Група берзански прогнозери во некои од најголемите компании на Волстрит ги предупредуваат клиентите да се подготват за пад бидејќи до небо високите вреднувања на акциите се судираат со влошени економски податоци. Вчера „Морган Стенли“, „Дојче банк“ и „Евркор“ предупредија дека индексот S&P 500 се очекува да падне во блиска иднина - во наредните недели и месеци. Предвидувањата доаѓаат по жестокиот раст од априлските најниски нивоа што го искачи показателот на дотогаш невидени нивоа.
Стратегот на „Морган Стенли“, Мајк Вилсон, предвидува корекција до 10 проценти во овој квартал бидејќи царините ги погодија потрошувачите и корпоративните биланси на состојба. Џулијан Емануел од „Евркор“ очекува позначаен пад од дури 15 проценти. А тимот на „Дојче банк“, предводен од Параг Тате, забележува дека малото намалување на акциите е задоцнето.
„Во текот на последните неколку недели забележавме дека инвеститорите треба да очекуваат скромно повлекување во третиот квартал“, наведе Вилсон во својата белешка до клиентите.
Bloomberg
Повиците доаѓаат во услови на растечка загриженост за американската економија откако податоците од минатата недела покажаа зголемување на инфлацијата, како и слабеење на растот на работните места и потрошувачката.
Покрај тоа, акциите влегуваат во тоа што обично претставува нивен најслаб период од годината. Во текот на изминатите три децении индексот S&P 500 имаше најлоши резултати во август и септември, губејќи просечно по 0,7 проценти секој месец, што е многу полош перформанс во споредба со просечно зголемување од 1,1 отсто во другите месеци, покажуваат податоците собрани од „Блумберг“.
Тргувањето со опции исто така покажува страв од пад бидејќи заштитата од уште еден пад станува поскапа. Договорите што штитат од пад од 10 проценти на SPDR S&P 500 ETF Trust (SPY) во следните 60 дена во споредба со цената на договорите што се хеџираат од сличен раст се движат околу нивоа што не се видени од регионалната банкарска криза во мај 2023 година.
Сепак, и покрај краткорочните грижи, предупредувањата доаѓаат со голема биковска напомена: Во случај на пад, купувајте.
Во „Евркор“, Емануел нагласува дека долгорочниот биковски пазар на акции сè уште е недопрен и покрај очекувањата за нестабилност и им советува на клиентите да останат во инвестициите, особено во компаниите што профитираат од бумот на вештачката интелигенција. Тате од „Дојче банк“ истакнува дека историски индексот S&P 500 доживува мали падови од околу три отсто во просек на секои месец и пол до два, а поголеми од околу пет проценти или повеќе на секои три-четири месеци.
„Ние сме купувачи на падови“, им рече Вилсон на клиентите.
Засега трговците го следат советот. Индексите S&P 500 и Nasdaq 100 вчера пораснаа за повеќе од еден отсто по распродажбата во петокот поради оптимизмот дека Федералните резерви наскоро ќе ги намалат каматните стапки.
— Текстот е напишан со помош од Јан-Патрик Барнерт и Мет Тарнер.
Во моментов нема коментари за веста. Биди прв да коментира...