Во 2018 година се чинеше дека „Епл“ конечно е на вистинскиот пат кога станува збор за вештачката интелигенција (ВИ). Таа година Крег Федериги, главниот софтверски инженер на „Епл“, ги собра своите постари вработени и најави сензационално дополнување на тимот: компанијата штотуку го донесе Џон Џанандреа од „Гугл“ да биде шеф на тимот за вештачка интелигенција.
Џејџи (англ. JG), како што е познат во индустријата, ги водеше тимовите за пребарување и вештачка интелигенција на „Гугл“. Под негово водство тимовите имплементираа напредни технологии за ВИ во нивните услуги за фотографии, превод и е-пошта (Photos, Translate, Gmail). Благодарение на тоа, како и на аквизицијата на британската визионерска компанија „Дипмајнд“ (DeepMind) во 2014 година, „Гугл“ стекна репутација на лидер во вештачката интелигенција.
За менаџментот на „Епл“ не беше важно само тоа дека доведувањето на Џанандреа задава сериозен удар врз нивниот најголем ривал. Менаџментот се надеваше дека тоа ќе биде почеток на трансформацијата на компанијата во лидер во ВИ. „Епл“ го претстави својот гласовен асистент Сири (Siri) кратко пред смртта на својот коосновач Стив Џобс во 2011 година. На почетокот Сири изгледаше како нешто од светот на научната фантастика - уште еднаш „Епл“ го претвори футуристичкиот концепт за компјутери во производ за широка употреба. Но, во годините потоа „Гугл“, „Амазон“ и други конкуренти воведоа гласовни асистенти што изгледаа многу понапредно, додека асистентот на „Епл“ се мачеше да разбира и да извршува команди.
Прочитај повеќе

Нова ера во „Епл“: Компанијата најавува роботи и уреди за паметен дом
Роботи придружници, „живописна“ Сири, паметни звучници и домашни безбедносни камери ја обликуваат визијата за иднината на „Епл“...
14.08.2025

Нова гласовна технологија ќе го промени начинот на кој го користите вашиот ајфон
Новата Сири ќе управува со вашиот телефон само со глас - без допир! Дознајте какви новитети ќе донесе гласовната контрола во iOS 26 и што нè чека во иднина од „Епл“...
11.08.2025

Посетата на Тим Кук од „Епл“ на Белата куќа ја покажува вистинската цена на царините
Тим Кук минатата недела отиде во Белата куќа за да му даде на Трамп големо парче злато
10.08.2025

Приходите на „Епл“ пораснаа поради побарувачката за ајфони во Кина
Приходите се зголемија за 9,6 проценти, на 94 милијарди долари, во третиот фискален квартал, кој заврши на 28 јуни, соопшти компанијата.
01.08.2025

Од денеска услугата „Епл пеј“ е достапна преку картичките на НЛБ
НЛБ е првата банка што стана дел од мрежата на „Епл пеј“, овозможувајќи со тоа активација на македонските платежни картички издадени од оваа банка во електронскиот паричник на „Епл“.
29.07.2025

„Мета“ со милионски договор го привлече водечкиот човек за вештачка интелигенција на „Епл“
Највисокиот раководител на „Епл“ задолжен за модели на вештачка интелигенција (ВИ) заминува во „Мета“, што претставува нов удар за производителот на ајфони.
08.07.2025

Софтверските новини на „Епл“ не ги импресионираа инвеститорите
„Епл“ ги претстави новините во своите оперативни системи
10.06.2025

Вештачка интелигенција во ајфоните ќе го продолжува траењето на батеријата
Режимот за управување со батеријата пристигнува со иос 19 во септември...
13.05.2025

Од „Епл“ прогнозираат дека нема уште долго да се пребарува преку Гугл
„Епл“ понуди необичен аргумент во обид да го зачува профитабилното партнерство со „Алфабет“.
08.05.2025
Џанандреа, роден во Шкотска, беше доведен да ја надгледува групата во која беше обединета сета работа на „Епл“ за развој на ВИ. Неколку вработени велат дека високото раководство долго време верувало дека предизвиците со кои се соочува компанијата произлегуваат од недостигот од координација на активностите поврзани со ВИ, а кои беа поделени низ голем број тимови за развој на производи. (Вработените, како и други извори што зборуваа за овој текст, побараа да не бидат именувани бидејќи прашањата се чувствителни.) Сега, работата на развојот на машинско учење, на операциите за тестирање и на Сири би требало да биде централизирана. Џанандреа ќе известува директно до извршниот директор Тим Кук, што значи дека вештачката интелигенција ќе добие иста важност како и софтверот, хардверот и услугите за кои се задолжени клучните луѓе на „Епл“.
За поновиот развој на ситуацијата читајте и овде:
„Епл“ сака Сири да мисли со мозокот на „Гугл“
Возбудата на Федериги кога го објави зајакнувањето на тимот беше очигледна – на челната позиција на Сири се менуваат раководителите заклучно со него, а сега тој му ја предава штафетата на Џанандреа. „Тој е токму таква личност каква што ни е потребна за ВИ“, им рече тој на вработените. Џанандреа, освен што работеше во „Гугл“, каде што се сметаше за највлијателен директор по извршниот директор, беше и главен директор за технологија во „Нетскејп“ (Netscape), еден од интернет-пионерите („Нетскејп“ е познат по интернет-пребарувачот Нетскејп навигатор, кој доминираше во текот на 1990-тите години, за подоцна да биде истиснат од Мајкрософт експлорер). „А кого друг би го ангажирале?“, праша едно лице што учествуваше во доведувањето на Џанандреа во тимот.
Седум години по неговото доаѓање го нема веќе тој оптимизам што го имаше кога штотуку пристигна. „Епл“ продолжи да заостанува во ВИ. Откако софтверот ЧетГПТ на „Опен еј-ај“ ја стекна популарноста во 2022 година, сите големи технолошки компании ја забрзуваат работата со развој на големи јазични модели (LLM) што ги напојуваат ваквите програми, вградувајќи ги во гласовни асистенти и други алатки и промовирајќи ги.
Bloomberg Businessweek
„Епл“, како и неговите конкуренти, воведе нови ВИ-функции што или се одложуваат или не ги исполнуваат очекувањата. На својата годишна конференција за програмери „Ворлдвајд девелоперс конференс“ - ВВДК (Worldwide Developers Conference - WWDC) во јуни минатата година компанијата го објави Епл интелиџенс (Apple Intelligence), кој го опиша како „вештачка интелигенција за сите“, алудирајќи на слоганот под кој во 1984 година го рекламираше првиот десктоп-компјутер мек (Mac) како „компјутер за сите“. Ветените функции подразбираа нови алатки за унапредување на пишувањето, сумирање е-пошта и известувања, како и генерирање персонализирани емотикони и слики врз основа на описи. Компанијата исто така објави нова Сири заснована на вештачка интелигенција. „Епл“ изјави дека за првпат гласовната асистентка ќе може да анализира лични информации на корисникот и содржината на екранот за да одговори на барање. За да го демонстрира тоа, главната заменичка на Џанандреа ја праша Сири за плановите на нејзината мајка за патување. Сири лесно формулираше одговор врз основа на информациите од е-поштата и текстуалните пораки за да помогне во планирање на патувањето. „Епл“ најави дека корисниците ќе можат да ги контролираат своите уреди преку Сири на нов начин, така што ќе може да избираат, сечат и испраќаат фотографии до членовите на семејството без да го допираат екранот.
Во исчекување на уредите со вештачка интелигенција, цената на акциите на „Епл“ нагло скокна. Возбудата се зголеми во септември, кога компанијата објави дека нејзиниот најнов ајфон 16 е направен од нула за потребите на Епл интелиџенс. Но, уредот, кој се појави во продажба во март, немаше ВИ-функции - првите функции, вклучувајќи алатки за пишување и сумирање, се појавија дури месец и половина подоцна. Персонализираните емотикони (англ. genmojis) не беа достапни до декември. Значително подобрената функција за известувања во оперативниот систем iOS што ги рангира известувањата според итноста се појави дури во март.
„Епл“ планираше да воведе унапредена верзија на Сири во април 2025 година, рекоа луѓе запознаени со таа технологија. Но кога Федериги ја стартуваше бета-верзијата на iOS 18.4 на својот телефон неколку недели пред планираното лансирање, тој беше шокиран кога откри дека многу од функциите што „Епл“ ги промовираше не функционираат, вклучувајќи го и пронаоѓањето броеви на возачки дозволи преку гласовно пребарување, рекоа повеќе раководители запознаени со ова прашање. (На ВВДК системот беше демонстриран со прикажување видеа од ран прототип во кои беше претставено тоа што компанијата сметаше дека системот може сигурно да го направи.) Планираното лансирање беше одложено до мај, а потоа и за подоцна, иако новите функции продолжија да се промовираат во рекламите за ајфон 16. Некои клиенти што го купија уредот верувајќи дека ќе работи со ВИ се приклучија на групна тужба против „Епл“ за лажно рекламирање. Компанијата одби да коментира за обвинувањата. Таа не сакаше да ги коментира ни наводите во овој текст, ниту во свое име ниту во име на споменатите извршни раководители.
Новата Сири не беше подготвена ниту за годинашниот ВВДК, една година откако беше најавена нејзината подобрена верзија. Наместо да добијат значително подобрена асистентка, а камоли вистински конкурент на ЧетГПТ, како што веќе претставија многу конкуренти, корисниците ќе мора да се задоволат со ветувањето за континуиран напредок во воведувањето Епл интелиџенс. Во тој дел ќе има и разни подобрувања на софтверот што не се поврзани со ВИ, како што е редизајнираниот кориснички интерфејс што ќе ги направи оперативните системи на ајпед (iPad), мек (Mac) и ајфон поконзистентни и слични на софтверот за „Вижн про“ (Vision Pro), уред за комбинирана или проширена реалност (уред во облик на слушалки што ги комбинира дигиталниот и реалниот свет; користи камери и сензори за скенирање на просторот околу корисникот, а потоа проектира дигитални слики што се вклопуваат во околината).
„Ова е криза“, вели висок член на тимот за ВИ на „Епл“. Друг член на тимот ја споредува ситуацијата со брод што тоне: „Тоне веќе долго време“. Според внатрешните податоци до кои дојде „Блумберг бизнисвик“, технологијата на компанијата значително заостанува зад конкурентските фирми.
Китлаус во Сан Хозе, Калифорнија, во 2016 година. Фотографија: Ендру Бартон/За „Вашингтон пост“/Getty Images
Bloomberg Businessweek
За „Епл“ не е нужно погубно тоа што доцни во реализацијата на технологијата што може да го промени светот. Компанијата често се задоволува со тоа да чека конкурентите да развијат нова технологија со сите ризици што доаѓаат со таквата одлука, пред да ја лансира својата добро изработена прифатлива верзија за повеќе од милијарда свои корисници. Тоа веќе го направи со MP3-плеерите, со паметните телефони, таблетите, часовниците и слушалките.
Прашан за одложувањата за време на конференцискиот повик за кварталните корпоративни приходи, Кук посочи на функциите на Епл интелиџенс што веќе се на пазарот, како и на нивното проширување на шпански, кинески и други јазици. Тој рече дека подобрената верзија на Сири бара време за да ги исполни стандардите за квалитет на „Епл“. „Нема многу други причини за тоа“, рече Кук. „Само трае малку подолго отколку што мислевме.“
Кога станува збор за ВИ, посебно се издвојува фактот дека „Епл“ инвестираше многу во таа технологија, но тоа не даде значајни резултати. Во компанијата долго време малку луѓе се занимаваа со ВИ споредено со нејзините конкуренти, велат раководителите во „Епл“, но и на други фирми. Исто така, за разлика од конкурентите, „Епл“ набави помалку скапи графички процесори (GPU), кои се неопходни за обука и работа на големи јазични модели. Како резултат на тоа, менаџментот на компанијата претрпе големи промени годинава, при што тимот на Сири и другите тимови поврзани со ВИ повеќе не се под контрола на Џанандреа.
Меѓутоа, додека некои вработени за проблемите гледаат вина во одлуките донесени од одредени раководители, други во сето тоа гледаат симптоми на подлабок проблем. „Епл“ стана највредната технолошка компанија во светот бидејќи систематски испорачува врвни производи со внимателно одбрана содржина и софтвер што се ажурира само еднаш годишно; ВИ се покажа како побрз и понеуреден бизнис, кој повеќе навлегува во приватноста на корисникот. Најуспешните производи на „Епл“ се изградени врз клучни технологии развиени интерно во компанијата, како што се екрани со чувствителност на мултидопир и напредни чипови за ајпед и поновите верзии на уреди мек. Тоа не функционира така со ВИ. Компанијата минатата година го напушти својот проект за самостојно управување со автомобили откако потроши милијарди долари на него во текот на една деценија. Тоа го стори делумно затоа што сфати дека нејзината вештачка интелигенција нема да го исполни ветувањето за целосно автономно возило. Континуираните неуспеси со вештачката интелигенција веројатно осудија на пропаст и многу други планови на „Епл“, од очилата за проширена реалност и роботите до часовниците и слушалките што можат да препознаваат предмети околу нив. Поради тоа „Епл“ би можел да се најде во многу неповолна положба при обликувањето на начинот на кој потрошувачите ќе ги употребуваат паметните уреди во наредните години.
Еди Кју, виш потпретседател за услуги на „Епл“ и доверлив човек на Кук, им кажал на колегите дека лидерството на компанијата во технолошкиот свет е доведено во прашање. Тој истакнал дека „Епл“ не е како компанијата за нафта и гас „Ексон“ (Exxon Mobil Corp), чии производи на светот сè уште ќе му бидат потребни. Тој изразил загриженост дека вештачката интелигенција може да му го стори на „Епл“ тоа што ајфон ѝ го направи на „Нокиа“. На федералното судско сослушување во тужбата на Министерството за правда против „Алфабет“, Кју рекол дека ајфон може да биде ирелевантен за една деценија, колку и да звучи лудо тоа.
Стив Џобс не бил особено заинтересиран за развој на пребарувачи, интелигентни или обични. „Стив едноставно не веруваше дека луѓето дури и ќе се обидат да најдат нешто“, вели лице што некогаш работело со него. „Тој веруваше дека работата на ‘Епл’ е внимателно да избира производи и да им предлага на клиентите што треба да сакаат.“ Влијанието на овој став, како и на многу други уверувања на Џобс, се чувствувало во компанијата долго по неговата смрт. Во средината на 2010-тите, „Епл“ ја разгледа идејата за поставување лента за пребарување на врвот од екранот на ајфон, така што корисниците нема да мора да лизгаат по екранот за да дојдат до неа. Но тимот за дизајн на производи на „Епл“ ја отфрли идејата.
Џанандреа и Федериги на Светската конференција за програмери на „Епл“ во јуни 2024 година. Фотографија: Дејвид Пол Морис/„Блумберг“
Bloomberg Businessweek
Сепак, на Џобс му се допадна кога првпат се сретна со Сири, која првично беше дел од Еп стор (App Store) на „Епл“. Еден од креаторите на апликацијата, Даг Китлаус, рече дека оригиналната идеја била таа да биде систем што извршува задачи за корисниците. „Крајната визија беше да можете да разговарате со интернет, а вашиот асистент самиот ќе направи сè за вас“, се сеќава тој. „Нема да морате дури ни да знаете од каде доаѓаат информациите, а целата мака со наоѓање апликации и веб-страници ќе биде елиминирана.“
Во својата прва форма како апликација за ајфон, Сири можеше да прави резервации во ресторани, да најде кино или да повика такси. Џобс веднаш сфати дека тоа е повеќе од само апликација - тој го виде потенцијалот асистентот како главен кориснички интерфејс за уредите на „Епл“. Кратко откако почна да ја користи Сири, тој го повика Китлаус и го покани заедно со другите негови коосновачи да оди во неговата куќа. За време на тричасовниот разговор, Џобс му понудил да ја купи нивната компанија. Кога Китлаус ја отфрлил идејата, Џобс почнал постојано да му се јавува - 24 дена по ред. („Сири“ е компанија што ја основал Китлаус со уште двајца соработници, а која го разви првиот виртуелен асистент; „Епл“ ја купи оваа компанија во 2010 година).
Откако Китлаус конечно попуштил, Џобс ја поставил Сири како еден од главните развојни проекти на „Епл“. „Тоа стана негов личен проект“, се сеќава Китлаус. „Се состанував со него секоја недела сè додека повеќе не можеше да го прави тоа од здравствени причини.“
Сири беше претставена кратко по смртта на Џобс. Во првите години нејзиниот фокус главно беше на извршување основни задачи како што се добивање информации за временска прогноза, поставување тајмери, пуштање музика и обработка на текстуални пораки. Не се потпираше многу на почетните истражувања на „Епл“ во областа на машинското учење, кои се фокусираа на функции како препознавање лица и отпечатоци од прсти, паметни препораки (како потсетник кога да заминете на состанок врз основа на сообраќајните услови), унапредени мапи и амбициозни проекти на компанијата во тоа време: слушалки и автомобили.
Некои највисоки раководители што беа задолжени за софтверското инженерство сметаа дека „Епл“ треба да ѝ овозможи на ВИ поистакнато место во оперативниот систем на ајфон. По 2014 година, „брзо сфативме дека ова е нешто револуционерно и многу помоќно отколку што мислевме“, рече еден од нив. Меѓутоа, тој вели дека не можеле да го убедат Федериги, неговиот претпоставен, дека вештачката интелигенција треба да се сфати сериозно: „Залудни беа укажувањата за тоа“.
„Епл“ почна да купува десетици помали компании што се занимаваа со ВИ за потребите на своите проекти, вклучувајќи ги компаниите за машинско учење „Лезерлајк“ (Laserlike), „Туплџамп“ (Tuplejump) и „Тјури“ (Turi). Дури размислуваше да ја купи израелската компанија за технологија за самостојно возење „Мобајлај глобал“ (Mobileye Global Inc.) за четири милијарди долари, велат луѓе запознаени со разговорите. Договорот, кој ќе претставуваше најголема аквизиција во историјата на „Епл“, имаше цел да ѝ помогне на компанијата да го забрза развојот на системи за самостојно возење и технологии за компјутерска визија (област на ВИ што им овозможува на компјутерите и системите да извлечат информации од дигитални слики и видеоинформации). Со таа аквизиција компанијата ќе добиеше и талентирани луѓе за ВИ, кои ќе можеа да помогнат и во други проекти. Меѓутоа, на крајот „Епл“ се откажа од купување, а „Интел“ го купи „Мобајлај“ во 2017 година за 15 милијарди долари.
Слика од екранот од ТВ-рекламата на „Епл“ за новата верзија на Сири со актерката Бела Ремзи / Извор: „Јутјуб“
Bloomberg Businessweek
Проектот на „Епл“ за развој на автономни автомобили сепак го постигна својот прв успех во областа на ВИ: специјализирана компонента наречена „Епл нејчр енџин“ (Apple Neural Engine), која им овозможи на чиповите да обработуваат огромни количества податоци од вештачката интелигенција потребни за автономно возење. Чиповите со невронско процесирање (специјализиран дел на хардверот за побрза и поефикасна обработка на ВИ-задачи и машинско учење) подоцна станаа дел од ајфоните, ајпедите и другите уреди на компанијата и, благодарение на тоа, им се овозможи да користат генеративни модели на вештачка интелигенција.
Кук, кој е познат по тоа што во голема мера се држи настрана кога станува збор за развој на производи, инсистираше да се вложат посериозен напори во развој на ВИ. „Тим беше еден од најголемите застапници на ВИ во ‘Епл’“, вели лице што работело со него. „Тој постојано беше фрустриран што Сири заостанува зад Алекса (Alexa)“ (виртуелен говорен асистент на компанијата „Амазон“ заснован на ВИ) и што компанијата сè уште не успеала да направи производ за домаќинствата како паметните звучници „ехо“ (Echo) на „Амазон“ (овој уред извршува различни задачи со помош на Алекса врз основа на гласовни команди, може да управува со паметни уреди во домот, да пушта музика, да мести аларми и слично).
Кога Џанандреа му се приклучи на „Епл“ во 2018 година, тој оцени дека затворениот софтверски екосистем на компанијата е привлечна предност бидејќи овозможува новите функции истовремено да се воведат на милијарди уреди, рече еден од неговите колеги извршни директори. Но тој наскоро сфати дека компанијата треба да потроши стотици милиони долари повеќе за тестирање во големи размери и означување слики и текст што се неопходни за тренирање на машинското учење. Тој доби доволно пари за да вработи некои од водечките истражувачи во областа на ВИ што претходно работеле во „Гугл“, како и да ги прошири тимовите одговорни за тестирање и анализа на податоци.
Џанандреа се насочи и кон Сири, менувајќи го раководителот задолжен за тој производ. Тој исто така предложи да се укинат ретко користените функции на Сири, објаснувајќи им на колегите дека тоа ќе го намали количеството на кодови за Сири и ќе му овозможи на тимот да се фокусира на нејзините најважни функции. Џанандреа кратко време беше задолжен за развој на автомобили што се управуваат самостојно и беше скептичен во поглед на тој проект. (Кога подоцна „Епл“ го напушти, стотина инженери за ВИ што работеа на него се префрлија во групата што ја водеше тој.)
Сепак, напорите на Џанандреа честопати наидуваа на пречки. Федериги, шефот за софтвер на „Епл“, и натаму не сакаше да инвестира големи пари во ВИ - тој не ја гледаше како клучна технологија за персонални компјутери и мобилни уреди и не сакаше да ги пренасочува средствата наменети за развој на годишните надградби на оперативните системи на ајфон, мек и ајпед, рекоа повеќе негови колеги. „Крег едноставно не е тип на човек што ќе каже: ‘Еј, треба да ја направиме оваа голема работа за која ќе бидат потребни голем буџет и многу повеќе луѓе“, вели еден долгогодишен извршен директор во „Епл“.
И други врвни директори, како Федериги, беа претпазливи и имаа резерви. „Во светот на ВИ навистина не знаете што ќе испадне од производот сè додека не вложите пари во него“, вели друг долгогодишен раководител. „’Епл’ едноставно не е така нагоден. ‘Епл’ не влегува во развој на производи сè додека нема јасна визија за тоа како ќе изгледа на крајот.“
Како резултат на сето тоа компанијата беше изненадена кога во ноември 2022 година беше лансиран ЧетГПТ. Еден висок извршен директор вели дека пред тоа Епл интелиџенс не беше ни во повој. „Не е дека тоа што го правеше ‘Опен еј-ај’ беше некаква тајна“, вели друг извршен директор. „Секој што го следеше пазарот требаше да го увиди тоа и да ја искористи можноста.“
Кук во Дубаи во декември 2024 година. Фотографија: Јакуб Порзицки/NurPhoto/Getty Images
Bloomberg Businessweek
Во рок од еден месец по лансирањето на ЧетГПТ, Федериги ја употреби генеративната вештачка интелигенција за да напише код за својот личен софтверски проект, велат луѓе запознаени со материјата. Тој одеднаш го сфатил потенцијалот на технологијата. Џанандреа, другите раководители и тој почнале да се среќаваат со претставници од „Опен еј-ај“, „Антропик“ (Anthropic) и други играчи за да ги научат основите на најновите модели и пазари. Потоа Федериги побарал оперативниот систем на ајфон, iOS 18, чие лансирање беше планирано во 2024 година, да вклучува што е можно повеќе функции базирани на вештачка интелигенција. Џанандреа го собрал тимот за да ја забрза работата на големи јазични модели потребни за тие функции, нешто што конкурентите на „Епл“ го правеа години претходно.
Додека се подготвуваше да го лансира Интелиџенс на ВВДК во јуни 2024 година, „Епл“ мораше да се помири со фактот дека неговата генеративна вештачка интелигенција заостанува зад другите. Таа можеше да прави едноставни слики и имаше четбот што беше тестиран интерно, но значително заостануваше зад ЧетГПТ - производот на конкурентот беше најмалку 25 проценти попрецизен во одговарањето на повеќето видови прашања, според податоците што компанијата ги достави до „Бизнисвик“.
За да понуди верзија на ВИ-производ што корисниците ја посакуваат, „Епл“ се впушти во потрага по партнер. Компанијата почна да разговара со конкурентите, вклучувајќи ги „Гугл“, „Антропик“ и „Опен еј-ај“, за интегрирање на нивните технологии во софтверот на „Епл“. Џанандреа силно лобираше „Епл“ да го усвои Џемини (Gemini) на „Гугл“, тврдејќи дека „Опен еј-ај“ нема долго време да биде релевантен или дека не е сигурен или не ги заштитува доволно личните податоци, рекоа колегите. Меѓутоа, тимот за корпоративен развој на „Епл“ донесе поинаков заклучок, а на ВВДК компанијата објави дека барањата што Сири не може сама да ги обработи ќе ги препраќа до ЧетГПТ.
Интеграцијата не се случи до декември, но кога се случи, оваа функција за интелигенција беше една од ретките што работеа токму онака како што беше рекламирано. Успешно беа лансирани и уште неколку други функции, како сиже на е-пошта, во чии рамки приказот на пораките од дојдовното сандаче е заменет со генерирање резиме и алатките за пишување „Врајтинг тулс“ (Writing Tools), кои можат да уредуваат, реорганизираат и сумираат прозни текстови. (Пишувањето текст со помош на овие алатки сепак го прави ЧетГПТ.) Но на многу корисници им се чинеше дека компанијата побрза да пласира други функции на пазарот. Генерираните емотикони, или „генмоџи“, кои треба да им овозможат на луѓето да креираат свои емотикони - на пример, комбинирање паун и сладолед на стапче - ретко се покажуваа толку добри како што „Епл“ покажуваше во телевизиските реклами и билборди во големите градови. Притоа, компанијата трошеше толку многу процесорска моќ што ајфоните можеа да се прегреат, а батериите да се истрошат. Функцијата за сумирање вести беше укината бидејќи насловите генерирани од вештачка интелигенција беа очигледно неточни, на пример наслов од кој произлегуваше дека Луиџи Манџоне, осомничен за убиство, се самоубил. (Манџоне е обвинет за убиство на директорката на компанијата „Јунајтед хелткер“, Бријана Томпсон.) Некои од функциите на ВИ што бараат интензивна обработка и голема процесорка моќ работеа само затоа што одделот за онлајн услуги на „Епл“, за среќа, осмисли проект за облак-сервер што може да обработи сè што телефонот не може.
Плановите на „Епл“ за Сири заостануваат уште повеќе. Компанијата ги промовираше новите функции на виртуелниот асистент во ТВ-реклами уште од лансирањето на ајфон 16, иако тие не беа завршени. Во една реклама Бела Ремзи, ѕвездата од серијата „The Last of Us“ на Ејч-би-о (HBO) забележува маж на една забава, не може да се сети на неговото име и брзо го вади својот ајфон. „Како се вика човекот што го запознав пред неколку месеци во ‘Кафе Гренеле’ (Café Grenelle)?“, прашува Ремзи. Сири го наоѓа неговото име за исто толку време колку што му е потребно на Зак да помине низ собата и да стигне до Бела.
Роквел на екранот за време на ВВДК во јуни 2024 година. Фотографија: Дејвид Пол Морис/„Блумберг“
Bloomberg Businessweek
Тоа што „Епл“ не успеа да создаде сопствен четбот со ВИ загрижува некои раководители. Според изјавите на дел од вработените, Џанандреа во интерните разговори тврдел дека на ВИ-системите ќе им бидат потребни многу години додека да можат значајно да ги заменат луѓето и дека повеќето корисници ја делат неговата недоверба кон генеративната вештачка интелигенција. Вработените велат дека тоа објаснува зошто тој не се потрудил да изгради систем за своите корисници што навистина би можел да се натпреварува со ЧетГПТ. Колегите велат дека Џанандреа им кажал дека потрошувачите не сакаат алатки како ЧетГПТ и дека најчесто бараат да се исклучи.
Во март годинава „Епл“ го потврди извештајот на „Блумберг њуз“ дека новата верзија на Сири ќе биде одложена. Компанијата ја повлече рекламата со Рамзи од Јутјуб и големите телевизиски мрежи. Веќе следната недела тогашниот раководител на тимот на Сири, вишиот директор Роби Вокер, се сретна со своите деморализирани вработени за да ги утеши. „Препливавме стотици милји и влеговме во Гинисовата книга на рекорди за најдолго пливање, но сепак не успеавме да стигнеме до Хаваи“, рече тој, според извори запознаени со состанокот. „И сите се нафрлија на нас не поради неверојатното патување што го направивме, туку поради фактот што не стигнавме до нашата посакувана дестинација.“ И покрај нивните напори, тимот сè уште беше на море и се обидуваше да плива.
На состанокот Вокер им кажа на сите дека работат на надградба за новата верзија на оперативниот систем на ајфон, iOS19, која треба да излезе во септември. Но, тој им рече дека не е сигурен кога всушност ќе бидат објавени ажурирањата, кои не работеа правилно во една третина од случаите, делумно затоа што другите функции имаат приоритет. „Тие сè уште не се подготвени за лансирање, иако нашите конкуренти можеби ги објавиле во слична или полоша состојба“, рече тој.
Членовите на тимот на Сири велат дека Вокер во својата процена всушност го потценил размерот на проблемот. „Во моментов има стотици грешки“, рече еден член на тимот. „Тоа е дупка без дно. Решавате еден проблем, а се појавуваат уште три.“
Главниот технички проблем е што „Епл“ во суштина мораше да ја подели инфраструктурата за Сири на стар код што поддржува традиционални функции како навивање аларм и на нов код што поддржува барања што се засноваат на лични податоци. Ова импровизирано решение беше неопходно за новите функции да се пласираат на пазарот што е можно побрзо. Но истовремено тоа беше и контрапродуктивно бидејќи создаде проблеми во интеграцијата, кои потоа доведоа до одложувања. Поединечните функции може да изгледаат добро, но кога ќе се интегрира кодот за деловите да се тестираат како целина во Сири, сè почнува да се распаѓа.
Со оглед на тоа што проектот заостануваше, моралот меѓу инженерскиот тим нагло опадна. „Дури не ни беше кажано ни што се случува или зошто“, рече еден од членовите на тимот. „Тука недостига лидерство“.
Интерно во „Епл“, Џанандреа презеде голем дел од вината за одложувањата и неуспешните лансирања, рекоа неколку вработени и луѓе блиски до компанијата. Тие велат дека нему му било тешко да се вклопи во најтесниот круг луѓе во „Епл“, кои со децении работеле заедно и ја воделе компанијата како семеен бизнис. Тој сфатил, како и многу други високи раководители што пред него дошле од други компании, дека тоа го отежнува правењето промени. Раководството на „Епл“ е составено од силни поединци што се ценети поради нивната способност да пласираат нови производи на пазарот. Џанандреа е скромен, а некои велат дека не се ни борел доволно напорно за да ѝ ги обезбеди на својата група потребните пари. „Мора да биде многу поагресивен во собирањето средства за голем потфат. Но, Џон не е трговец. Тој е експерт за технологија“, рече еден вработен што го познава.
Други велат дека Џанандреа не се вклучува доволно во практичната работа и не бара многу од своите вработени. „Секој друг тим во ‘Епл’, барем кога станува збор за инженерските тимови, работи со полна пареа - ајде да го завршиме ова и да го лансираме навреме, а неговиот тим не функционираше на тој начин“, рече еден од извршните директори.
„Тие едноставно не ги завршуваат работите.“ Претерувањето се прошири и на бенефициите. Вработените во седиштето на „Епл“ мора да ги плаќаат своите оброци во мензата, што не е случај кај другите гиганти од Силициумската Долина. Но, додека инженерите на Џанандреа брзаа да го објават Епл интелиџенс, на некои од нив им беа дадени ваучери за бесплатни оброци, што предизвика негодување кај другите тимови. „Знам дека звучи глупаво, но ‘Епл’ едноставно не дава бесплатна храна“, вели еден вработен. „Тие објавија производ една година подоцна од другите, а сепак добија бесплатен ручек.“
Наводниот недостиг од решителност на Џанандреа можеби не е само прашање на темперамент туку и на филозофија. Претпазлив во однос на темпото на развој на вештачката интелигенција и скептичен во однос на вредноста на четботовите, тој во интерни разговори изјави дека нема непосредни закани од компании како „Опен еј-ај“, „Мета“, „Гугл“ и други. Наместо тоа, Џанандреа тврдеше дека корисниците сакаат асистент како интерфејс преку кој ќе ги контролираат своите уреди. Тој се држеше до тоа и покрај одложувањата и неуспесите.
Секако, никој не сака да биде одговорен за неуспехот и би било премногу лесно да се обвини само едно лице за сите неуспеси. Џанандреа им кажа на колегите дека тимовите за маркетинг и рекламирање на „Епл“, предводени од Грег Јосвијак и Тор Мирен, во голема мера се одговорни за предвремената промоција на недовршените функции. Од менаџерите на производи зависи да бидат искрени со маркетинг-тимот за тоа кога нешто ќе биде готово. Конечната одлука за софтверот е на Федериги, додека Кук ја обликува целокупната култура на развој на производи.
Тестот за време не го пројде ни тоа што поранешниот финансиски директор Лука Маестри беше претпазлив во врска со купувањето графички процесори, специјализираните процесори што се клучни за вештачката интелигенција. Под водство на Кук, „Епл“ ги искористи својата доминација на пазарот и паричните резерви за да обликува глобален синџир на снабдување за сè, од полупроводници до стакло за екрани за паметни телефони. Но, побарувачката за графички процесори на крајот ја надмина понудата, а одлуката на компанијата да не брза со аквизиции, како што прави кога станува збор за нови технологии што сè уште не се целосно усвоени, се покажа контрапродуктивна. „Епл“ ги гледаше конкурентите како „Амазон“ и „Мајкрософт“ како купуваат голем дел од светската понуда. Недостигот од графички процесори го забави тренингот на моделите со ВИ на „Епл“. „Не можете тукутака со некаква магија да обезбедите графички процесори кога вашите конкуренти веќе ги зграпчиле“, рече извор од тимот за ВИ.
Процесот дополнително го отежнуваше и долгогодишната посветеност на „Епл“ за заштита на личните податоци и информациите за корисниците. Во споредба со своите конкуренти, „Епл“ со своите 2,35 милијарди активни уреди има пристап до многу поголемо количество на податоци, како што се интернет-пребарувања, лични интереси, комуникации и друго. Но „Епл“ има построги правила од „Гугл“, „Мета“ и „Опен еј-ај“ кога станува збор за давање пристап до корисничките податоци на своите експерти за вештачка интелигенција. Неговата посветеност на заштитата на личните податоци се однесува и на податоците на тие што не се негови корисници: „Еплбот“ (Applebot), пребарувач или пајак што собира податоци за Сири, „Спотлајт“ (Spotlight) и други функции за пребарување на „Епл“ им даваат на интернет-страниците опција да се откажат од можноста нивните податоци да се користат за подобрување на Епл интелиџенс. Многумина избраа да го сторат токму тоа.
Како резултат на тоа, експертите на „Епл“ мораат во голема мера да се потпираат на бази на податоци што ги добиваат со дозвола од трети страни и таканаречени синтетички податоци - вештачки податоци специјално создадени за обука на вештачка интелигенција. „Постои можност во оваа област да можете да му кажете ‘не’ на сè и да мора да се справите со политиките за приватност за да направите нешто“, вели извор запознаен со работата на „Епл“ за вештачка интелигенција и развој на софтвер. Еден извршен директор со сличен став вели: „Погледнете го Грок (ВИ-четботот од компанијата ‘xAI’ на Илон Маск) во X - тие се справуваат подобро затоа што имаат пристап до податоци на X. На што ќе тренира ‘Епл’?“
Тоа е уште еден пример за тоа дека ВИ не е технологија што лесно може да се усогласи со пристапот на „Епл“. „Вообичаеното сценарио е: Доцниме, имаме над милијарда корисници, ќе истуркаме и ќе победиме. Но таа стратегија нема да функционира овој пат“, вели долгогодишниот извршен директор.
Додека повторно се обидува да ги спаси своите операции со ВИ, „Епл“ се соочува со уникатни надворешни предизвици. За да се усогласи со објавените регулативи на Европската Унија, компанијата работи на промена на својот оперативен систем, така што корисниците за првпат можат да изберат производ од друга компанија како стандарден гласовен асистент наместо Сири, рече извор запознаен со ова прашање. Многу корисници би можеле да го сторат токму тоа ако не дојде до некој позначаен напредок. Покрај производите од „Опен еј-ај“, „Антропик“, „Мета“ и „Алфабет“, постојат и производи од иновативни стартапи како што е кинескиот „Дипсик“ (DeepSeek).
Вработените во „Епл“ велат дека компанијата сега има канцеларија за ВИ во Цирих, каде што работи на замена на проблематичниот хибриден модел на Сири со нова софтверска архитектура - таканаречен монолитен модел што е целосно базиран на технологија ЛЛМ (LLM). Новиот модел треба да овозможи Сири да биде поубедлива во разговорите и подобро да поврзува информации. (Тајниот проект, сосема очекувано, се нарекува ЛЛМ Сири - LLM Siri.) Компанијата има илјадници аналитичари во канцеларии од Тексас до Шпанија и Ирска што ја проверуваат точноста на резимеата на Епл интелиџенс и ги споредуваат своите резултати со изворниот материјал за да утврдат колку често системот генерира неточни изменети одговори т.н. ВИ-халуцинации.
Благодарение на неодамнешното ажурирање на софтверот, ајфоните сега се користат и за подобрување на синтетичките податоци на „Епл“. Синтетичките податоци се оценуваат и подобруваат со споредување со јазикот од е-поштата на телефоните. Тоа обезбедува референци од реалниот живот за обука на ВИ без внесување информации за корисниците во моделите.
Од оваа пролет Џанандреа веќе не е задолжен за развој на производи, вклучувајќи софтверски програми за Сири и идни роботски уреди. Тоа е затоа што Кук ја изгубил довербата во својата способност да создава нови производи, велат раководителите. За Сири сега е задолжен Мајк Роквел, кој го водеше тимот што го создаде уредот со проширена реалност „Вижн про“ (Vision Pro). Роквел директно го известува Федериги, кој презеде поголема одговорност за планот за ВИ на производите на „Епл“. За менаџерите за производи на Џанандреа сега е надлежен Федериги, додека Роквел го обнови менаџерскиот тим на Сири така што ги донесе клучните соработници од неговиот проект „Вижн про“. Вокер, кој беше задолжен за Сири под водство на Џанандреа, остана без повеќе свои инженери и е преместен на друг проект.
Џанандреа го задржа надзорот врз истражувањето за ВИ, развојот и унапредувањето на големите јазични модели, работата на аналитичарите на ВИ и некои тимови за инфраструктура. Инсајдерите велат дека некои раководители на „Епл“ разговарале за идејата за дополнително намалување на неговата улога или дури и влегување во процес на пензионирање (тој има 60 години), но Федериги и другите се плашеле дека ако замине, по него би си отишле и други истакнати истражувачи и инженери.
Засега Џанандреа останува на своето место, кажувајќи им на колегите дека не сака да замине сè додека работата на компанијата со ВИ не се доведе во ред и на вистинскиот пат. Тој им рекол дека му олеснало што Сири сега е проблем на некој друг.
Тој некој, Роквел, првично се двоумел да ја прифати работата и да го известува директно Федериги, со оглед на минатиот скептицизам на Федериги за ВИ, рекоа неколку колеги. Од друга страна, тоа беше можност да се подобри производ за кој Роквел беше критичен со години. Кога му се приклучи на „Епл“ во 2015 година, тој предложи Сири да се подобри и повеќе да се фокусира на корисничкото искуство: еден вид секогаш активен копилот во животот. „Тој беше возбуден околу тоа колку е важна Сири и како таа ќе биде клучен начин корисниците да комуницираат со своите телефони“, рече лице што го познава Роквел. Главниот фокус на Роквел во тоа време беше да ја натера компанијата да ги подобри гласовните можности на асистентот со ангажирање скапи актери и отворање најсовремени студија за звук. Кога го започна проектот за зголемена реалност, тој сакаше Сири да биде главен интерфејс за навигација, но тешко го убеди тимот на Сири да го стори тоа. Сега ќе биде во подобра позиција да ги добие потребните ресурси за да создаде асистент што работи исто како и добро прифатениот гласовен режим на ЧетГПТ. Роквел веќе го реорганизираше тимот за да се фокусира на забрзување на перформансите на асистентот и подобрување на неговото разбирање.
Во меѓувреме, како и другите технолошки гиганти така и „Епл“ забележува промени во навиките на корисниците. Минатиот месец пребарувањата на Гугл на уредите на „Епл“ се намалија. „Тоа никогаш не се случило во последните 22 години“, рече Кју во сведочењето пред судот, наведувајќи ја ВИ како причина. Тој рече дека компанијата разгледува соработка со компании како „Опен еј-ај“ и „Антропик“ за да го замени начинот на кој Сафари (Safari) пребарува, што е знак дека корисниците сè повеќе се вртат кон асистенти базирани на ЛЛМ за да пронајдат информации. Напредниот модел на ВИ на „Гугл“, Џемини, кој Џанандреа сакаше да го вклучи во Сири минатата година, е на добар пат да биде додаден во iOS 19 како алтернатива на ЧетГПТ, велат луѓе запознаени со планот. „Епл“ е исто така во прелиминарни разговори со стартапот „Перплексити“ (Perplexity) за користење на неговата алатка за ВИ како алтернатива на ЧетГПТ во Сири во иднина, како и за користење на неговиот пребарувач со ВИ во „Сафари“, велат други луѓе запознаени со ова прашање.
Што се однесува до напорите на „Епл“ да развие свој четбот, некои раководители сега инсистираат дека, и покрај двоумењето на Џанандреа, Сири треба да биде вистински конкурент на ЧетГПТ. За таа цел, компанијата почна да ја истражува идејата да му дозволи на виртуелниот асистент да користи информации директно од интернет и да синтетизира податоци од повеќе извори. Вработените велат дека четботот што компанијата интерно го тестира значително се подобрил во последните шест месеци, толку многу што некои раководители веруваат дека е на исто ниво со неодамнешните верзии на ЧетГПТ. Четботот на „Епл“, интегриран во Сири, би помогнал да се избегне потенцијалната загуба на 20-те милијарди долари што „Алфабет“ годишно му ги плаќа на „Епл“ за да го направи Гугл стандарден пребарувач во „Сафари“, договор што беше цел на антимонополска контрола на САД. Раководството на „Епл“ гледа со оптимизам и на уште една ВИ-функција, таа што ќе овозможи Сири да се интегрира со апликациите за ајфон, давајќи им на корисниците поголема гласовна контрола врз нивните уреди. Тоа ќе му овозможи на профитабилниот Епл стор (Apple Store), бизнис со заработка од 20 милијарди долари годишно, да преживее заедно со четботовите што инаку би можеле целосно да ги заменат апликациите.
Извори од „Епл“ велат дека компанијата планира да се фокусира на надградба на постојните можности на Епл интелиџенс и додавање некои нови функции во следната верзија на iOS, која беше претставена на годинашната ВВДК-конференција во јуни. Големите надградби на Сири, вклучувајќи ги и тие што се ветени пред речиси една година, веројатно нема да бидат тема и ќе бидат потребни месеци за да се завршат. Извори од „Епл“ велат дека иако компанијата има големи надежи за ЛЛМ Сири, планира да го пласира брендот Епл интелиџенс одделно од Сири. Тоа е премолчено признание дека лошата репутација на гласовниот асистент нема да помогне во промоцијата на ВИ на оваа компанија. Уште една работа: „Епл“ повеќе нема да објавува нови функции долго пред нивното официјално лансирање, туку најмногу неколку месеци однапред.
Китлаус, еден од креаторите на апликацијата, верува во Сири, која се заснова на ВИ. „Сите овие компании што прават генерички модели немаат поим што е асистент, додека ‘Епл’ работи на овој концепт од 2010 година“, вели тој. Според него, сè што треба да направи компанијата е да ја направи Сири многу попаметна. „Тие сè уште имаат контрола и бренд и ако можат успешно да го заменат ‘мозокот’ на Сири, ќе има огромни шанси таа да стане прв избор за асистент.“
Во моментов нема коментари за веста. Биди прв да коментира...