Главна дејност на „Еко солар“ е примена на соларна енергија во агросекторот. Изработуваме хибридни сушници за овошје и зеленчук, кои не користат фосилни горива и затоа нема аерозагадување. Поради тоа сушењето е евтино.
Во последно време ценaта на енергијата и на храната расте. Во Македонија во 2021 година имало 929 органски производители на овошје и зеленчук. Првата класа свежо овошје се продава веднаш на пазарот, но земјоделците имаат проблем со продажба на втората класа органски плодови, на кои има оштетувања од дожд, град, од бербата или транспортот. Тие плодови се фрлаат.Затоа ние нудиме уникатна можност тие производи да се исушат со зелена енергија и повторно да се продадат. На таков начин, државата ќе добие ново количество храна од сопствена територија.
Нудиме три типа хибридни сушници (од 100, 200 и 300 килограми). Тие користат комбинација од воздушни сончеви колектори (за добивање топол воздух), PV панели и дополнување на електрична енергија од „Електрани на Северна Македонија“ или ЕВН.
Цел на проектот: Сегашните сушници во Македонија работат на нафта, дрва, пелети или на течен нафтен гас. Процесот на сушење е скап, а и се загадува околината. Таа технологија мора да се замени со нова, која нема да загадува.Веќе имаме продадено над 20 сушари со капацитет од 100кг кои ги користат индивудалните земјоделци, едукативни установи или првиатни компании. Поголемите сушари ги набавуваат компании во Македонија што работат со големо производство и вакви имаме веќе доставено во повеќе локации низ Македонија како: Велес, Неготино и Штип.