Блумберг Адрија ТВ

Иновативни решенија за земјоделството и туризмот во Преспа

Автор: Ирена Каревска

6 февруари 2023, 14:51

Повик до сите што имаат стартап-идеи

Некогаш иновативноста не е само технологијата, туку и развојот на некој интересен бизнис-модел

Директорката на фондацијата „Преда плус“, Маријана Милевска, во своето гостување на Блумберг Адрија ТВ зборуваше за новата стартап-програма, со која ставаат фокус на земјоделството и туризмот. 

„Преку проектот ’ЕУ за економски развој’ почнавме една нова иницијатива во изминатата година за поддршка на земјоделството и туризмот. Овие два сектора се избрани како едни од клучните за развојот на државата, бидејќи имаат голем придонес во БДП“, појасни Милевска. 

Како што рече таа, доколку традиционален сектор, како што е земјоделството, се работи со нови технологии, тогаш ќе има многу повеќе резултати, а можеби ќе произлезе и некое иновативно решение, кое потоа ќе се понуди на глобалниот пазар. 

„Станува збор за нови технологии, како сензори, дронови, интернет на нештата (Internet of things) итн. Секоја нова технологија што може да дигитализира дел од процесот во понудата на туристичка услуга или во производството на некој земјоделски производ е добредојдена“, вели Милевска, додавајќи дека некогаш иновативноста не е само во технологијата, туку и во развојот на некој иновативен бизнис-модел.

„Затоа ги покануваме сите што имаат такви стартап-идеи, дури и ако во моментот се неформален тим, да дојдат на оваа акцелераторска програма, која е специјализирана за Преспа, бидејќи овој регион особено се соочува со големи проблеми, како на пример загубите на водното богатство или притисокот што го прави земјоделството“, вели директорката на „Преда плус“.

Целиот разговор со неа погледнете го на видеото во рамките на објавата.