Новиот биткоин фонд со кој се тргува на берза (ЕТФ), Nicholas Bitcoin and Treasuries AfterDark (тикер: NGHT), започна со тргување оваа недела, со цел да ги искористи ноќните ценовни разлики на криптовалутата кои се јавуваат кога Волстрит е затворен. Овој иновативен фонд е дизајниран така што купува биткоин по затворањето на пазарот и продава пред неговото отворање, додека во текот на денот, капиталот се насочува кон краткорочни американски државни обврзници, за да се минимизира ризикот и да се генерираат стабилни приноси.
Откако беше лансиран биткоин ЕТФ на „Блекрок“ (BlackRock), iShares Bitcoin Trust (тикер: IBIT) во јануари 2024 година, аналитичарите открија значителни ценовни разлики помеѓу затворањето на пазарот и неговото отворање. Податоците на БИГ (Bespoke Investment Group) покажуваат дека овие „ноќни празнини“ донеле приближно 200 отсто добивка, што го надминува растот на традиционалната стратегија за купување и држење биткоин, која за истото време остварила раст од повеќе од 40 отсто. Наспроти тоа, стратегијата за купување на отворање и продавање на затворање предизвикала губитоци од повеќе од 50 отсто.
Менаџиран од управителот на капитал, НВ (Nicholas Wealth), фондот го користи овој модел за да оствари долгорочен раст, но без директно да поседува биткоин. Стратегијата на фондот вклучува купување биткоин преку свопови во 16 часот по источен временски појас (ET) и продажба пред отворањето на пазарот следното утро, додека за време на американската трговска сесија капиталот е вложен во краткорочни обврзници.
Според извршниот директор на Nicholas Wealth, Дејвид Николас, овој ЕТФ нуди даночни предности за инвеститорите. Бидејќи овој ЕТФ редовно купува и продава без да предизвика ситуации за оданочување (како што би било случај за индивидуалните трансакции), ова им овозможува на инвеститорите да ги избегнат даночните последици кои се наметнуваат кога се тргува со криптовалути самостојно.
Истражувања од Фед и академски студии објавени во 2021 година откриле дека значителен дел од премијата на ризик од акции во индексот S&P 500 се генерира надвор од редовните трговски часови. Овој феномен, познат како overnight drift, не е нов и е многу присутен и на пазарите со криптовалути. Експертите за биткоин посочуваат неколку фактори кои објаснуваат зошто ноќните растови се толку изразени: глобалните криптотрансакции во азиските и европските часови, тенката ликвидност преку ноќта која ги засилува ценовните поместувања, и продажниот притисок за време на американските сесии поврзан со ЕТФ хеџирање и прекројување на деривати.
NGHT ETF не е единствениот пример на пазарот кој го користи ова стратешко време за профитирање. Во последните години, индустријата на ЕТФ се развива кон стратегии кои го користат тајмингот и пазарната структура како конкурентски предности. Новиот фонд се придружува на брзо растечката сфера на биткоин и други криптовалутни фондови, кои сега вклучуваат повеќе од 140 фондови листирани во САД.
Сепак, и покрај новиот интерес за овие стратегии, претходните обиди со слични ЕТФ-ови кои се фокусираат на ноќни растови на американските акции се распаднаа по краток период на тргување во 2023 година. Ова потсетува дека инвестирањето во биткоин и други криптовалути останува високо ризично и може да има значителни флуктуации во краток рок.