Премиерот Христијан Мицкоски денеска истакна дека е време за држава каде што ќе се раѓаат повеќе деца, младите ќе стапуваат во брак, а тие што се отселени да се вратат. Според него, демографската рецесија не е проблем само за Македонија туку и предизвик за цела Европа и пошироко и нагласи дека Владата не го премолчува проблемот, туку креира политики за справување со него. Премиерот додаде дека оваа борба не е само на едно министерство туку на сите општествени чинители.
Иако Македонија не е исклучок, посочи премиерот, сепак нашата состојба е посебна, затоа што додека некои држави ја забележуваат оваа појава како тренд, кај нас таа е алармантна.
Мицкоски во своето обраќање на настанот во Владата на темата „Демографски трендови, предизвици и можни решенија - Развој на стратешки документи за демографска отпорност“ нагласи дека овој проблем од претходните влади се ставал под тепих и не се гледало на него како на сериозна закана. Тој додаде дека во 2024 година се родиле 16.061 дете, а починале 20.201 лица и напомена дека тоа е природен пад од 4.140 луѓе само за една година.
Прочитај повеќе

Македонија останува без деца: За една деценија 7.000 помалку новороденчиња
Новите податоци за наталитетот на Државниот завод за статистика откриваат дека во изминатава деценија секоја година има континуирано намалување на бројот на новороденчиња.
12.06.2025

Регионот со децении боледува од бела чума, го чека ли и економски колапс?
Ако не се промени ништо, Македонија ќе остане без дополнителни половина милион жители во следните 50 години.
06.08.2024
„Во последните четири години изгубивме повеќе од 33.000 жители, како да исчезна еден град од големина на Кавадарци или Кичево. Стапката на наталитет падна од 12,5 процентни промили во 2010 година на само 8,8 во 2024 година“, истакна премиерот.
Тој додаде дека во многу општини и села веќе нема ниту прво одделение, сè повеќе луѓе живеат сами, сè помалку стапуваат во брак, сè помалку се раѓаат деца.
„Ова не се само бројки. Ова е тишина што се шири. А кога велиме дека 'ги рушеа темелите', не мислевме само на корупцијата, на стопираните проекти, на нефункционалните институции од минатата влада. Мислевме и на ова. На рушењето на семејството. На губењето на иднината. На иселувањето како единствена опција. Затоа денес кажуваме гласно: оваа влада не го премолчува проблемот. Го именува. Го признава. И се бори со него. Но, што значи таа борба? Тоа не е борба со едно министерство. Тоа е борба на сите нас. Борба што се води во градинките, во училиштата, во родилиштата, во домовите, во иселеничките клубови, на граничните премини каде што се простуваат мајки и синови“, истакна Мицкоски.
Премиерот нагласи дека целта е да се направи животот вреден, мајчинството благослов, а не товар, но и да им се дадат причини на младите да останат.
„Да изградиме институции што не ја трошат туѓата младост, туку ја негуваат, да изградиме држава во која надежта е поважна од пасошот. Знаеме дека нема магично решение. Но има намерна, постојана, државничка борба. И ние ја почнавме. Секоја мерка, секоја инвестиција, секоја политика што ја носиме е со цел да ја вратиме вербата“, истакна Мицкоски, нагласувајќи дека сериозно размислуваат за воведување дополнителни даноци за немажените и неженетите.
Мицкоски истакна дека нема ништо посвето од животот и ништо потажно од тоа што денес нашата држава тивко се празни.
„Но, исто така, нема ништо похрабро од народ што се буди. Затоа велиме: време е. Време е за иднина. Време е за држава каде што ќе се раѓаат повеќе деца, повеќе млади да стапуваат во брак и да се раѓаат повеќе деца, ќе се враќаат повеќе луѓе и ќе се живее со повеќе срце. Како што рекол Едгар Морен: ’Демографијата не е судбина – туку огледало. Прашањето е што ќе видиме во него и дали ќе имаме храброст да дејствуваме’. Ние веќе гледаме. И веќе дејствуваме. Ги градиме темелите на промените затоа што доаѓа времето на народот и граѓаните. И тоа нема да биде време на заминување, туку време на враќање. Не на тишина, туку на нови гласови. Не на исчезнување, туку на раѓање“, истакна Мицкоски.
Во моментов нема коментари за веста. Биди прв да коментира...