„Епл“ (Apple Inc.) понуди необичен аргумент во обид да го зачува профитабилното партнерство со компанијата „Алфабет“ (Alphabet Inc.) – наведувајќи дека договорот можеби наскоро нема да биде неопходен и дека дури и „ајфонот“ може да стане непотребен.
На судењето по тужбата на американското Министерство за правда против „Гугл“ (Google) сведочеше Еди Кју, потпретседател за услуги во „Епл“. Иако компанијата од Гугл, кој е во сопственост на „Алфабет“, годишно заработува околу 20 милијарди долари, благодарение на тоа што неговиот пребарувач е стандардно поставен на уредите од „Епл“, Кју предупреди дека пазарот брзо се менува.
„Епл“ веќе планира да го преобликува својот пребарувач Сафари (Safari) со услуги за вештачка интелигенција како што е ЧетГПТ (ChatGPT) на компанијата „Опен еј-ај“ (OpenAI), како и решенијата од фирмите „Перплексити“ (Perplexity AI Inc.) и „Антропик“ (Anthropic PBC).
Според Кју, корисниците сè помалку го користат традиционалното пребарување. Во април првпат беше забележан пад на бројот на гугл-пребарувања на уредите на „Епл“ – бидејќи корисниците сè почесто избираат алатки за ВИ.
„Технолошките промени создаваат нови можности“, рече Кју, додавајќи дека очекува овие ВИ-алатки во иднина да се нудат како алтернативни пребарувачи во Сафари.
Сепак, јасно е дека „Епл“ не сака да го изгуби постојниот договор со „Гугл“, кој би можел да биде укинат ако Министерството за правда го добие спорот. И инвеститорите го гледаат тој исход како ризик за двете компании.
Акциите на „Алфабет“ паднаа во средата за 7,3 проценти во тргувањето во Њујорк, додека акциите на „Епл“ ослабеа за 1,1 процент. „Гугл“ остварува милијарди долари приходи благодарение на пребарувањата од повеќе од две милијарди активни уреди на „Епл“.
Во моментов Сафари го нуди Гугл како стандардна опција, заедно со алтернативни пребарувачи како Јаху (Yahoo Search), Бинг (Bing) на компанијата „Мајкрософт“ (Microsoft Corp.) и „Дакдакго“ (DuckDuckGo). „Епл“ има договори за поделба на приходите со сите понудувачи, но „Гугл“ плаќа најмногу – што е и суштината на спорот на американската влада со компанијата од Калифорнија.
Откривајќи ги плановите за премин на ВИ за пребарување, Кју се обиде да ја намали важноста на постојниот договор со „Гугл“. Ако пазарот веќе се променил и постојат силни алтернативи, судијата би можел да заклучи дека нема потреба од укинување на долгогодишното партнерство. Кју особено го пофали решението на компанијата „Перплексити“.
„Логично е 'Епл' да истакнува аргументи што го поткопуваат тврдењето дека 'Гугл' е монополист во областа на пребарувањето“, оцени аналитичарот на „Џефрис“ (Jefferies LLC) Брент Тил.
Сепак, Кју не ја спомена можноста за подлабока соработка меѓу „Гугл“ и „Епл“ во областа на вештачката интелигенција. „Гугл“ веќе го користи својот систем Џиминај (Gemini AI), а на корисниците при пребарувањето често прво им се прикажува резултат од ВИ – дури и на уредите на „Епл“.
Bloomberg
Самиот чин на „Епл“ јавно да зборува за своите планови е реткост. Особено одекнаа зборовите на Кју за „ајфонот“, уред што носи повеќе од половина од приходите на компанијата: „Можеби за десет години 'ајфонот' повеќе нема да ви биде потребен – колку и да звучи лудо тоа“.
Тој настап е дел од вообичаената стратегија на „Епл“ пред судовите. За време на судењето со „Епик гејмс“ (Epic Games Inc.) во 2021 година, шефот за софтвер на „Епл“ дури изјави дека мек (Mac) има проблеми со малициозен софтвер – за да покаже зошто иос (iOS) треба да остане затворен систем.
Кју, близок соработник на извршниот директор Тим Кук и поранешен довереник на основачот Стив Џобс, може многу да изгуби. Приходите од договорот со „Гугл“ со години го поддржуваат секторот за услуги на „Епл“, кој во март достигна рекордни 26,6 милијарди долари.