Претседателот Доналд Трамп во петокот издаде наредба за намалување на царините за говедско месо, домати, кафе и банани, потег насочен кон намалување на трошоците за прехранбените производи додека администрацијата се соочува со притисок од избирачите да ги спушти цените на секојдневните продукти. Изземањата би ги намалиле трговските давачки за овие производи, за кои Белата куќа наведе дека во САД не можат да се произведат во доволни количини за задоволување на домашната побарувачка. Стотици прехранбени производи, вклучувајќи кокос, јаткасти плодови, авокадо и ананас, се најдоа на листата на артикли за кои администрацијата воведе изземање од царини. Царинските изземања стапуваат на сила ретроактивно од 12:01 часот наутро по нјујоршко време на 13 ноември.
Потегот доаѓа во момент кога Трамп се фокусира на мерки за пристапност, додека избирачите стануваат сè поскептични за состојбата на економијата под негово водство. Тоа е и тивко признавање дека царинските политики на претседателот придонеле за ценовни притисоци врз американските потрошувачи.
Висок функционер од Белата куќа, кој побарал анонимност за да зборува за извршната наредба, претходно во петокот изјави дека претседателот го исполнува своето ветување да преговара за трговски договори и потоа да ги прилагодува давачките по потреба. Американскиот трговски претставник Џејмисон Грир во петокот го најави планот, велејќи дека тој се вклопува во пошироката стратегија на Трамп за создавање царински изземања за клучни производи и сектори.
„Сега е вистинско време да се ослободат некои од тие артикли за кои претседателот рече дека ќе ги ослободи,“ изјави Грир. „Ова е природна последица од тоа што претседателот претходно го најави – и токму тоа го прави денес.“
Трамп и високите американски функционери ги отфрлаат критиките дека нивните трговски политики ги зголемиле трошоците за живот, но признаваат дека се потребни дополнителни мерки за намалување на високите цени кои со години ги фрустрираат граѓаните. Трамп редовно ги фали царините, тврдејќи дека верува дека увозните давачки делумно се компензираат со намалување на цените од страна на продавачите, ублажувајќи го ефектот врз потрошувачите.
Кандидатите од Републиканската партија на Трамп минатата недела загубија неколку важни државни и локални избори, на кои противниците ги нагласуваа политиките насочени кон решавање на прашањата за пристапност.
Цени на говедското месо
Намалувањето за говедското месо доаѓа откако Трамп изјави дека САД ќе ја зголемат набавката од Аргентина, што предизвика незадоволство кај сточарите и републиканските претставници од земјоделските држави. Потрошувачките цени достигнаа рекордни нивоа поради намалувањето на домашното сточарство. Сепак, силната побарувачка ја прави земјата сè позависна од увоз за да ја надомести празнината.
Цените на кафето исто така скокнаа, а пазарот на фјучерси неодамна достигна нов рекорд откако американските царини на Бразил ја запреа трговијата со ова добро меѓу двете земји. Американските набавки на бразилско кафе паднале за повеќе од 50 проценти од август до октомври додека царините биле на сила, според податоците на бразилската индустриска група „Цекафе“ (Cecafé). Домашното производство на кафе е занемарливо, а и малкуте американски производители изразија загриженост дека високите цени може да ја намалат побарувачката за нивните производи.
Од јули, бразилскиот извоз се соочува со можност за царини од 50 проценти, кои се состојат од 10 проценти реципрочни царини и дополнителна такса од 40 проценти наменета за казнување на земјата поради кривичниот прогон на поранешниот бразилски претседател и сојузник на Трамп, Жаир Болсонаро.
Промените воведени во петокот влијаат само на царините од 10 проценти, што значи дека земјоделските производи од Бразил и понатаму ќе ја плаќаат дополнителната давачка од 40 проценти, изјави функционер од Белата куќа кој зборуваше под услов на анонимност.
Ова на сила остава значителен дел од царините за извоз на кафе и говедско месо. Царините на Трамп врз јужноамериканската земјоделска сила ги влошија постојните недостатоци на двата пазара, туркајќи ги потрошувачките цени на рекордни нивоа.
Меѓу изземањата се наоѓаат и какаото и замрзнатиот сок од портокал, како и некои јаткасти плодови и тропско овошје. Списoкот опфаќа и многу видови ѓубрива, зачини и семиња.
САД увезува сè повеќе тропски производи кои не можат да се одгледуваат во земјата, проширувајќи го својот земјоделски трговски дефицит. Се очекува увозот на таквите производи годинава да достигне 39,4 милијарди долари, што претставува 18 проценти од вкупниот американски земјоделски увоз. Само кафето учествува со една третина од таа вредност, според американското Министерство за земјоделство.
Во четвртокот администрацијата најави договори со неколку латиноамерикански земји – вклучувајќи ги Аргентина, Гватемала, Ел Салвадор и Еквадор – кои исто така имаат за цел да помогнат во намалувањето на цените на производите што во САД не се произведуваат во значителни количини.