Македонија во изминативе години бележи позитивни промени на пазарот на трудот од аспект на намалување на бројот на невработени лица и пораст на просечната плата, но сепак претстои уште многу работа за да дојдеме до раст на бруто-домашниот производ што ќе донесе подобрување на животниот стандард на работниците и воопшто на граѓаните, од кои поголем дел денес едвај врзува крај со крај.
Според последните податоци на Државниот завод за статистика, просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во февруари 2024 година изнесува 39.276 денари. Но треба да се земе предвид дека голем број работници имаат месечни примања многу пониски од државниот просек и сонуваат за просечна плата.
Инаку, заклучно со 2023 година, активното население во Македонија изнесувало 791.647 лица, од кои вработени биле 688.296, а 103.351 лице биле невработени. Стапката на активност во овој период била 52,3, стапката на вработеност 45,4, додека стапката на невработеност изнесувала 13,1. Најмногу вработени имало во преработувачката индустрија, трговијата, земјоделството и во јавната администрација.
Сепак, слободни работни места за оние што не сакаат да седат без работа има во секој момент. Во четвртото тримесечје од 2023 година стапката на слободни работни места изнесувала 1,90 процент. Највисока стапка на слободни работни места од 3,44 проценти имало во секторот градежништво, додека најмала била стапката во секторот снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација, каде што изнесувала 0,47 проценти.
Деловните субјекти со број на вработени од 250 и повеќе имале највисока стапка на слободни работни места, која изнесувала 2,05 проценти, а Пелагонискиот Регион предводел во стапката на слободни работни места, која изнесувала 2,62 проценти. На крајот на минатата година најголем број слободни работни места односно 2.656 имало во групата занимања - работници во услужни дејности и продажба.