Македонија има една од највисоките стапки на инфлација, вкупна инфлација, меѓутоа загрижува и стапката на базична инфлација, онаа што ги исклучува цените на храната и енергијата. Базичната инфлација е 9,2 отсто во октомври, годишната стапка, за разлика од еврозоната, каде што е пет проценти, вели Маја Кадиевска Војновиќ, поранешна вицегувернерка, а сега предавачка на „Американ колеџ“, во разговорот за Блумберг Адрија ТВ.
„Според најновите прогнози од меѓународните финансиски институции, се очекува забавување на инфлацијата во 2023 година - од 7 до 8 проценти се проекциите за просечната годишна инфлација. Меѓутоа, мене ме загрижува тоа што овие проекции се на линија со тоа што Европската комисија го кажа дека ќе биде остварено на ниво на еврозоната - раст на инфлацијата во 2023-та од околу шест отсто во еврозоната, во ЕУ околу седум отсто. Сметам дека инфлацијата, која е веќе двојно повисока во Македонија, наредната година да биде во иста линија како и проекцијата во еврозоната е малку нереалистично сценарио“, посочува Кадиевска Војновиќ.
Според неа, наредната година треба да стравуваме од рецесија, бидејќи многу индикатори веќе во втората половина на годинава не се поволни.
„Имаме пад на индустриското производство, особено кај оние традиционално извозни сектори, металопреработувачите веќе во октомври имаат висок годишен пад, ги затвораат капацитетите поради високите цени на струјата, имаме намалување на вработените во преработувачката индустрија, трговијата на мало во реални показатели бележи негативни тенденции и ако се види дека не ни е решена ни енергетската криза, би требало да стравуваме дека ќе влеземе во една инфлациска рецесија во наредната година“, нагласува Кадиевска Војновиќ, додавајќи дека досега сите проекции објавени од меѓународните и домашните институции ѝ изгледаат преоптимистично.
Целиот разговор со неа проследете го на видеото во рамките на оваа објава.