Примирјето меѓу Израел и Иран засега минува без инциденти, но и без дипломатски обиди за постигнување трајно решение на проблемот. Поради тоа, процените на одделни геостратези дека прекинот на огнот нема да трае долго – бидејќи „главните цели на Израел, уништување на иранската нуклеарна програма и промена на режимот, не се постигнати“ – изгледаат сосема веројатни. И додека се проценува дека кревкото примирје ќе му даде на регионот „неколку недели или месеци пауза“ до следната фаза на ескалација, сè поочигледно е групирањето на двете страни, односно дека Иран станал своеобразно бојно поле на влијание и политика – од една страна на САД, а од друга страна на организацијата БРИКС и нејзините предводници – Кина и Русија.
Во моментот кога следниот понеделник претседателот на САД, Доналд Трамп, повторно ќе се сретне со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во Белата куќа, во Бразил ќе се соберат највисоките функционери на земјите-основачи на БРИКС и придружните членки, делумно засенети од 12-дневната војна меѓу Израел и Иран.
Иако Нетанјаху изјави дека трговијата ќе биде дел од неговите разговори во Белата куќа и со другите високи американски претставници, посетата доаѓа во услови на постојан меѓународен фокус врз војната меѓу Израел и Хамас, како и растечките тензии со Иран, но и во внатрешноста на Израел, каде што притисокот врз премиерот расте за да одговара пред суд за обвиненијата за поткуп, измама и прекршување на јавната доверба.
Прочитај повеќе

Од ф’стаци до висока технологија: Што тргуваме со Израел и Иран?
Додека трае примирјето помеѓу Израел и Иран, анализираме колку регионот Адрија тргува со овие две земји.
03.07.2025

Нуклеарната програма на Иран - главно прашање по конфликтот со Израел
Се чини дека прекинот на огнот меѓу Иран и Израел сè уште е во сила.
27.06.2025

Трамп објави прекин на огнот, Израел го обвини Иран дека го прекршува примирјето
Американскиот претседател им честиташе на двете земји, но кусо потоа Израел го обвини Иран дека го прекршува примирјето.
24.06.2025

САД ги нападнаа нуклеарните објекти, Иран се закани со „вечни последици“
Трамп рече дека иранските клучни објекти за збогатување ураниум се целосно и комплетно уништени.
22.06.2025
Трамповата одбрана на Биби
И пред посетата, Доналд Трамп директно на социјалните мрежи го бранеше Бенјамин Нетанјаху, критикувајќи ги израелските обвинители за актуелниот судски процес против премиерот, нарекувајќи го „лов на вештерки“.
„Судењето на Биби Нетанјаху треба веднаш да се откаже или да му се даде помилување на големиот херој кој толку многу направи за државата (Израел)“, напиша Трамп на неговата платформа Трут, користејќи го прекарот на израелскиот лидер, додавајќи дека дознал оти Нетанјаху наскоро треба да се појави на суд. „Таков лов на вештерки, за човек кој толку многу дал, за мене е незамислив.“
Израелските медиуми известија дека започнало вкрстеното испрашување на премиерот и дека се очекува да трае околу една година. Судењето на Нетанјаху започна во 2020 година и опфаќа три кривични постапки во кои тој ги негира обвиненијата и се изјасни како невин. Во една постапка е обвинет дека примал луксузни подароци – како шампањ и цигари – од пријатели кои наводно барале противуслуги, а во другите две дека нудел помош на сопственици на медиуми во замена за наклонето известување.
Израелскиот претседател Ицхак Херцог има овластување да му даде помилување на Нетанјаху, но израелските медиуми го цитираа дека рекол дека помилувањето „во моментов не е на маса“ и дека „такво барање не е поднесено“.
Последиците од иранскиот ракетен одговор врз Израел се видливи во Тел Авив/Bloomberg
Од друга страна, Трамп најави дека тој ќе го спаси израелскиот премиер од обвиненијата за корупција, иако не е јасно како би можел да го направи тоа.
„САД го спасија Израел, а сега САД ќе го спасат Биби Нетанјаху“, напиша Трамп, иако само неколку дена претходно остро го критикуваше израелскиот премиер поради израелските напади врз Иран на самиот почеток на примирјето.
Некои од крајно десничарските сојузници на Нетанјаху во владата ги поздравија коментарите на Трамп, а дури и меѓу неговите политички ривали сè поотворено се дискутира дека овие процеси треба да завршат – или со помилување или со спогодба за признание на вина – бидејќи судењето „политички ја исцрпува нацијата“ во безбедносно нестабилни времиња.
„Актуелниот процес мора да биде запрен, не за да се спаси Нетанјаху, туку за да се спаси Израел“, стои во коментарот на познатиот колумнист Бен Дрор Јемини, објавен на насловната страница на центристичкиот весник „Једиот Ахаронот“, инаку остар критичар на премиерот на Израел кој е најдолго на оваа функција.
Играта околу палестинските територии
Израелскиот опозициски лидер Јаир Лапид, пак, изјави дека претседателот на САД не треба да се меша во правен процес на странска и независна земја.
„Со сето должно почитување кон Трамп, тој не треба да се меша во правен процес во независна држава“, изјави Лапид за „Инет“, нарекувајќи го тоа „компензација“ на Трамп за Нетанјаху „затоа што ќе го притисне по прашањето за Газа за да ја заврши војната. Тоа е типично за Трамп“, додаде тој.
И американските набљудувачи го очекуваат токму тој „притисок на Трамп“ околу Газа, бидејќи Трамп веќе излезе со „конечен предлог“ за 60-дневно примирје со Израел во Газа, кој очекува да биде прифатен од страна на палестинската милитантна група Хамас, која има поддршка од Иран.
„Се надевам, за доброто на Блискиот Исток, дека Хамас ќе го прифати овој договор, бидејќи подобар нема да има – ќе биде само полошо. Ви благодарам за вниманието“, порача Трамп, кој се надева дека ќе се постигне примирје во замена за ослободување на израелските заложници кои ги држи Хамас.
Пред Белата куќа одржан протест против американското бомбардирање на Иран/Bloomberg
Хамас соопшти дека е подготвен да ги ослободи преостанатите заложници во Газа во рамки на каков било договор за завршување на војната, додека Израел тврди дека војната може да заврши само ако Хамас биде разоружен и распуштен – што Хамас го одбива.
А дека Нетанјаху всушност има намера во Вашингтон да не биде предмет на притисок од страна на Трамп, туку самиот тој дипломатски да изврши притисок врз Трамп, сведочи и тоа што во средата сите министри од неговата партија Ликуд го потпишаа писмото со кое се повикува до крајот на летната сесија на израелскиот парламент Кнесет да се примени „израелски суверенитет и закон врз Јудеја и Самарија“, што е нивниот термин за целиот Западен брег.
Ова писмо е иницијатива на Советот Јеша – организација на општинските совети на еврејските населби на Западниот Брег – и суштински претставува повик за укинување на секоја можност за создавање палестинска држава, која би ги опфаќала палестинските територии на Западниот Брег и Појасот Газа.
„Масакрот на 7 октомври докажа дека воспоставувањето палестинска држава на преостанатата територија претставува егзистенцијална закана за Израел. Време е за суверенитет“, се наведува во писмото во кое се тврди дека воспоставувањето израелска власт врз тие територии е природно продолжение на успехот на Нетанјаху против Иран и неговите сојузници, пренесе израелската новинска агенција.
Израелските одбранбени сили (ИДФ) веќе контролираат околу 60 проценти од територијата на Појасот Газа, принудувајќи повеќе од два милиони Палестинци да се преселат во сè помали подрачја блиску до крајбрежјето и египетската граница.
Според процената на пензионираниот израелски генерал-мајор Израел Зив, кој претходно раководел со одделението за воени операции, ИДФ ја достигна границата на она што може да се постигне со сила.
„Нетанјаху стигна до крстосница и мора да избере“, изјави Зив за Си-Ен-Ен, додавајќи дека едниот пат е да се искористат достигнувањата против Иран, Хезболах и Хамас и да се залага за регионален договор што би можел да ги вклучи и односите со Сирија и Либан – што подразбира завршување на војната во Газа и обезбедување ослободување на заложниците – но со ризик од распад на владата ако крајно десничарските партии ја напуштат коалицијата. „Вториот пат е продолжување на војната, а дури и да не биде официјално објавено, тоа би значело освојување на Газа“, вели тој.
Според зборовите на Нетанјаху, по израелските воени операции во Иран „се отворија многу можности“, вклучително и можноста за враќање дома на сите што Хамас сè уште ги држи во заробеништво.
„Прво, да ги спасиме заложниците“, рече тој. „Секако, ќе мора да го решиме и прашањето на Газа, да го победиме Хамас, но верувам дека ќе ги исполниме двете мисии“.
Иран без опиплива поддршка од сојузниците
И додека изјавите на Нетанјаху сигнализираат дека тој, поради други цели, сега е подготвен „уништувањето на Хамас“ да не му биде главна цел во Појасот Газа, сè поочигледно е дека палестинските територии, Иран и целиот Блиски Исток станале своеобразно бојно поле на влијание меѓу САД и земјите-членки на организацијата БРИКС, чиј основачи се Кина, Русија, Бразил, Индија и Јужна Африка. И во таа борба, БРИКС заостанува – бидејќи многумина коментатори забележале дека за време на израелско-американските бомбардирања, Исламската Република беше речиси оставена сама, односно дека нејзините сојузници од БРИКС ѝ пружиле само реторичка, но не и опиплива поддршка.
И покрај спогодбите за стратешко партнерство со официјален Техеран, Москва и Пекинг останаа настрана, без никаква најава дека Иран може да добие значајна воена или економска помош.
Bloomberg
Иако Иран има потпишано договор за стратешка соработка со Русија – договор што на Москва ѝ беше клучен извор на борбени дронови во почетокот на инвазијата врз Украина – Техеран никогаш не го доби рускиот ракетен систем Це-400. За тоа се дискутираше во јавноста, а на Русија наклонетите медиуми дури тврдеа дека системот веќе е испорачан тајно. Сепак, фактот дека Иран не го поседува овој систем за противвоздушна одбрана го потврдува леснотијата со која Израел во ракетните напади уништи ирански надземни нуклеарни постројки, како и тоа што изврши атентати врз клучни ирански нуклеарни физичари, како и врз воени и разузнавачки функционери.
Иако Кремљ ги осуди израелските и американските напади, аналитичарите забележаа дека Путин делувал „расеано и презафатено – и воено и економски – со својот воен конфликт во Украина“. Особено се истакна и неговата изјава дека во Израел живеат околу два милиони жители кои зборуваат руски, што укажа дека не сака да им наштети.
И Кина „енергично“ ги осуди американските напади, нарекувајќи ги прекршување на меѓународното право, но не понуди никаква конкретна помош за Иран – иако Пекинг откупува околу 90 отсто од целиот ирански извоз на нафта.
Како што забележува италијанската новинарка Габриела Брушки, иранските соседи во Заливот повикаа на воздржаност и предупредија на потенцијално разорни последици за регионот доколку Иран возврати со напад врз американска база на Блискиот Исток. Во анализа за порталот „Фрст онлајн“, Брушки истакнува дека држави како Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати со месеци се обидуваа да ја искористат својата геополитичка и економска тежина за да ги поттикнат нуклеарните преговори меѓу САД и Иран, но на крајот воената моќ ги надмина дипломатските напори.
„Иран исто така не добива поддршка од групата земји во развој собрани во рамките на БРИКС – организација која се фали со создавање нов глобален поредок во кој нема да доминираат западните земји“, забележува Брушки. Организацијата, основана од Бразил, Русија, Индија и Кина – на која Иран ѝ се приклучи на почетокот на 2024 година – остана нема по повод нападите на Израел и САД врз Исламската Република.
Иако БРИКС со неколку дена задоцнување ги осуди нападите како „прекршување на Повелбата на Обединетите нации“, сè остана само на соопштение на Министерството за надворешни работи на Бразил, кој моментално претседава со организацијата, во кое недвосмислено не беа спомнати ниту Израел, ниту САД.
И додека однесувањето на Кина не изненадува – имајќи го предвид нејзиниот „тивок“ стил на влијание врз глобалните настани – руската воздржаност изненади многумина, бидејќи Русија не беше воздржана кога во 2015 година испрати свои трупи заедно со иранските сили да го бранат тогашниот сириски претседател Башар ал Асад.
Но, сè изгледа дека руското отсуство на конкретна поддршка е дел од интересите на Русија, кои не се исти како и иранските. Не само што ѝ одговара конфликт во Иран поради растот на цените на нафтата и поради тоа што САД ги префрлија дел од своите противдронски системи од Украина кон Израел, туку тоа ѝ дава и адути во преговорите со Трамп – кој, во рамки на мировните преговори за Украина, се обидува да ја одвои Русија од Кина, нудејќи ѝ договори за сообраќај преку Арктикот, пристап до извоз на жито преку Црното Море и укинување на санкциите за руските банки.
Последната одбрана на БРИКС
Владимир Путин и, за првпат, Шји Џјинпинг ќе отсуствуваат од годишниот самит на БРИКС, кој се одржува во Рио де Жанеиро, но таму ќе бидат нивните „десни раце“ – рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров и кинескиот премиер Ли Чианг.
Лидерите на Русија и Кина ќе ги избегнат непријатните прашања за политичкиот кредибилитет и стратешките дострели на БРИКС, откако изостана помошта за Иран – иако оваа организација сè повеќе станува моќен инструмент за оспорување на западниот модел, особено во економската сфера.
На годинашниот самит на БРИКС за првпат ќе отсуствува претседателот на Кина/Bloomberg
Бразилскиот коментатор Пепе Ескобар смета дека „од Нигерија до Индонезија до Виетнам, меѓу членките и партнерите на БРИКС расте консензусот дека не смее да се дозволи пад на Иран“ и дека „магијата на неограничениот западен диктат конечно е скршена“.
Иако Ескобар смета дека Иран сега е „првата линија на одбрана на БРИКС и Глобалниот Југ“, професорот на Универзитетот Колумбија, Кристофер Сабатини, истакнува дека токму бомбардирањата на Иран ќе бидат „првиот вистински тест за коалицијата“ која беше промовирана како „форум за земји во развој за да извршат колективен притисок за инклузивна реформа на глобалното управување“ – што Бразил сака да го потенцира.
„Но, војната меѓу Иран и Израел, како и руската инвазија врз Украина, веројатно ќе создадат опасни пречки за ефикасен исход на самитот во согласност со очекувањата што ги имаше Бразил кога го презеде претседавањето со блокот“, истакнува Сабатини во текст за „Чатам хаус“. Тој додава дека владата на претседателот Луис Инасио Лула да Силва се надева дека ќе ја зацврсти позицијата на Бразил како лидер – и во рамки на БРИКС, и меѓу земјите од Глобалниот Југ кои се стремат кон демократизација на меѓународниот систем.
„Сега следува тестот: дали хетерогената групација БРИКС+ може колективно и конструктивно да го промовира бразилскиот бренд на демократски мултилатерализам, почитување на меѓународното право и умерена реформа на меѓународниот систем? И дали може да послужи како основа за олеснување на глобалното ребалансирање на економската, дипломатската и нормативната моќ што Бразил ја посакува?“
Според него, многу ќе зависи од тоа дали групата ќе успее да ги надмине празните изјави за војните меѓу Израел, САД и Иран, како и Русија и Украина, и да се зафати со прашањата што имаат подлабоки, институционални последици.
Официјално, Бразил се надева дека ќе ја насочи дискусијата кон конкретни теми: транзицијата кон зелена енергија, соработка за вакцини, и проширување на статусот на најповластена нација на сите земји во Светската трговска организација (СТО). Сабатини смета дека овие се „релевантни и важни проекти“, кои стануваат итни поради потезите на администрацијата на Трамп во овие области.
„Но, нема да биде лесно да се најде заеднички јазик“, вели тој, предупредувајќи на опасноста БРИКС да се претвори во само антиамерикански форум. „Новите членки ја искривија БРИКС+ кон земји кои не ја споделуваат пошироката визија на Бразил за реформирање на глобалниот институционален и нормативен поредок и, наместо тоа, ги ставаат во преден план своите тесни национални интереси“.
Во моментов нема коментари за веста. Биди прв да коментира...