На денешната владина седница по предлог на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Минстерството за економија усвоена е одлука за забрана на извоз на семе од сончоглед до крајот на годинава.
„Причината за дополнување на одлуката за ограничување на извозот на одделни стоки со тарифната ознака 1206 00 - семе од сончоглед, вклучувајќи кршени или дробени е да се овозможи по завршување на жетвата која треба да започне во втората половина на август, најпрво да се снабди домашниот пазар односно домашните капацитети на производство на масло од сончоглед за јадење“, соопшти Министерството за земјоделство.
Оттаму информираат дека во изминатиот период биле одржани состаноци со производители и откупувачи на сончоглед при што било заклучено дека во државата има доволни количини и финансиски средства за откуп на сончогледот од регистрираните откупни претпријатија. Во 2022 година се очекува производство на 11.800 тони сончоглед, и има доволни количини за покривање на 2 месеци од домашните потреби.
„Со цел поддршка на производството на сончоглед, МЗШВ креираше неколку мерки. За прв пат оваа година преку интервентната програма се обезбеди финансиска поддршка за вештачко ѓубриво за сончоглед и тоа 40 отсто од цената или 2.500 денари по хектар како дополнителна мерка на основната финансиска поддршка по 11.000 денари на хектар без користење на сертифициран семенски материјал и по 15.000 денари на хектар со користење на сертифициран семенски материјал“, велат од Министерството.
Исто така, воведена е дополнителна мерка за произведен и предаден сончоглед со минимум 1.500 кг/ха во регистрирано откупно претпријатие, во износ од 5.760 ден/ха.
„Целта на овие мерки е домашното производство да се предаде на домашните откупни претпријатија и тоа ќе се реализира со оглед дека кај производството на сончоглед од оваа година стартуваше договорно производство“, укажуваат од Министерството.