Во Македонија лани биле родени 16.061 новороденчиња, што е за над 7.000 деца помалку отколку во 2015 година кога во земјава имало 23.075 новороденчиња. Новите податоци за наталитетот на Државниот завод за статистика откриваат дека во изминатава деценија секоја година има континуирано намалување на бројот на новороденчиња и дека падот кулминира минатата година кога е забележан рекордно низок број.
„Бројот на живородените деца во 2024 година е намален за 4 проценти во споредба со претходната година. Во структурата според пол, кај живородените деца машките имаат поголемо учество, и тоа 51,5 проценти, односно на 100 живородени женски деца 106.3 се машки“, соопшти ДЗС.
Нација што старее
Прочитај повеќе

Македонскиот БДП ќе останеше без колено да не беа парите од иселениците
Во периодот јануари-септември лани во земјава стигнале вкупно нешто над 1,5 милијарда евра лични дознаки од странство, а во истиот период од 2023 година 1,56 милијарда евра, што е намалување од 4,2 отсто.
18.02.2025

Шест региони во Македонија полека умираат
Скопскиот и Полошкиот се единствените региони во кои бројот на родените на илјада жители сѐ уште е поголем од бројот на умрените.
05.12.2024
Во однос на старосната структура, македонското население сè повеќе старее и денес се наоѓа во состојба на демографска старост, се вели во новата публикација „Жените и мажите во Северна Македонија, 2025“ на Државниот завод за статистика.
„Стареењето на нацијата го потврдуваат и податоците според возрасните групи, каде што бројот на старо население е во пораст, но и неговото учество во вкупното население, исто така“, се наведува во публикацијата.
Имено, според проценката на населението во 2023 година, учеството на населението на возраст од 0-14 години изнесува 16,7 проценти, од 15-64 години изнесува 65,4 проценти, а учеството на старото население од 65 и повеќе години изнесува 17,9 проценти.
Depositphotos
„Во последните децении, Република Северна Македонија се соочува со бројни предизвици кои произлегуваат од постоечките економски и социјални состојби, кои имаат директно влијание врз населението. Додека стапките на раѓања се намалуваат, а со тоа се намалува и учеството на младите во целокупната структура на населението, бројот на старите луѓе сѐ повеќе се зголемува“, се наведува во публикацијата.
Во 2023 година, просечната возраст на населението изнесува 41,2 години (на жените 42,1 години и на мажите 40,3 години). Според очекуваното траење на животот воземјава, жените живеат 77,6 години, односно за 4,4 години подолго од мажите, кои живеат 73,2 години.
„Според вредноста на тоталната стапка на фертилитет (ТФР) во 2023 година, која изнесува 1,5 живородени деца на една жена, жените во Северна Македонија сè почесто се решаваат да раѓаат само по едно дете“, пишува во публикацијата.
На пат да станеме нација од 1,1 милион граѓани
Според податоците од последниот попис на населението, домаќинствата и становите во 2021 година, нашата земја имала 1.836.713 жители, што е за 5,6 проценти помалку во однос на пописот од 1994 година и 9,2 проценти помалку во однос на пописот од 2002 година.
Доколку продолжи ниската стапка на фертилитет, проекциите на Државниот завод за статистика покажуваат дека бројот на населението во земјава ќе се намали од 1.748.709 лица во 2026 година на 1.120.279 лица во 2070 година односно за над 628.000 лица.
Децата ни се раѓаат во странство
„Блумберг Адрија“ веќе пишуваше дека според податоците од публикацијата за миграциите на ДЗС вкупниот број македонски државјани што престојуваат во странство може да се процени на најмалку 700.000 лица. Според стапката на емиграција во 2019 година (која е проценета на околу 25 проценти), Македонија е во групата на првите дваесет земји во светот со најголема емиграција во странство.
Depositphotos
Во периодот по 2009 година уште понагласено е влијанието на емиграцијата врз порастот на населението во Македонија и поради трендот на пораст на бројот на децата родени во странство. Тој кореспондира со порастот на семејната миграција, а со тоа и на бројот на жените, кои се придружени со пораст на бројот и учеството на жените на фертилна возраст (15-49 години) и на жените на оптимална репродуктивна возраст (20-34 година). Во периодот 2009-2019 година бројот на родените во странство се зголемил од 3.510 на 5.187 деца или за 47,8 проценти. Истовремено, учеството на родените во странство во вкупно родените во земјата од 14,8 проценти (2009) достигна повеќе од една четвртина, или 26,1 проценти (2019 година).
„Во овој временски интервал надвор од земјата биле родени 48.658 деца, што претставува двегодишен наталитет на земјата и 19,5 проценти од вкупно родените (250.061 дете) во Македонија“, пишува во публикацијата на ДЗС.
Хроничен недостиг од работна сила
Ваквите бројки само ги потврдуваат укажувањата на македонската деловна заедница дека големиот одлив на работоспособно население од земјата го зголеми недостигот од работна сила, особено од одредени профили.
„Анализата на потребите од вештини на Агенцијата за вработување покажува дека на пазарот на трудот континуирано недостига работна сила со високо образование од одредени профили (програмери, машински и градежни инженери, лекари, информатичари, технолози итн.), како и работници со средно стручно образование (машински, градежни и електротехничари, медицински сестри, заварувачи, лимари, оператори со градежни машини и сл.)“, се наведува во публикацијата на ДЗС.
Дефицитот од работна сила од одредени профили има растечки тренд и еднакво се манифестира на макрониво и на ниво на региони и општини. На пазарот на трудот се чувствува континуиран недостиг од инженери од различни области и профили, независно од зголемениот интерес на младите за факултетите од техничко-технолошките науки, а следствено на тоа и порастот на бројот на дипломираните инженери. Симптоматично е тоа што на пазарот на трудот во Македонија евидентен е недостиг од работна сила во услови на сѐ уште голема невработеност. Тоа имплицира растечка неусогласеност на понудата и побарувачката за работна сила со високо ниво на образование и уште повеќе на кадри со средно стручно образование.
Во моментов нема коментари за веста. Биди прв да коментира...