text size
Македонските граѓани направиле поголем промет на странските берзи во првиот квартал годинава во однос на истиот период лани, покажуваат податоците на Комисијата за хартии од вредност. Во првите три месеци физичките лица и компаниите од земјава истргувале акции, обврзници и други инструменти во вредност од 1,85 милијарди денари или нешто над 30 милиони евра, што е за околу 15 отсто повеќе. Колку за споредба, на домашната берза за целото полугодие прометот со акции во класично тргување е околу 50 милиони евра, додека за првиот квартал изнесува 28,5 милиони евра. Ова значи дека во првите три месеци прометот во класично тргување на Македонска берза (без блоковите) е помал одошто прометот што го направиле македонските резиденти на странските берзи.