Пазари

‚Гаспром‘ подготвен да го обнови протокот на гас преку ‚Северен тек‘

Извор: Bloomberg News

20 јули 2022, 10:48

Зависна од рускиот гас, Европа е во дилема

Рускиот претседателот Владимир Путин сугерираше дека протокот ќе продолжи

Bloomberg

„Гаспром“ (Gazprom PJSC) е подготвен в четврток да го рестартира извозот на гас преку својот гасовод „Северен тек“ кон Европа, со намален капацитет, според извори запознаени со ова прашање.

Снабдувањето ќе продолжи откако утре ќе завршат работите за одржување, но ќе остане под нормалата бидејќи рускиот гасен гигант прогласи виша сила за некои европски клиенти, посочуваат изворите, кои побарале да останат анонимни, бидејќи информациите се приватни. Протокот низ најголемата врска на Русија со Европа беше ограничен на 40 отсто од капацитетот пред да почнат работите за одржување.

Претседателот Владимир Путин сугерираше дека протокот ќе се рестартира, но предупреди дека доцнењето со добивање на турбината од витално значење за снабдување на гасоводот би можело да доведе до намалување на обемот на само 20 отсто од капацитетот веќе на крајот на овој месец, кога треба да започнат работите за одржување на уште една единица. Турбината беше испратена во Канада на поправка и таму беше задржана поради санкциите.

„Сега работат само две“, рече тој, мислејќи на турбините, по самитот во Иран во вторникот вечерта. Но, ако единицата што се враќа од Канада не пристигне навреме за да ја замени онаа што треба да се испрати на поправка, предупреди тој, ќе работи само една и ќе се пумпаат околу 30 милиони кубни метри дневно.

Зависна од рускиот гас, Европа се сомнева дали протокот ќе продолжи во четврток или не, бидејќи за утре е најавено завршување на работите за одржување. Целосното исклучување би било катастрофално за европската индустрија и ја зголемува можноста за рационализација и исклучувања оваа зима. Борбата за гас дури и го поткопува еврото, а Европската комисија се обидува да најде начини за блокот да ја намали потрошувачката.

Зајакнувајќи ја раката на Москва, скокот на цените на гасот му овозможи на „Гаспром“ да ја исполни својата годишна цел за извозни приходи од клучните пазари за само пет месеци, вели еден од изворите.

Одлуката да се прогласи виша сила за испораките на неколку европски клиенти на 14 јули ги поттикна шпекулациите дека испораката на гасот нема да биде обновена.

Сепак, спорот околу турбината, која е зафатена со канадски санкции, се чини дека е на пат да се реши по дипломатските напори на германскиот министер за економија, Роберт Хабек. И како уште еден потенцијално позитивен сигнал, мали количини гас беа испратени преку врската во вторникот, за што операторот рече дека е технички неопходно изедначување на притисокот. „Северен тек“ во вторникот соопшти дека се држи до распоредот.

Европа се подготвува за најлошото: еврокомесарот за буџет Јоханес Хан во вторникот рече дека блокот работи на претпоставката дека тековите нема да продолжат. Од своја страна, германската влада посочи дека ќе почека барем до понеделник пред да процени дали протокот ќе продолжи или не. Ова е за да се даде повеќе време клучниот дел од системот да се врати од Канада во Русија.