Трамп објави примирје меѓу Израел и Иран
Американскиот претседател Доналд Трамп во објава на социјалните мрежи истакна дека во сила е прекин на огнот меѓу Израел и Иран и дека воените операции ќе бидат паузирани. Претходно, воздушните напади меѓу Иран и Израел продолжија во раните утрински часови.
Иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи објави на социјалните мрежи дека Иран ќе ги прекине нападите доколку и Израел го направи истото тоа, а подоцна се огласи израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, кој го прифати прекинот на огнот.
Иранската одмазда како „симболична деескалација“
Вестите за примирјето доаѓаат по одговорот на Техеран на американските напади врз иранските нуклеарни постројки. Иран во понеделникот попладне лансира ракети кон американска воена база во Катар, која претходно беше евакуирана, а ракетите беа пресретнати од антиракетен штит.
Овој потег беше оценет како симболична деескалација, бидејќи Техеран однапред ги предупреди САД и Катар за планираниот напад.
Bloomberg
Пазари
Цената на нафтата падна под 70 долари
Глобалните акции пораснаа, а цената на нафтата падна по веста за примирје меѓу Израел и Иран. Брентот падна за пет проценти и моментално се тргува по цена од околу 69 долари за барел.
Американската референтна ВТИ (West Texas Intermediate) ослабе за околу три проценти и сега се тргува над 66 долари за барел. Аналитичарите предупредуваат дека има простор за понатамошен пад на цената.
Европски и американски берзи
Европските и американските фјучерси зајакнаа во утринското тргување, откако вестите за потенцијално примирје меѓу Израел и Иран поттикнаа раст од еден процент на клучниот американски индекс S&P500. Во Азија, регионалниот индекс MSCI оствари најголеми добивки во последните два месеца. Доларот ослабе, а цената на златото падна за околу еден процент.
Инвестицискиот стратег Ед Јардени оцени дека Иран ја изгубил војната и дека флуктуациите на глобалните берзи постепено ќе се смират – неговите очекувања за S&P500 остануваат оптимистички.
Bloomberg
Монетарна политика
Пауел пред Конгресот
Дополнителен поттик за американските акции беа и сигналите од Федералните резерви (Фед), откако гувернерот Кристофер Валер и потпретседателката на одборот за надзор Мишел Бауман изјавија дека поддржуваат потенцијално намалување на каматните стапки во јули доколку инфлацијата остане под контрола.
Да потсетиме, претседателот на Фед, Џером Пауел, неделава ќе се обрати пред конгресните комитети за банкарство и финансиски услуги, а пазарите од овие обраќања очекуваат насоки за понатамошниот правец на монетарната политика.
Бизнис
Хуанг продава акции на „Енвидија“
Од корпоративниот сектор доаѓа вест дека извршниот директор на „Енвидија“ (Nvidia), Џенсен Хуанг, започнал со продажба на акции од компанијата, кои до крајот на годината треба да достигнат вредност од 865 милиони долари.
Во периодот од 20 до 23 јуни, Хуанг веќе продал повеќе од 100.000 акции за 14,4 милиони долари, како дел од планот најавен во претходниот квартален извештај на компанијата. „Енвидија“ сè уште нема одговорено на барањето за коментар.
Во моментов нема коментари за веста. Биди прв да коментира...