Цената на нафтата се движи кон најголемиот неделен пад во последниве две години по примирјето меѓу Израел и Иран, при што фокусот се префрла од конфликтот на Блискиот Исток кон трговските преговори на САД.
Брентот остана стабилен на околу 68 долари за барел, што е речиси 12 процентен пад за една недела, додека ВТИ (West Texas Intermediate) се тргува над 65 долари. Бидејќи кревкото примирје сè уште трае, инвеститорите го насочуваат вниманието кон напредокот во трговските разговори меѓу САД и Кина. Секретарот за трговија Хауард Лутник изјави дека минатиот месец била постигната спогодба.
Договорот што беше потпишан пред два дена вклучува одредби за испорака на ретки земни елементи од Кина во САД, изјави тој за „Блумберг“. Портпарол на кинеската амбасада во Вашингтон одби да коментира, додека Министерството за надворешни работи на Кина во Пекинг не одговори веднаш на барањето за коментар во петокот.
Цената на нафтата флуктуираше во опсег од околу 15 долари за барел неделава, откако во понеделникот нагло порасна поради американското бомбардирање на ирански нуклеарни објекти, пред претседателот Доналд Трамп да прогласи примирје во вторникот. Примирјето ги намали стравувањата од прекини во снабдувањето од регионот што произведува околу една третина од светската сурова нафта.
По примирјето, Трамп испрати збунувачки пораки за својата кампања на максимален притисок врз иранските петродолари, дури и укажувајќи дека американските финансиски санкции не ja спречуваат Кина да купува нафта од Исламската Република. Според „Си-ен-ен“ (CNN), неговата администрација разгледува поттикнувачки мерки за повторно започнување на разговорите со Техеран, вклучувајќи и можно олеснување на санкциите и ослободување на замрзнати средства. Иран ги отфрли тврдењата за обновување на нуклеарните разговори со САД, според државната агенција ИРНА (IRNA).
„Нафтата ја заврши бурната недела со речиси целосно бришење на воената премија со зачудувачка брзина“, изјави Пријанка Сачдева, виш пазарен аналитичар во брокерската куќа ФН (Phillip Nova Pte) во Сингапур. „Со тоа што конфликтот на Блискиот Исток избледува, фокусот сега се префрла на трговските тензии и ОПЕК“.
Спогодбата со Кина што ја спомена Лутник доаѓа пред рокот на 9 јули, кога САД треба да одлучат дали ќе воведат царински „ден на ослободување“ за своите главни трговски партнери. Секретарот за трговија додаде дека Белата куќа има непосредни планови за постигнување договори со 10 големи трговски партнери.
Пазарот на нафта сега ќе гледа кон ОПЕК+ и можноста за ново големо зголемување на квотите. Групата ќе се состане на 6 јули за да одлучи за производствената политика за август.
Во моментов нема коментари за веста. Биди прв да коментира...