Економија

Странци го пикираа македонското сонце

Автор: Владимир Николоски

13 септември 2023, 08:30

Се купуваат македонски фирми кои веќе развиваат проекти за изградба на сончеви електрани

Зачестени инвестиции од Израел

Кризата предизвика бум во изградба на сончеви електрани во 2022 година

Bloomberg

Се зголемува бројот на странски компании кои сакаат да инвестираат во капацитети за производство на струја од сончева енергија во Македонија. Тие зачестено купуваат македонски фирми кои веќе развиваат проекти за изградба на фотонапонски електроцентрали или таканаречени сончеви електрани.

Најнов пример за тоа е купувањето на македонска компанија „КАВ Сонце“ од страна на компанијата „ГЕН-И Сонце“. „Кав Сонце“ е во фаза на развој на фотонапонска електроцентрала во близина на Кавадарци. „Ген-И Сонце“ е подружница на словенечката групација „Ген-И“ која преку своите зависни друштва е активна на пазарите на Словенија, Австрија, Италија, Бугарија, Србија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Македонија, Албанија, Грција, Турција, Украина и Грузија. Во Македонија, групацијата се занимава со производство, продажба и трговија со енергија. За оваа концентрација е веќе известена Комисијата за заштита на конкуренцијата.

Зачестени инвестиции од Израел

Неодамна, инвеститори од Израел преку нивната унгарска компанија „Биг Енергиа Холдингс Кфт.“ ја купија македонската фирма „Дам Енерџи“, чија регистрирана приоритетна дејност е производство на електрична енергија. „Биг Енергиа Холдингс Кфт.“ е во целосна сопственост на „Биг Мега Обновлива Енергија“ (БИГ), енергетско друштво кое е независен производител на енергија и работи во Израел, Романија, Босна и Херцеговина, Србија и Македонија. Ова друштво, пак, функционира како подружница на компаниите „Биг шопинг центерс“ и на „Мега“ кои котираат на берзата во Тел Авив. „Дам Енерџи“ се‘ уште е во фаза на развој на проектот за изградба и обезбедување на сите потребни лиценци на централа за производство на електрична енергија од соларни панели-фотоволтаици и се‘ уште нема започнато со производство на електрична енергија.

„Блумберг Адрија“ веќе пишуваше дека БИГ преку унгарската компанија почна наголемо да инвестира во македонскиот сектор на електрична енергија преку купување на удели односно цели друштва и преку развивање на сопствени проекти.

Имено, „Биг Енергиа Холдингс Кфт.“ веќе има регистрирано присуство во Мaкедонија преку друштвото за производство на електрична енергија „Биг Мега Македонија – Штип Солар Уан“, друштвото за производство, трговија и услуги „Биг Мега Менаџмент“, кое како основна дејност има регистрирано управувачки дејности, како и преку фирмите за производство на струја „Бака енерџи“, „Чашица Солар“ и „Скај Солар“.

Кризата предизвика бум во изградба на сончеви електрани во 2022 година

Енергетската криза и енормното поскапување на струјата предизвикаа 2022 година да стане рекордна по инвестиции во изградба на капацитети за производство на струја од обновливи извори на енергија во Македонија. Лани беа изградени вкупно 267 нови електроцентрали кои користат обновливи извори на енергија кои придонесоа производствениот капацитет да се зголеми за 18 проценти или во апсолутен износ за 144,4 MW. Во бројката на новоизградени електроцентрали фотонапонските електроцентрали доминираат со 254 електроцентрали со инсталирана моќност од 99,2 MW.