Петте терестријални телевизии на државно ниво (Алфа, Алсат-М, Канал 5, Сител и Телма) лани оствариле вкупни приходи од 1,32 милијарда денари (21,4 милион евра). Нивните вкупни трошоци изнесувале 1,19 милијарда денари (19,3 милиони евра), а вкупната добивка била 112,4 милиони денари (1,8 милион евра). Сите пет телевизии оствариле добивка од работењето.
„Во однос на претходната година, заедничките вкупни приходи на овие пет телевизии се повисоки за 19 проценти, што се должи на приходите од платеното политичко рекламирање за време на парламентарните и претседателските избори (199,48 милиони денари)“, констатираат од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги во анализата на пазарот за 2024 година.
Оттаму информираат дека дури 43 проценти од вкупните приходи на овој релевантен пазар се приходите на Сител (во апсолутен износ од 566,3 милиони денари односно 9,2 милиони евра), а 21 процент се приходите на Канал 5 (281,8 милион денари или околу 4,5 милиони евра). Преостанатите 36 проценти се приходите на Алсат М (180,63 милиони денари или 2,9 милиони евра), Телма (152,61 милиони денари или 2,4 милиони евра) и на Алфа (135,1 милиони денари или 2,1 милиони евра).
„Гледано поединечно, пад на вкупните приходи во однос на претходната година има само кај Алфа (за три проценти), додека кај другите телевизии има зголемување, и тоа: кај Сител за 19 проценти, кај Алсат-М за 13 проценти и кај Телма за 33 проценти. Во периодот од последните шест години Алфа и Алсат-М прикажале највисоки вкупни приходи во 2021 година, додека Канал 5, Сител и Телма во 2024 година“, посочуваат од АВМУ.
Точно 95 проценти од вкупните приходи биле остварени од емитување реклами, и тоа 80 проценти од комерцијално рекламирање (1.051,30 милион денари односно 17 милиони евра) и 15 проценти од платено политичко рекламирање (199,48 милиони денари односно 3,2 милиони евра).
Во анализираната година приходите од комерцијалното рекламирање биле за 10,05 проценти повисоки отколку во 2023 година. Во 2024 година за првпат биле остварени повисоки приходи од комерцијално рекламирање отколку во претпандемиската 2019 година - номиналното зголемување во однос на 2019 година изнесува 90,08 милиони денари (1,4 милион евра), a стапката на раст 9,37 проценти.
„Стапката на реален раст е пониска со оглед на годишните стапки на инфлација за овој период (во 2020 година инфлацијата изнесува 1,2 проценти, во 2021 година 3,2 проценти, во 2022 година 14,2 проценти, во 2023 година 9,4 проценти, а во 2024 година 3,5 проценти)“, наведуваат од АВМУ.
Истовремено, вкупните трошоци на овие пет телевизии во 2024 година се за 12,39 проценти повисоки отколку во 2019 година.
Само Алсат-М остварила помалку приходи од комерцијалното рекламирање отколку во претходната година, и тоа за 10,50 проценти. Кај другите телевизии имало зголемување, и тоа кај Алфа се зголемиле двојно, кај Канал 5 за 8,92 проценти, кај Сител за 8,39 проценти и кај Телма за 10,50 проценти.
„При пресметувањето на уделите во вкупните приходи од рекламирање предвид се земени и приходите на јавниот радиодифузен сервис, поради тоа што во овој дел од работењето МРТВ се јавува како субјект на овој релевантен пазар“, укажуваат од АВМУ.
Која телевизија има најголема гледаност?
Споредбената анализа покажува дека Сител имала најголем удел во гледаноста и најголем дел од рекламниот колач, а на второ место по двата аспекта била Канал 5. Иако според гледаноста Алфа била на трето место, Алсат-М и Телма оствариле повисоки приходи од рекламирање од неа.
Од вкупните приходи од 3,2 милиони евра платено политичко рекламирање во минатата година за време на парламентарните и претседателските избори, најголем дел од овие средства бил издвоен за рекламирање на Сител (55,67 милиони денари или 905.000 евра). Канал 5 и Алсат-М оствариле приближно исти приходи од 51,87, односно 51,51 милион денари (843.000 евра и 837.000 евра, соодветно), потоа следува Телма со 25,77 милиони денари (419.000 евра), а најниски се приходите на Алфа (14,65 милиони денари или 238.000 евра). Најмногу платено политичко рекламирање емитувала Канал 5 (326.864 секунди), а најмалку Телма (146.169 секунди).
„Разликите во времето издвоено за емитување платено политичко рекламирање и остварените приходи од платеното политичко рекламирање се должат на различните ценовници на секоја од телевизиите, во зависност од гледаноста, но и од интересот на учесниците во изборните процеси да се рекламираат на одредена телевизија“, укажуваат од АВМУ.
Вкупните средства од 19,3 милиони евра што ги потрошиле петте телевизии во 2024 година се највисок износ на заедничките трошоци во последните шест години. Во однос на 2023 година трошоците биле повисоки за 8,12 проценти. Само Сител потрошила помалку средства отколку во претходната година. Другите четири телевизии ги зголемиле трошоците, а најмногу Канал 5.
Најмногу средства биле потрошени за плати и други надоместоци на вработените лица. За оваа намена телевизиите заедно издвоиле 34,71 милиони денари (564.000 евра) повеќе отколку во 2023 година, односно овој вид трошок во 2024 година изнесувал вкупно 425,47 милиони денари (6,9 милиони евра). Сите телевизии потрошиле повеќе за плати отколку во претходната година. Сител имала најмногу вработени - просечниот број на вработени во редовен работен однос изнесувал 152 лица. Просечниот број на вработени во сите телевизии заедно изнесувал 585 лица, три лица помалку отколку во 2023 година. Зголемување на бројот на вработени имало само кај Сител, и тоа за пет лица.
Сител со поголема добивка од сите телевизии на пазарот
Сите пет телевизии работеле со добивка, но најдобар финансиски резултат имала Сител – износ од 98,76 милиони денари (1,6 милион евра).
„Добивката на оваа телевизија е речиси двојно повисока од заедничката добивка на сите други телевизии на пазарот (на државно, регионално и локално ниво) во 2024 година. Овој е најдобриот остварен финансиски резултат во овој сектор од телевизиската индустрија во последните шест години“, наведуваат од АВМУ.
Од Агенцијата информираат дека на крајот на 2024 година во Македонија имало 92 радиодифузери, од кои 37 телевизии и 55 радиостаници, што е намалување во однос на почетокот на годината за 11 радиодифузери (престанале да важат дозволите на три телевизии и осум радиостаници).
Simon Bellis/Bloomberg
„Анализата на податоците за економското работење на комерцијалните телевизии, на прв поглед, покажува подобрување – остварени се повисоки вкупни приходи отколку во претходната година и позитивен финансиски резултат од работењето. Меѓутоа, реалната слика е поинаква, поради тоа што зголемувањето се должи исклучиво на приходите од платеното политичко рекламирање за време на парламентарните и претседателските избори, а не на економскиот развој на секторот“, укажуваат од АВМУ.
Ако од вкупните приходи се одземат приходите од платеното политичко рекламирање, зголемување на заедничките вкупни приходи во однос на претходната година има само кај терестријалните телевизии на државно ниво, и тоа за само 0,92 проценти, а кај сите други сегменти од телевизискиот пазар има намалување на приходите, и тоа кај телевизиите на државно ниво преку неограничен ресурс за 21,12 проценти, кај регионалните телевизии за 13,25 проценти, а кај локалните телевизии за 17,93 проценти.
Како е кај радијата?
Вкупните приходи на пазарот на радијата изнесувале 246,2 милиони денари ( четири милиони евра), а финансискиот резултат од работењето на сите радиостаници бил добивка во износ од 21,76 милион денари (353.000 евра). Во споредба со претходната година, приходите на пазарот на радијата се повисоки за 32,76 проценти.
Depositphotos
За разлика од растот кај комерцијалните телевизии, растот кај комерцијалните радиостаници не е поттикнат само од приходите од платеното политичко рекламирање за време на парламентарните и претседателските избори туку и од зголемувањето на приходите од комерцијалното рекламирање. Повисоки приходи од комерцијалното рекламирање оствариле радиостаниците на државно ниво (за 8,93 проценти) и регионалните радија (за 25,69 проценти). Локалните радиостаници се единствен сегмент на пазарот на радијата што остварил пониски приходи, и тоа за 3,16 проценти.
Во моментов нема коментари за веста. Биди прв да коментира...