одбор само дека одлуките ќе бидат носени од состанок до состанок.