Бројот на активно население во Македонија лани изнесувал 796.399 лица, што е помалку за 158.525 лица во однос на 2015 година кога оваа бројка изнесувала 954.924 лица, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.
Во периодот 2020-2025 година, стапките на активност, вработеност и невработеност бележат промени од година во година, во насока на пораст и или намалување.
„Во последната година од овој период, стапката на активното население кај мажите бележи намалување од 5,2 процентни поени во однос на 2020 година. Највисока стапка на вработеност од 47,5 проценти е забележана во 2020 година, додека пониска стапка на вработеност од 46,4 проценти е забележана во 2025 година“, наведуваат од Државниот завод за статистика во публикацијата „Македонија во бројки 2026“.
Прочитај повеќе
Стапката на невработени во Македонија падна на 11,4 проценти
Бројот на невработени на крајот од минатата година изнесувал 91.388 лица.
26.02.2026
Пазар на труд: Фалат 10.000 работници, а над 35.000 лица се без работа над пет години
Од почетокот на минатата година до крајот на првиот квартал годинава, според податоците на Државниот завод за статистика бројот на невработени се намалил за околу 2000 лица.
16.06.2026
Македонија станува нов дом за странски работници, кои доаѓаат со цели семејства
Само за четири и пол месеци годинава речиси двојно е зголемен бројот на странци со одобрен престој.
27.05.2026
На македонскиот пазар на труд „врие“ од необразовани ама и од стручњаци и научници
Статистиката за бројот на вработени според занимањето открива дека во Македонија заклучно со минатата година најбројни биле стручњаците и научниците (околу 140.000 лица).
01.05.2026
Всушност, статистичките податоци откриваат дека бројот на вработени лица во изминатава деценија е приближно ист. Имено, во 2015 година во земјава имало 705.991 вработени, а лани бројот на вработени изнесувал 704.617 лица.
Ако се земе предвид дека според процененетите податоци на ДЗС вкупниот број на жители во Македонија на крајот на минатата година изнесувал 1.819.074, математиката покажува дека лани работеле само 38,7 проценти од вкупното население во државата.
Инаку, повисока стапка на вработеност во изминатиов петгодишен период се забележува кај мажите во 2020 година (55,9 проценти), што рефлектира поголемо учество на мажите во вкупниот број на работоспособното население. Стапката на вработеност кај жените во 2025 година бележи исто така намалување од 0,6 процентни поени во однос на 2020 година. Највисока стапка на невработеност од 16,2 проценти е забележана во 2020 година, додека пониска стапка на невработеност од 11,5 проценти е забележана во 2025 година.
Неповолни демографски трендови
Една од причините за намалувањето на активното население се демографските трендови во Македонија кои се одразуваат преку негативен природен прираст и во градските и во селските подрачја. Во 2025 година, во градските подрачја се живородени 9.535 деца, што е 60,2 проценти од вкупниот број на живородените деца, додека 6.315 деца или 39,8 проценти се живородени во селските подрачја. Најголемо учество во однос на вкупниот број раѓања има Скопскиот регион со 41,6 проценти, а најмало Источниот регион со 6,1 проценти.
Во градските подрачја умреле 12.902 лица или 63,6 проценти, а 7.385 лица или 36,4 проценти умреле во селските подрачја. Најголемо учество во однос на вкупниот број умрени лица, по региони, има Скопскиот со 30,4 проценти, а најмало Североисточниот регион со 8 проценти.
Природниот прираст кај населението e негативен и во градските подрачја е -3.367 лица, a во селските подрачја -1.070 лица.
Иселувања
„Блумберг Адрија“ неодамна пишуваше деја вкупниот број македонски државјани регистрирани како странци што живеат во Германија заклучно со декември минатата година изнесувал 161.120 лица, што е за над 2.000 лица повеќе отколку во 2024 година кога оваа бројка изнесувала 158.995 лица, покажуваат податоците на германскиот Федерален завод за статистика. Од 2015 година до 2025 година бројот на македонски државјани регистрирани како странци во Германија се зголемил за над 65.000 лица.
Германската статистика открива и дека континуирано расте бројот на натурализирани македонски граѓани во Германија односно лица кои добиле германско државјанство. Од 2000 година до 2024 година вкупно 24.013 македонски граѓани условно кажано станале Германци.
Бранот на иселувања на македонските граѓани во Германија во 21 век е толку голем што носи тренд македонските деца да се раѓаат на германско тло. Имено, статистиката открива дека само во минатата година во Германија се родиле 1.620 новороденчиња од „странци од Македонија“.
Според податоците на Федералниот завод за статистика просечната возраст на македонските државјани евидентирани како странци во Германија е околу 35 години, што значи дека станува збор за релативно млада популација која не е ниту на средината на работниот век.
Од друга страна, во повеќе наврати пишувавме дека Македонија континуирано се соочува со недостиг од работна сила. Најдобар показател за тоа се податоците на Државниот завод за статистика кои откриваат дека бројот на слободни работни места веќе неколку години наназад во континуитет надминува 10.000.