Кардинал Роберт Францис Превост е избран за нов поглавар на Католичката црква на вториот ден од гласањето во Ватикан, како прв државјанин на САД кој ја презема оваа улога.
Се смета дека има добар потенцијал да биде посредник со Доналд Трамп, но можно е да дојде до судири околу политиките за миграција. Тој го избра името Лав Четиринаесетти (Leo XIV).
Добро утро! Ова се петте вести што треба да ги знаете на почетокот на денот, во избор на дигиталната редакција на „Блумберг Адрија“ од Скопје.
Македонска банка оценета за христијански ЕСГ-стандарди
„Инспајар импакт скор“ (Inspire Impact Score) е алатка што се користи во инвестицискиот свет за да се процени колку добро компанијата работи во согласност со христијанските вредности.
Системот е дизајниран од американската инвестициска фирма „Инспајар инвестинг“ (Inspire Investing), која е позната по своето таканаречено инвестирање базирано на вера, пристап што се стреми да ја усогласи финансиската добивка со религиозните верувања.
„Инспајар импакт скор“ анализира не само американски туку и меѓународни компании. Барајќи низ огромната листа, заклучивме дека „Комерцијална банка“ АД Скопје е единствената компанија од Македонија што е оценета во рамките на оваа алатка за усогласеност со верските стандарди. Притоа, оценката на компанијата е 54 и е непроменета од претходното оценување.
Маржите одмрзнати, ќе нѐ „замрзнат“ ли новите цени?
Ценовните маржи за околу илјада производи за широка потрошувачка од први мај се одмрзнати, а ситуацијата во маркетите е променлива уште и пред официјално да престане да важи владината одлука донесена во февруари: некои категории производи имаат стабилизација на цените, додека други бележат значителни скокови или падови, според порталот за споредба на цените www.cenometar.mk
Оваа алатка измерила најголема промена кај цената на говедската кртина, пораст од 19 отсто во одредени маркети, како и 14 отсто поскапување на мешаниот кашкавал. Но забележано е и поевтинување на портокалите, на пример, од дури 53 отсто во некои маркети. Лимоните поевтиниле за 10,5 отсто, бананите за скромни 1,1 отсто, но затоа пак јаболката поскапеле за 26 отсто. Кај зеленчукот, најголемо поскапување има кај зелката, речиси 27 отсто, кај млечните производи овчото сирење за 10,6 отсто...
Како измислен лик од Македонија заврши во „Симпсонови“?
На 27 април во култното американско шоу „Симпсонови“ (The Simpsons) се појави првиот македонски лик.
Станува збор за измислен лик, кој е дело на креаторите на серијата, но во реализацијата на епизодата учествуваше македонското семејство Нешкоски, сестрите Невена и Калина и нивниот брат Наум, кои го водат едукативниот детски канал „Дарко Биберко“. Најзаслужна за нивниот ангажман е Кара Талви, етаблираната композиторка на филмска и телевизиска музика со три номинации за „еми“, која со години е ангажирана во „Симпсонови“.
„Кара е колешка со која веќе соработував. Ми кажа дека ќе вклучат македонски лик во една од епизодите и дека ќе им треба помош да се преведе песната „Take Me Out to the Ballgame“ на македонски. Нема љубител на бејзбол што не ја знае оваа тема, која се пее буквално на секој натпревар. Си реков ќе го направам ова најдругарски, ќе ѝ помогнам, без да очекувам нешто...“, раскажува композиторката и продуцентка Невена Нешкоска, која живее и работи во САД.
Од „Епл“ прогнозираат дека нема уште долго да се пребарува преку Гугл
„Епл“ (Apple Inc.) понуди необичен аргумент во обид да го зачува профитабилното партнерство со компанијата „Алфабет“ (Alphabet Inc.) – наведувајќи дека договорот можеби наскоро нема да биде неопходен и дека дури и „ајфонот“ може да стане непотребен.
На судењето по тужбата на американското Министерство за правда против „Гугл“ (Google) сведочеше Еди Кју, потпретседател за услуги во „Епл“.
Според Кју, корисниците сè помалку го користат традиционалното пребарување. Во април првпат беше забележан пад на бројот на гугл-пребарувања на уредите на „Епл“ – бидејќи корисниците сè почесто избираат алатки за ВИ.
„Технолошките промени создаваат нови можности“, рече Кју, додавајќи дека очекува овие ВИ-алатки во иднина да се нудат како алтернативни пребарувачи во Сафари.
Кој сѐ ја присвојува победата над нацизмот?
Осумдесет годишнината од крајот на Втората светска војна и падот на националсоцијализмот поттикна нов бран на историски ревизионизам и глобални присвојувања на победата над нацизмот, сето тоа во сенка на сè уште актуелната војна во Украина.
Поделбите повеќе не се засноваат само на фактот дека Денот на победата на Запад се одбележува на 8 мај, а во Русија и на Исток на 9 мај, што, патем, е резултат на тоа што германските фелдмаршали ја потпишале капитулацијата на Германија пред сојузничките сили, која стапила на сила на 8 мај 1945 година во 23:01 часот по берлинско време, што по московско време веќе било 9 мај...