Осумдесетгодишнината од крајот на Втората светска војна и падот на националсоцијализмот поттикна нов бран на историски ревизионизам и глобални присвојувања на победата над нацизмот, сето тоа во сенка на сè уште актуелната војна во Украина.
Поделбите повеќе не се засноваат само на фактот дека Денот на победата на Запад се одбележува на 8 мај, а во Русија и на Исток на 9 мај, што, патем, е резултат на тоа што германските фелдмаршали ја потпишале капитулацијата на Германија пред сојузничките сили, која стапила во сила на 8 мај 1945 година во 23:01 часот по берлинско време, што по московско време веќе било 9 мај.
Додека Русија го прославува 9 Мај како Ден на победата во Големата татковинска војна, традиционално со воена парада на Црвениот плоштад во Москва, Европа го одбележува 8 Мај како Ден на победата, а 9 Мај како Ден на Европа во спомен на декларацијата на францускиот министер за надворешни работи Роберт Шуман од 1950 година за воспоставување нов поредок, што всушност беше првиот чекор кон создавањето на Европската Унија.
Прочитај повеќе
Руската економија на крстопат: Дали ниските цени на нафтата можат да ги расипат воените планови на Путин?
Руската економија е погодена од тврдокорно висока инфлација (10,3 проценти) и рекордни клучни каматни стапки на централната банка (21 процент).
06.05.2025

Судир на пропутиновиот трампизам и проевропските елити во Романија
Во вториот круг, како независен кандидат, влезе и градоначалникот на Букурешт, Никушор Дан, кој освои нешто помалку од два милиона гласови (20,99 отсто).
06.05.2025

Ако Трамп ги укине санкциите кон Русија, што ќе значи тоа?
Трамп навести олеснување на санкциите кон Русија додека преговара за крај на војната во Украина.
21.04.2025

САД и Украина потпишаа договор за ресурсите по тешки преговори
Спогодбата ќе им даде на САД привилегиран пристап до нови инвестициски проекти за искористување на природните ресурси на Украина, вклучувајќи алуминиум, графит, нафта и природен гас.
01.05.2025

Оваа повеќедецениска разлика во симболиката на прославите меѓу Москва и Брисел во последниве три години прерасна во длабок идеолошки јаз, откако во февруари 2022 година Русија започна сеопфатна инвазија врз Украина, меѓу другото, под образложение дека сака да спроведе денацификација на власта во Киев.
Поранешните сојузници толку се оддалечија што некогаш тивката борба за тоа кој колку придонел за победата стана сè погласна, до тој степен што се потиснува фактот дека некогашниот Советски Сојуз ги поднел најголемите жртви со околу 27 милиони убиени цивили и војници.
Во Украина и балтичките земји, кои некогаш беа дел од СССР, се уриваат спомениците на Црвената армија, а одбележувањето на Денот на победата на 9 Мај се укинува и се воспоставува 8 Мај како Ден на сеќавање и победа над нацизмот. На одбележувањата на Денот на победата во Берлин се забрануваат руски и советски знамиња, униформи и амблеми, додека прославата на Денот на победата во Велика Британија трае неколку дена, при што воената парада во Лондон повеќе личи на строго британски настан отколку на сеќавање на историски настан во кој учествувале сојузници од двете страни на Атлантикот и Ла Манш.
Без САД не би имало победа
Уште повеќе, во своевидно присвојување на најголемите заслуги за поразот на нацистичкиот режим на Адолф Хитлер се вклучи и Белата куќа. Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека победата во Втората светска војна била постигната исклучиво благодарение на САД.
Доналд Трамп воведе два нови празника во САД. Фото: Bloomberg
„Победивме во две светски војни, но никогаш не ги презедовме заслугите за тоа - сите други го прават тоа! Низ светот сојузниците ја слават победата што ние ја имавме во Втората светска војна. Единствената земја што не слави се Соединетите Американски Држави, а победата беше постигната само благодарение на нас“, напиша Трамп на својата социјална мрежа „Трут соушл“ (Truth Social). „Без САД, војната би ја добиле други земји, и колку поинаков свет би бил тоа. Затоа, со ова прогласувам национален празник во чест на прославата на победите во Првата светска војна, каде што примирјето беше потпишано на 11 ноември 1918 година, и во Втората светска војна, каде што датумот на победата беше 8 мај 1945 година“.
Додека портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, истакна дека САД го преувеличуваат својот придонес и дека „моментално народот на САД, американската нација и државата Америка не ја познаваат сопствената историја“, група европски историчари упатија апел до САД во францускиот дневен весник „Ле монд“ (Le Monde), во кој го повикуваат „американскиот народ да се издигне над политичките поделби што ги поттикнува Москва“.
„Сетете се на врските што нè обединуваат, создадени на бојните полиња и зајакнати со осумдесет години пријателство и сојуз. Дезинформациите се обидуваат да нè поделат, но нашата заедничка посветеност на слободата и демократијата мора да надвладее. Пред сè, ве повикуваме да ја поддржите Украина. Се надеваме дека со помош на САД може да се најде дипломатско решение“, се нагласува во апелот.
Парада на цинизам
Иако САД не организираат никаква церемонија, ниту овој ден ќе биде неработен за Американците, односот кон Денот на победата и самото присуство на паради и церемонии во Москва, Лондон, Киев или Берлин стана прашање на политичко легитимирање. За едни, одењето на парада во Москва е солидаризирање со Владимир Путин и руската агресија врз Украина. За други, поддршката за Украина на овој ден всушност е поддршка за „пронацистички режим што го слави Степан Бандера“. За трети, пак, сè што не е величање на американскиот придонес за крајот на Втората светска војна е всушност непочитување на САД.
Bloomberg
Украинскиот претседател Володимир Зеленски вчера прошета низ центарот на Киев, при што неколку дена претходно предупреди дека небото над Москва нема да биде безбедно од евентуални напади со украински дронови. Парадата во Москва ја нарече „парада на цинизам“, истакнувајќи дека за злосторствата на нацистите ќе зборува „организаторот на масовните гробници во Буча“, како што „оние што ја оркестрираа блокадата на Мариупол ќе бидат тие што ќе зборуваат за опсадата на Ленинград“.
„Тоа ќе биде парада на цинизам. Едноставно нема друг начин да се опише. Парада на жолч и лаги. Како да не беа десетици сојузнички држави тие што го победија нацизмот, туку лично Путин“, рече Зеленски во видеообраќање по повод Денот на сеќавањето и победата над нацизмот во Втората светска војна во Украина, пренесе „Ројтерс“ (Reuters).
Зеленски рече дека неговата земја се бори за мир и разбира што е потребно за да се постигне тоа, тврдејќи дека „или Русија мора радикално да се промени или светот мора да се промени“.
И додека се чини дека поминале 120, а не само 20 години откако на парадата на Црвениот плоштад присуствуваа тогашниот американски претседател Џорџ В. Буш и францускиот претседател Жак Ширак, голем дел од европскиот печат жестоко ја критикува годинашната воена парада во Москва, толкувајќи ја како силен напор на Кремљ да ја стави својата агресивна војна во Украина во тој историски контекст.
Коментаторката на италијанскиот весник „Ла стампа“ (La Stampa), Ана Зафесова, се згрозува од начинот на кој Русија го велича милитаризмот.
„Како што пропагандата на рускиот режим достигнува сè поапсурдни нивоа, со новороденчиња во породилиштата што носат војнички капи со петокраки црвени ѕвезди, Кремљ очигледно е решен да ја надгради Втората светска војна на војната што Русија сега ја води против Украина“, истакнува таа и додава дека Путин јасно укажува на непријателот кога зборува за „тенкови од германско производство обележани со крстови“ и за претставници на „поразените народи што сакаат да нè покорат и да ни наметнат работи“.
(Не)легитимирање на Путиновата пропаганда
Меѓу големиот број коментари во кои се осудуваат обидите на Путин да го претстави учеството на руските војници во војната во Украина како продолжение на „големата традиција на нивните дедовци и прадедовци, борејќи се со чест и храброст за правда“, многу европски коментатори ги критикуваат малобројните европски лидери што отпатуваа во Москва.
Воена парада во Москва. Bloomberg
Словачкиот дневен весник „Денник Н“ (Denník N) го критикува планот на словачкиот премиер Роберт Фицо да присуствува на воената парада во Москва, каде што ќе му биде „прикажана војската што моментално ја десеткува Украина“ и каде што ќе стои „до диктатор што би сакал да ја избрише од лицето на Земјата“.
„Фицо праша кој друг словачки политичар водел билатерални разговори со кинескиот претседател, бразилскиот претседател и претседателот на Руската Федерација во рок од неколку часа. Тоа е сликата за себе што сака да ја проектира. Каде и да погледне дома, проблемите се множат како печурки. Затоа тој го одвлекува вниманието од нив играјќи на антизападното расположение на голем дел од словачкото општество, додека се претставува како угледен државник“, истакнува коментаторот на весникот.
Од друга страна, Николак Бутилин, коментатор на левоориентираниот германски весник „Берлинер цајтунг“ (Berliner Zeitung), смета дека новиот германски канцелар Фридрих Мерц требало да отпатува во Москва на 9 мај.
„Не мора да присуствува на големата воена парада на Црвениот плоштад или да заземе едно од посакуваните места на трибината на Кремљ до Шји Џјинпинг, Александар Лукашенко и севернокорејскиот владетел Ким Џонг-ун. Но, што велите за тивка изненадувачка посета на Гробницата на непознатиот јунак или споменикот на Ежи во Химки, недалеку од Москва – места што ги обележуваат жртвите на војната наместо да ја величаат“, предлага Бутилин и тврди дека Мерц „на тој начин би направил гест на сочувство, без да ја легитимира Путиновата пропаганда“.
Сенка над Европа
На оваа 80-годишнина, како што забележува во уредничкиот вовед ирскиот весник „Ајриш тајмс“ (The Irish Times), Втората светска војна излегува од живото сеќавање и влегува во историските книги, при што постои причина за страв дека нејзините лекции сега се забораваат, бидејќи „она што тогаш беше одбрането, денес повторно е во опасност“.
„Најголемиот европски воен конфликт од 1945 година моментално го води руски диктатор против демократска Украина. Низ континентот, земјите брзаат повторно да се вооружат. Демагозите блујат крв, а национализмот повторно расте. Во Германија, партија што отворено флертува со нацистичка симболика води во некои анкети на јавното мислење. А трансатлантскиот сојуз што беше темел на европското повоено закрепнување се распаѓа“, укажува ирскиот весник.
Bloomberg
Поради тоа, историчарот Хосе Мануел Нуњез Хексаз во коментар за шпанскиот дневен весник „Ел паис“ (El País) повикува на заедничко европско одбележување вакви историски настани.
„На Запад, 8 Мај стана симбол на новиот повоен антифашистички консензус, кој исто така се засноваше на селективно заборавање на соработката со нацистичките освојувачи во Франција, Холандија и Норвешка, соработката во депортацијата на Евреите или учеството во доброволни единици што се бореа заедно со Третиот Рајх. За Германија, ова (долго) беше тажен датум... Дури во 1985 година Рихард фон Вајцекер истакна дека и Германија беше ослободена од фашизмот на 8 мај и дека затоа тоа е датум за учење од минатото“, нагласува овој историчар и додава дека и Италија, сега затворена во антифашистички дискурс, „ја гледала победата како своја“ и дека „митот за отпорот ја избришал секоја заедничка одговорност“. „Сега кога крајната десница повторно е во подем, треба да се сеќаваме на 8 Мај со европска димензија што ги надминува националните одбележувања“.
Сепак, се чини дека наскоро нема да се случи еден ваков празник да биде одбележан со една парада, барем на европска почва. Уште повеќе, се чини дека сите историски ревизионизми и паралелните, често спротивставени одбележувања на победата над нацизмот се всушност најсликовитиот приказ на светот во кој живееме.